Македонија очекува безусловна препорака од ЕК

Европската Комисија денеска се очекува да препорача безусловен старт на преговорите за Македонија.

Ова се наведува во нацрт извештајот за Македонија, до кој дојде МИА. Сепак, извори во Брисел предупредуваат дека формулацијата, може да биде променета во последен момент.

- Во светло на постигнатиот напредок, ЕК препорачува преговорите за членство да започнат со Поранешната југословенска Република Македонија. Одлучувачки ќе биде задржувањето и продлабочувањето на сегашниот реформски чекор за итните реформски приоритети. Со цел да го поддржи ова, ЕК би го применувала засилениот пристап за преговарачките поглавја во областа на судството, фундаменталните права и правдата, слободата и безбедноста во земјата, стои во делот на извештајот на ЕК што се однесува на нашата земја.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, ЕК пишува дека Македонија во голем дел ја надмина длабоката политичка криза. Потребните структурни реформи се бавен процес за што ќе бидат потребни години и штетата направена во последните години нема да биде поправена преку ноќ.

ЕК ја поздравува работата на земјата за справување со итните реформски приоритети преку “искрена желба за реформи и објективна проценка на состојбите, проследено со подготовка за стратегиите и законодавство на кои одамна се чека и консултации со сите актери вклучително и опозицијата на инклузивен и транспарентен начин“.

- И покрај тешкотиите поради отсуството на главната опозициска партија од декември до крајот на јануари, главните стратегии и закони беа усвоени на крајот на декември/февруари и многу други се во подготовка.

ЕК во извештајот додава дека уште поважно е што политичката волја да се напредува е повторно јасно присутна.

- Позитивна промена во политичкиот менталитет се забележува во целото општество, чие отсуство беше најголема пречка во последните години, пишува ЕК за Македонија.

Извори во ЕК за МИА предупредуваат дека еврокомесарите треба уште еднаш да се сретнат пред да се финализира извештајот, денеска околу еден часот во Стразбур, и дека дотогаш се уште се можни неколку промени во формулациите.

Премиерот Зоран Заев во пресрет на објавувањето на извештајот на Евроспката комисија и доаѓањето во Скопје на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и еврокомесарот Јоханес Хан, вчера изјави дека е факт оти сработивме и дека Македонија заслужува кристално чиста препорака од Брисел.

- Важни ми се зборовите во таа препорака, затоа што тоа за нас е или охрабрување или обесхрабрување. Тоа е важно и за граѓаните и за сите вклучени во реформските процеси. После оваа препорака Македонија продолжува со реформите. И навистина ако биде потврдено тоа што е сработено, очекуваме да добиеме кристално чиста препорака. Верувам дека заслужено ќе ја добиеме и тоа ќе биде дополнителна мотивација да продолжиме понатаму со реформите, изјави Заев по завршувањето на денешното судско рочиште за „Поткуп“.

Во пресрет на објавувањето на Извештајот на ЕК во изјава за МИА Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас Цивилис - Скопје (ИДСЦС) и Андреја Стојковски претседател на Евротинк-Центарот за европски стратегии исто така изјавија дека очекуваат Македонија да добие безусловна препорака за почеток на преговорите.

- Сметам дека земјата ќе биде силно охрабрена и поддржана за динамичните реформски заложби, со пофалба за враќање на политичкиот дијалог во Собранието и проактивниот однос во подобрување на соседските односи. Сепак во делот на внатрешнореформски план ќе се нотира одреден прогрес во реформите на судството, јавната адмнистрација и безбедносниот сектор, критиката ќе биде насочена кон некомплетно спроведување на овие реформи особено во првите две области. Ќе се повика на бескомпромисна борба против корупцијата, интегритет на судството, професионализација на јавната администрација т.е генерално фокусот ќе биде на владеење на правото, рече Трошановски.

Стојковски, исто така, оценува дека во моментов нема никаква сериозна политичка пречка за да има услов на препораката или да нема препорака. За него, тоа е евидентно според тоа како коментираат од ЕК и државите членки дека постои напредок во државава од 1 јуни наваму, практично од изборот на новата Влада, а бидејќи Извештајот опфаќа период од ноември 2016 до април 2018-та, очекува дека документот ќе прави дистинкција меѓу периодот заклучно со 31 мај минатата година и изборот на новата Владата и од 1 јуни лани до денес, односно функционирањето на новата Влада.

ЕК денеска попладне се очекува да ги презентира извештаите за напредокот на земјите аспиранти за членство во ЕУ. Вообичаено, по презентацијата шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, амбасадорот Самуел Жбогар треба да одржи прес-конференција. /МИА

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер