Кина ја проширува својата „Небесна палата“- вселенската станица ќе добие уште три модули

Кина планира да ја прошири својата вселенска станица Тиангонг (името значи небесна палата на кинески) од постојните три на шест модули, објави Џанг Киао, истражувач во Кинеската академија за вселенска технологија (CAST).

Вселенската станица ќе игра важна улога како „главен космодром“ и ќе биде алтернативна платформа за сите вселенски станици блиску до Земјата, објасни Џанг на Меѓународниот астронаутички конгрес во Баку.

По проширувањето, „Небеската палата“ ќе тежи 180 тони, што е околу 40 отсто од масата на Меѓународната вселенска станица, која е во орбитата веќе две децении и се очекува да биде деактивирана по 2030 година, објави CGTN.

Џанг рече дека очекуваниот животен век на станицата Тиангонг е околу 15 години, што е 5 години подолго од претходно објавеното.

Тиангонг е кинеска вселенска станица која беше лансирана во вселената во 2021 година. Во орбитата е 893 дена и е управувана 763 дена. За тоа време имало пет експедиции до вселенската станица, а сегашниот екипаж пристигнал на 30 мај годинава и е предвидено да остане до ноември.

Претседателството на ДУИ почна состаноци за позиционирање по изборите

Демократската унија за интеграција (ДУИ) во седиштето во Мала Речица одржува состанок на претседателството, а најавија дека ќе следува и состанок со коалициските партии за нивно позиционирање по резултатите од изборите. 

Шефот на изборниот штаб Арбр Адеми го повтори партискиот став дека нивниот коалициски „Европски фронт“ добил легитимитет од граѓаните.

-Врз основа на констатациите на сите институции и врз основа на изјавите на ОБСЕ, изборите беа фер, слободни, демократски, истата констатација ја имаме и ние внатре во ДУИ. Овој легитимитет потврден од страна на граѓаните не може да се оспори, ни со инженеринг, ни со политички договор, не може да се оспори волјата на народот и на државните институции кои се одговорни за спроведување на изборите. Последно што разговаравме беше утрешен работен состанок со сите политички партии кои го сочинуваат „Европскиот фронт“ во Скопје, изјави Арбр Адеми.

Според Адеми, сите политички партии што се во „Европскиот фронт“ ќе продолжат да делуваат заедно.

- Најважно е што граѓаните силно ја поддржаа ова опција и таа поддршка на програмата да ја реализираме во државната политика. Ние имаме обврска, имаме задача да го спроведеме тоа. Граѓаните очекуваат да се продолжи патот кон интеграција во Европската Унија и оваа средба е за да се обезбеди европскиот пат на граѓаните и да продолжат преговори со ЕУ, кои ДУИ ги започна, рече Арбр Адеми.

Средбата на Европскиот фронт е закажана за утре во 13 часот.

Федералниот апелационен суд ја потврди пресудата на Стив Банон

Стив Банон е клучна фигура на американската десница. 

Федералниот апелационен суд во Соединетите Држави ја потврди пресудата на Стив Банон, поранешен главен советник на Доналд Трамп, за неисполнување на поканата на Конгресната комисија која го истражуваше упадот во Капитол на 6 јануари 2021 година, објавија денеска британските медиуми.

Банон беше осуден на четири месеци затвор во 2022 година по две точки од обвинението за непочитување на Конгресот затоа што одби да предаде документи или да сведочи пред комисијата на Претставничкиот дом што го истражуваше упадот во Капитол. Но, не му беше одреден притвор додека траеше жалбата.

Стив Банон е клучна фигура на американската десница. Тој во Апелација тврдеше дека во текот на судењето не му било дозволено да ги изнесе клучните аргументи во своја одбрана и дека неговиот адвокат му рекол дека не мора да го исполни барањето во поканата што му била испратена./МИА

Киев очекува испорака на првите авиони Ф-16 во јуни или јули

Неименуван украински воен претставник денеска изјави дека првите борбени авиони Ф-16 во Украина ќе бидат испорачани во јуни или јули.

Но, тој не наведе кои земји ќе испратат авиони Ф-16.

Украина бараше борбени авиони Ф-16 од САД за да се спротивстави на руската воздушна супериорност. /МИА

притисни ентер