Ковачевски: Не се откажуваме, заедно со граѓаните ќе обезбедиме просперитетна Македонија

„СДСМ е единствената политичка сила која има моќ, знаење, упорност и посветеност да ја внесе државата во ЕУ, затоа не се откажуваме.“

„СДСМ е единствената политичка сила која има моќ, знаење, упорност и посветеност да ја внесе државата во ЕУ, затоа не се откажуваме и знаеме дека граѓаните ќе нè поддржат на 8-ми мај за заедно обезбедиме сигурна и просперитетна иднина за државата“, порача претседателот на СДСМ и носител во ИЕ 1, Димитар Ковачевски, на вечерашниот митинг во општина Центар.

На политичките противници им испрати порака да не гаат илузии дека СДСМ лесно ќе се откаже од борбата за парламентарните и вториот круг од претседателските избори. Ковачевски порача дека историјата и традицијата на СДСМ, но одлучност за европска иднина на Македонија се најдобар доказ дека ние никогаш не се откажуваме, рече Ковачевски.

„СДСМ е партија која е единствен наследник на НОБ. СДСМ е партија која е изградена на основите на крушевскиот манифест на АСНОМ, на победата над фашизмот. СДСМ е партија која ја внесе Македонија во ОН, на чело со Киро Глигоров. Оваа партија е фундаментот на независна Република Македонија.Оваа партија, заедно со вас граѓаните, успеа да сруши режим и да ја ослободи државата после 11 години изолација и злоупотреби од ВМРО – ДПМНЕ.Никогаш нема да се откажеме од нашите социјал-демократски вредности“, рече Ковачевски.

Ковачевски потенцираше дека тој и другите членови на раководството на СДСМ ја разбираат и прифаќаат пораката на граѓаните од гласањето во средата. Сепак, порача дека конечниот изборен резултат сè уште не е одлучен.

„Изборите на 8-ми мај ќе бидат тешки. Ние сме ја имале вашата поддршка особно во Центар, кога било најтешко. Кога режимот на Груевски, менторот на Мицкоски, носеше луѓе од Пустец, гаснеше струја, расипуваше лифтови, заплашуваше само за да не дозволат СДСМ да ја добие локалната власт во Центар. Но, не успеаја. Затоа што и тогаш заедно со коалиционите партнери тука присутни денес сите, покажавте истрајност и покажавте упорност и непоколебливост. Затоа, ве повикувам, пред да гласате на 8-ми мај, убаво да размислите кој го заслужува вашиот глас, бидејќи тоа е највредниот демократски инструмент во рацете на граѓаните“, рече Ковачевски.

Ковачевски најави дека во СДСМ постои цврсто единство и сите се обединети околу целта Македонија да стане членка на ЕУ затоа што тоа ќе обезбеди повисок животен стандард, поефикасна борба против криминалот и корупцијата, подобро образование и здравство, се наведува во партиското соопштение.

Претреси во Охрид поради фотографирање избирачки список и гласачки ливчиња

Од судија на претходна постапка обезебедена е наредба за претрес во дом и помошни простории кај М.М.(51) од Охрид и Т.Ц.Т (44) од Охрид, членови на избирачки одбор предложени од политичка партија.

На 06.05.2024, по претходно добиени оперативни податоци за фотографирање на избирачки список и гласачки ливчиња на првиот круг од претседателските избори одржан на 24.04.2024, од судија на претходна постапка обезебедена е наредба за претрес во дом и помошни простории кај М.М.(51) од Охрид и Т.Ц.Т (44) од Охрид, членови на избирачки одбор предложени од политичка партија.

При претресот пронајдени се два мобилни телефони, во кои се пронајдени фотографии од избирачки список со лични податоци од гласачи во избирачкиот список, фотографии од гласачки ливчиња со заокружен број, кои се испраќани од гласачи како доказ дека го дале својот глас за еден кандидат, потоа споделени во креирана група за комуникација на мобилна апликација за комуникација. Со двете лица извршен е разговор во полициска станица. Дополнително, во текот на денешниот ден повикани се и други лица со цел обезбедување на дополнителни доказни материјали за кривичното дело по член 149 од КЗ "злоупотреба на лични податоци" и прекршок по член 190 став 2 од Изборниот законик. По целосно документирање на случајот, ќе следуваат соодветни поднесоци, соопштуваат од СВР Охрид.

Пукотници во вилата на познатиот рапер Дрејк, застрелан член на обезбедувањето

Во вилата на познатиот рапер Дрејк дошло до пукање.

Полицијата моментално работи на случајот, а припадник на обезбедувањето на раперот е тешко ранет.

Според пишувањата на медиумите, чуварот најверојатно бил застрелан во напад од автомобил.

Тој се здобил со прострелна рана во пределот на градниот кош и бил во несвест кога пристигнала полицијата, пишува „CBC News“.

Јулија Навална остро за инаугурацијата на Путин: Нашата држава ја води лажго, крадец и убиец

Јулија Навална, вдовицата на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, денеска по повод инаугурацијата на Владимир Путин за претседател на Русија изјави дека неговиот режим се заснова на лаги и корупција и дека мора да му дојде крајот.

„За мене лично, последните шест години од владеењето на Путин беа годините во кои мојот сопруг, Алексеј Навални, вистински руски патриот, беше прогонуван, отруен со хемиско оружје, суден, мачен во затвор три години, а потоа убиен. “, рече Навална и го обвини рускиот претседател за сето тоа.

Како што рече таа во видеото објавено на Јутјуб, со секој негов мандат сѐ се влошува и додаде дека е страшно да се замисли што друго ќе се случи доколку Путин остане на власт.

„Секојдневно ни се крадат огромни суми пари за да се бомбардираат мирните градови“, им порача Јулија на руските граѓани и истакна дека Путин се плаши да ги открие вистинските бројки на жртвите на „крвавата и бесмислена војна што никој не ја сака освен него“.

Таа рече дека Русија со Путин „нема да има ниту мир, ниту развој, ниту слобода“, и дека тој го изневерил ветувањето дадено за време на последниот инаугуративен говор кога рече дека сака мирна Русија, безбедна за нејзините граѓани.

„Пред два месеци Русија доживеа масовна трагедија, еден од најголемите и најстрашните терористички напади во поновата историја. Руските безбедносни сили не успеаја да го спречат и дозволија десетици наши сограѓани да загинат. А сепак, секој ден мирно апсат поединци за новинарство, ставови или дури објава на социјалните мрежи“, рече Навална.

Таа додаде дека мора да се осигура дека никој во светот нема доверба во Путин, ниту во Русија, ниту надвор од нејзините граници.

„Нашата држава моментално ја води лажго, крадец и убиец, но на тоа ќе дојде крајот. Не се откажувајте, вистината ќе победи“, заклучила Јулија.

притисни ентер