Локализиран пожарот кај делчевските села Драмче и Селник

Локализиран е пожарот кој од вчера попладне беше активен на територијата на делчевските села Драмче и Селник. Според последната информација од Драган Балас од Цетарот за уравување со кризи од Делчево, пожарот е локализиран, но се уште гори на одредени места.

- Успеавме попладнево да го локализираме пожарот, но поради ветерот се уште постои опасност од негово проширување, затоа имаме екипи кои контролираат на теренот. Според првичните проценки, опожарена е површина од околу 200 хектари, претежно борова и дабова шума, но и сува трева. Исто така, изгореа десетина објекти меѓу нив и куќи од двете села Драмче и Селник, но и пет бандери на ЕВН, така што има прекин во снабдувањето со електрична енергија на оваа територија, истакна Балас.

Тој потврди дека денеска во гаснењето на пожарот интервенирал и хеликоптер на АРМ, а учествувале стотина лица од ЈП Македонски шуми „Голак“ Делчево од ЈПКД „Брегалница“ од Делчево, месно население и ТППЕ од регионот.

Пожарот почнал да се шири вчера околу 13 часот од запалена фурна за леб од куќа во Стамболиско маало од селото Драмче по што се проширил со голема брзина во околната шума. /МИА



Свечена промоција на нови полициски службеници во Центарот за обука на МВР во Идризово

Свечена промоција на нови полициски службеници - генерација 2023-2024 година, ќе се одржи денеска во Центарот за обука на МВР во Идризово, со почеток во 11:00 часот.

На промоцијата обраќања ќе имаат премиерот на техничката Влада Талат Џафери, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев и Сузе Трајковска, раководител на Центарот за обука на МВР.

Настанот ќе биде пренесуван и во живо на официјалната страница на Министерството за внатрешни работи.

В понеделник ќе се знае дали ќе поскапи полисата за задолжителното авто осигурување

 Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност в понеделник на седница треба да го разгледа Извештајот од Националното биро за осигурување за оправданоста и исправноста на донесените одлуки за зголемување на цената на полисата .

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност в понеделник на седница треба да го разгледа Извештајот од Националното биро за осигурување за оправданоста и исправноста на донесените одлуки за зголемување на цената на полисата за задолжителното авто осигурување од страна на осигурителните компании и да преземе соодветни чекори во насока на заштита на крајните потрошувачи.

Комисијата за автомобилска одговорност која е именувана од страна на Владата согласно Законот за задолжително осигурување во сообраќајот ја сочинуваат членови од Министерството за финансии (МФ), Националното биро за осигурување (НБО) и Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО). Таа е надлежна за утврдување на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица. Комисијата ја утврдува премијата за осигурување која ја плаќа договорувачот на осигурувањето-осигуреникот, a која се состои од техничка премија, која ја утврдува Владата на предлог на Комисијата и дел на премија за вршење на дејноста на осигурување (режиски трошоци) што ги утврдуваат осигурителните друштва самостојно со посебна одлука на Друштвото за осигурување.

Од Министерството за финансии нагласуваат дека техничката премија останува непроменета, а со донесените одлуки од страна на осигурителните друштва е извршена корекција на цената во делот на премија за вршење на дејноста на осигурување (режиски трошоци).

Министерството за финансии претходно вчера заради донесените одлуки од страна на осигурителните компании за зголемување на висината на бруто-премијата за осигурување од автомобилска одговорност ја свика Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност која одржа седница на која ги разгледа сите аспекти од носењето на овие одлуки и заклучи в понеделник на нова седница да донесе одлука. Врз основа на добиеното известување од страна на АСО, која е регулатор на осигурителниот сектор, Министерството вчера се обрати и до Комисијата за заштита на конкуренцијата, со цел да се испита дали се прекршени правилата на фер и конкурентно однесување согласно oдредбите од Законот за заштита на конкуренцијата.

Токму АСО го информира Министерството дека мнозинството друштва за осигурување донеле одлуки и доставиле известување до нив за зголемување на висината на бруто-премијата за осигурување од автомобилска одговорност на 23 април 2024 година со примена од 25 април 2024 година, а со интервенција во делот на премијата за вршење на дејноста осигурување (режиските трошоци) кои осигурителните друштва самостојно ја утврдуваат.

Од АСО сметаат дека зголемувањето на цената на полисите за задолжително автомобилско осигурување е неоправдан чекор на осигурителните компании.

-По добиените известувања од осигурителните компании дека ќе ја зголемат цената направени се актуарски пресметки за проверка. По извршените актуарски пресметки утврдено е дека зголемувањето на цената, со дадените образложенија, не е оправдано, велат од АСО.

Затоа, додаваат, во рамите на своите надлежности доставиле предлог до Министерството за финансии да иницира изготвување и донесување нова тарифа на премии за задолжително осигурување од автомобилска одговорност и со тоа да го ограничи износот на режискиот додаток што ќе овозможи намалување на цената на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.

Од НБО, пак, велат дека актуелните пазарни услови предизвикаа неопходност од промена на цената на полисата за задолжителното авто осигурување и додаваат дека процентот на пораст секоја осигурителна компанија сама го дефинира, зависно од деловната политика и направената анализа. Оттаму објаснуваат дека се работи за европски компании кои одлуките ги носат врз основа на сериозни повеќегодишни анализи, кои покажуваат дека бизнисот за осигурување на автоодговорност е неодржлив со сегашните цени.

-Порастот на цената е предизвикан од континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, порастот на цената на резервните делови, порастот на платите и постојаната голема инфлациона тенденција. Општиот пораст на цените од 2008 до 2023 година изнесува 61,56 отсто. Истовремено цената за осигурување од автомобилснка одговорност не е променета веќе 15 години и е единствената категорија во нашата земја која не претрпела зголемување на цена, посочуваат од НБО и додаваат дека имаме најниска цена во регионот на осигурување од автоодговорност.

Нагласуваат дека досегашната цена на задолжителното авто осигурување била непазарна, прениска, меѓу најниските во регионот, непроменета уште од 2008 година и дека ја доведува во прашање исплатливоста на работењето на осигурителните компании.

-Без поскапувањето овој бизнис е неодржлив и ќе биде полека напуштен од страна на осигурителните компании. Финансиските институции имаат обврска да работат по строго дефинирани одржливи параметри, со цел зајакнување на стабилноста на финансискиот систем. Како потсетување, во 2008 година цената на автомобилската одговорност беше намалена за 30 отсто, но, денес условите за работење се променети и неодржливо е за Осигурителните компании да работат со цени на ова ниво, прецизираат од НБО.

Зголемувањето на цената за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании вчера на својот Фејсбук профил го коментираше и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

-Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на владина седница. Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните, напиша Битиќи.

Тој ги повика Министерството за финансии и Комисијата за заштитата на конкуренција да постапат по овој случај.

-Го повикувам ресорното Министерство за финансии и Комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата, порача Битиќи на Фејсбук.

Со донесените одлуки за зголемување на цената на полисата за задолжителното авто осигурување од страна на осигурителните компании за 15,44 отсто поскапува полисата што ја плаќаат граѓаните при регистрација на нивните возила со моќност од над 44 киловати. Поскапувањето е од 840 па до скоро 1.600 денари во зависност од моќноста на возилото.

Видео-фото: Десетици торнада го погодија централниот дел на САД

Десетици торнада го погодија централниот дел на САД, при што се повредени најмалку три лица и предизвикана е значителна материјална штета, соопштија локалните власти.

Американската метеоролошка служба (NWS) регистрираше повеќе од 70 торнада низ целата земја, повеќето од нив околу градот Омаха, Небраска и во близина на Ајова. Резултатот е десетици уништени згради и домови, скршени далноводи и излетани возови од шините. Во Елхорн, предградие на Омаха, фотографиите објавени на социјалните мрежи покажуваат урнати куќи, разнесени покриви и голи дрвја.

„Спасувачите продолжуваат да ги проверуваат погодените домови и им пружаат помош на сите повредени“, објави полицијата на Омаха на мрежата Икс.

На југ, во близина на градот Линколн, торнадо погоди индустриски комплекс. Околу 70 луѓе биле евакуирани кога се урнала зграда, но тројца се здобиле со повреди кои не се опасни по живот, соопштија властите на округот Ланкастер на прес-конференција.

NWS, кој вчера издаде голем број предупредувања за торнадо за неколку држави во централниот дел на САД, предвидува дека временскиот феномен ќе продолжи и во текот на денешниот ден.

Торнадата се релативно чести во САД, особено во централните и јужните делови на земјата.

притисни ентер