Казни за 133 возачи за брзо возење на територија на цела држава

Во спроведената акциска контрола на територијата на Република Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, вчера се казнети 133 возачи, соопшти денеска МВР.

Од нив девет возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 55 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 78 надвор од населено место.

Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.

Состојба на патиштата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.

На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Сончево и топло, попладне локално дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. 

Попладне ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, наместа со услови за појава на краткотрајно невреме. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец најизразен долж Повардарието, соопшти УХМР.

Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16, а максималната ќе достигне од 23 до 27 степени.

Во Скопје променливо облачно со повремен дожд. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со краткотраен пороен дожд и услови за појава на грмежи. Ќе дува умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 26 степени.

Утре долж Повардарието ќе дува засилен ветер. До среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме, со засилен ветер, обилен пороен дожд за кратко време и изолирана појава на град. Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок. Температурите ќе бидат без значителна промена.

Судскиот совет му го одзема имунитетот на врховниот судија Георгиев и одобри негов притвор

 Судскиот совет на Република Македонија на итната седница на полноќ му го одзема имунитетот на врховниот судија Наќе Георгиев со што го одобри неговиот притвор, а го оддалечи и од вршење на судиската функција.

Како што соопштија од Судскиот совет, на 487-та итна седница одржана на ден 21 мај 2024 година, Советот расправаше и одлучуваше по барање на Основен кривичен суд Скопје за одземање на имунитет на судија и за одобрување на притвор на судија.

-Судскиот совет, го одзема имунитетот на судија на Врховниот суд на РСМ, заради непречено водење на кривичната постапка. Го одобри барањето за одобрување на притвор на судија на Врховниот суд на РСМ поднесено од судија на претходна постапка на Основниот кривичен суд Скопје и времено го оддалечи од вршење на судиската функција судијата на Врховниот суд на РСМ, до правосилно завршување на кривичната постапка, се наведува во соопштението.

Георгиев вчера беше уапсен за примање примање награда за против законито влијание, а како што соопшти полицијата, бил лишен од слобода додека го вршел кривичното дело.

притисни ентер