Косовската опозиција бара од ЕУ да не ги казнува граѓаните поради лошото владеење на Курти

- На амбасадорот Суниог му ја изразив мојата загриженост во врска со продолжувањето на мерките на ЕУ против Косово, кои и штетат на благосостојбата на нашите граѓани, напиша Красниќи.

Шефот на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), Мемли Красниќи ја повтори својата загриженост во врска со казнените мерки на Европската унија против Косово, истакнувајќи дека тие мерки се на штета на благосостојбата на граѓаните на земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

На својата страница на Фејсбук, Красниќи напиша дека на денешната средба со шефот на Канцеларијата на Европската Унија во Косово, Томаш Суниог, разговарал за последните политички случувања во земјата и за европската перспектива на Косово.

- На амбасадорот Суниог му ја изразив мојата загриженост во врска со продолжувањето на мерките на ЕУ против Косово, кои и штетат на благосостојбата на нашите граѓани, напиша Красниќи.

За ПДК, додаде лидерот на најбројната опозициска партија во косовското Собрание, евроатлантските интеграции немаат алтернатива и се единствениот пат напред за земјата.

Косовската опозиција ја обвинува Владата на Албин Курти дека со своите погрешни дејствија и непочитувањето на барањата од сојузниците, доведе до воведување санкции, од кои страдаат граѓаните на Косово.

Поради тензиите на северот на земјата, населен со мнозинско етничко српско население, и непостапувањето на владата за деескалација на ситуацијата, ЕУ на почетокот на јули годинава воведе казнени мерки против Косово.

Ситуацијата на северот се влоши откако локалните Срби во тамошните општини Звечане, Лепосавиќ и Зубин Поток, на крајот на мај, се спротивставија на влезот на новите градоначалници Албанци со помош на косовската полиција во општинските згради.

ЕУ побара од Косово да ги прекине полициските операции, да ги префрли албанските градоначалници на општините во алтернативни канцеларии и да распише предвремени избори со целосно учество на косовските Срби.

Претставниците на ЕУ повторија дека отстранувањето на казнените мерки против Косово ќе зависи од спроведувањето на обврските што ги презеде Приштина и другите чекори што се очекуваат од властите во Косово за продолжување на напорите за намалување на тензиите на северот.

Казнените мерки против Косово вклучуваат привремено суспендирање на работата на телата формирани врз основа на Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА), непоканување на Косово на состаноци на високо ниво и прекин на билатералните посети.

Другите мерки вклучуваат суспензија на програмирањето на средствата за Косово од ИПА 2024 (Претпристапни инструменти), а освен тоа и предлозите на Косово во рамките на Инвестициската рамка за Западен Балкан не беа поднесени на разгледување од надлежниот одбор на 29 и 30 јуни.

10- годишно дете од САД си пресудило по малтретирањето на училиште-родителите 20 пати се жалеле

Десетгодишно момче од Индијана извршило самоубиство откако наводно било ужасно малтретирано на училиште, додека неговите родители тврдат дека 20 пати се пожалиле во училиштето.

Семи Теус се самоубил на 5 мај, а според неговото семејство бил малтретиран до ноќта пред смртта.

Неговите родители Сем и Никол тврдат дека момчето било физички и психички малтретирано на училиште, а наводно неодамна го претепале во училишниот автобус.

Малтретирањето започнало минатата година кога тој се префрлил во училиштето, пишува Дејли Мејл.

Според семејството, Сем 20 пати им кажал на наставниците и на другите вработени во училиштето за злоупотребата.

„Најпрвин го исмејуваа поради очилата, потоа поради забите. Тоа траеше долго. “, рече таткото на Семи.

Злоставувањето потоа станало физичко.

„Го претепаа во автобус, децата му ги скршија очилата. Се јавив во училиштето, ги прашав што ќе прават во врска со тоа, стануваше сѐ полошо и полошо“, рекол таткото.

Според него, училиштето знаело што се случува, а злоупотребата низ училиштето и во автобусот се проширила на социјалните мрежи.

Училиштето соопштило дека неговите родители ја пријавиле смртта како самоубиство и ги истражуваат тврдењата за злоупотреба.

Истрагата продолжува.

Скандалозен исказ на таткото, кој ги држел своите деца како заложници и пукал со калашников

Алекс Марку (40), кој ноќта меѓу вторникот и средата во Драч со часови ги држеше како заложници во станот своите две мали деца, додека пукаше со калашников, дал изјава во полиција.

Алекс Марку (40), кој ноќта меѓу вторникот и средата во Драч со часови ги држеше како заложници во станот своите две мали деца, додека пукаше со калашников, дал изјава во полиција и тврди дека направил сѐ за „да ги заштити децата од љубовник на жената“, објави Политико.

Марку рекол дека имал проблеми со сопругата и дека, како што тврди, таа нашла друг маж.

Таткото, кој испукал најмалку 18 истрели во станот и од балконот во Драч, тврдел дека ги зел децата „за да ги држи подалеку од момчето на жената“. Потоа, како што тврди таткото, „новиот дечко на неговата сопруга дошол да го нападне“.

Потоа, како што рече, со калашников излегол на терасата.

„Четири дена бев во стан на плажа со моите деца и сѐ беше супер. Жена ми побегна во Италија и малку се каравме. Последен пат кога се скаравме, таа отпатува за Италија и јас ги зедов децата и дојдовме во Драч.“

Марку рекол дека сѐ ескалирало кога „љубовникот дошол кај него“.

„И тогаш нејзиниот љубовник доаѓа да ме нападне во куќата и затоа пукав. Не сакав да има врска со децата. Го однесов детето на тераса кога пукав, па можеше да види дека никогаш не сум бил насилен кон децата“, тврди таткото, кој беше уапсен вчераутро по неколкучасовни преговори.

Медиумите јавуваат дека децата, кои биле извлечени неповредени од станот, сега се со својата мајка и го напуштиле Драч.

Не се знае со каква казна се соочува таткото.

Аеродромски работник падна од авион- му се лизнаа скалилата кога сакал да излезе (ВИДЕО)

Еден од работниците на аеродромот во Џакарта паднал од паркиран авион.

Скалите со помош на кои требало да го напушти леталото се лизнале непосредно пред да излезе, а бидејќи не забележал – паднал на земја.

Инцидентот, наводно, се случил на аеродромот во главниот град на Индонезија, Џакарта (CGK), кога еден од аеродромските работници излегувал од Airbus A320 (PK-TLB) на TransNus (8B), објави Aviation24. Видео кое кружи на социјалните мрежи јасно покажува како работниците на аеродромот ги отстрануваат скалите за качување/симнување додека човекот го напушта авионот.

Без поддршка на левата нога, работникот испаднал од авионот и завршил на земја.

Иако не се знае многу за здравствената состојба на работникот, голем број на специјализирани воздухопловни портали и профили на социјалните мрежи пишуваат дека тој скршил неколку коски и дека неговиот живот не е во опасност.Aviation24 јавува дека индонезиските власти започнале истрага за инцидентот.

Прагот на вратата на Ербас А320 е повеќе од три метри над земјата.

притисни ентер