Концерт во чест на Никола Бадев во Кавадарци

Концерт во чест на доајенот на македонската народна песна, Никола Бадев, се одржа синоќа во Домот на културата "Иван Мазов-Климе" во Кавадарци. 

Настанот беше во рамките на одбележувањето на стогодишнината од неговото раѓање.

-Бадев е еден од најпознатите пеачи на изворни македонски песни. Амбасадор на нашата убава македонска песна, која со неговиот кадифен глас ја проширил надвор од нашите граници. Никој не можел да остане рамнодушен кога ги слушал неговите песни кои допирале длабоко до срцата и душата на секој, кој знаел да ги почуствува. Освен како пеач, Никола Бадев бил познат и како собирач на народни песни, а во 2006 година е издадена и збирка, промовирана на концерт одржан во чест на големиот великан на народната песна, рече Марија Михова, историчар во Музејот.

Првиот настап го имал во Радио Скопје во 1948 година.

-Оттогаш, тоа ретко грло ги испеало познатите најлирски песни, пеел за копнежот на вљубените, оживувал ликови и војводи. За своите 58 години живот, стана вистински народен уметник, кој самиот рекол "Песната е мојот живот". "Параходот" стана негова лична карта и химна на Кавадарци. Во 1976 година Никола Бадев замина од овој свет, а со својата интерпретација остави неизбришливи траги во нашето творештво, ги испеа најлирските песни, ги разбуди најдлабоките чувства на слушателите и како птица го прелета светот на кој му раскажа дека на Балканот постои еден народ, мал по бројност но голем по своето културно, уметничко и историско богатство, нагласи Михова.

Сето она што во животот, додаде, не можело слободно да се каже, што требало да се премолчи и што морало да се преживее во себе, го нашло своето место во песната. "Песната, за Македонија е молитва, огледало на нејзината душа, нејзината воздишка".

На концертот настапија професорот Радица Костадинова со "Ми заплакало селото Ваташа", Трио Гранде со "Параходот" и "Тешка беше нашата разделба", групата "Мањифико" со песните "Мајка на Марика думаше" и "Многу е тешко верно да љубиш", Пензионерскиот хор "Елегија" општина Центар- Скопје со песните "Праша ли Тимке мајка ти" и "Не се бели Маре мори", пејачката група "Лоза" при Здружение на пензионери од Кавадарци со песните "Вино пијам ем ракија" и "Ах мори Маро девојче", Блаже Богев со "Деспа стои на Дунава", Петре Пењушков со "По фабриките на Германија", Марјан Ѓорѓиовски со "Ацано млада невесто", Трајче Спанџов со "Гина,Гина". На самиот крај настапи КУД "Никола Бадев" – Цвета Спанџова и сите учесници ја изведоа песната "Никола Бадев , легендо славна".

Чествувањето беше реализирано на иницијатива и во соработка на музејот со градоначалникот Митко Јанчев, локалната самоуправа, Домот на културата, пензионерското здружение, најблиските на Бадев. Претходно, во новиот музеј беше отворена Спомен соба за Бадев. /МИА

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер