Македонија првпат на Саемот на книгата во Гетеборг

Во Гетеборг денеска почна меѓународниот јубилеен, 30-ти Саем на книгата, најголема книжевна манифестација од таков вид во Скандинавија, кој ќе трае до 28 септември, а во чија програма првпат со свој штанд се претставува и Република Македонија.

Овој саем е најголем според посетеност во скандинавските земји, со околу 100.000 посетители, и втор по франкфуртскиот во Европа. На него се промовираат национални литератури и се нудат автори од целиот свет, а во фокусот се авторските права.

Годинашната книжевна саемска манифестација во Гетеборг е една од најинтернационалните досега. Меѓу 400 семинари, колку што се планирани во четиридневната програма, ќе учествуваат 66 автори од воннордиски земји, посебно од централната земја во годинашната програма - Бразил, како и писатели во специјалниот програмски сегмент „Гласови од Каталонија“.

За одбележување е дека Македонија и Романија се единствени земји од Југоисточна Европа кои годинава со свои штандови се претставуваат во Гетеборг.

Во рамки на програмата на македонскиот штанд, зад која стојат „Македоника литера“ и Министерството за култура, в петок во 15 часот ќе се одржи поетско читање на кое, меѓу другите, ќе настапат познатите шведски поети Ласе Содерберг и Кенет Клеметс.

„Македонско пладне“, в сабота во 12 часот, кое ќе содржи поетска средба, изложување дела од македонски автори преведени на шведски јазик и дела од шведската литература преведени на македонски, промоција на понови изданија, но и на 130 тома македонска книжевност, претставување на најквалитетната и најрепрезентативната понова македонска издавачка продукција, дела од уметничката литература, монографски, научни, историски и културни вредности, како и на културното наследство, се исто така дел од планираните активности за промовирање на Македонија.

Изготвен е и специјален каталог во кој се претставени 20 современи писатели од Македонија. Од нив четворица, Луан Старова, Венко Андоновски, Лидија Димковска и Ивица Челиковиќ, се присутни на Саемот.

- Станува збор за избор на прозаисти кои се истакнуваат со својот творечки интензитет и квалитет во најновата македонска книжевна продукција, посебно во 21 век. Првенствено се застапени романсиери, активни автори, посочува Нове Цветаноски од „Македоника литера“, која ја предводи македонската делегација на Саемот.

Најавени се десетина еминентни шведски писатели и претставници на издавачки куќи кои ќе го посетат македонскиот штанд при што во текот на четирите саемски денови се предвидени низа средби.

По завршувањето на Саемот, дел од книгите што ги донесе македонската делегација ќе им бидат отстапени на македонското друштво „Гоце Делчев“, кое има своја мала библиотека, како и на Градската библиотека во Гетеборг која во изминатите неколку години го збогатуваше својот фонд на изданија од Македонија, меѓу другото и преку соработката со Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје. /МИА

Пол Макартни стана прв британски музички милијардер со мала помош од Бијонсе

Пол Макартни стана првиот британски музичар- милијардер, според листата на богаташи на Sunday Times објавена денеска.

Богатството на 81-годишниот основач на Битлси се зголеми со „многу турнеи, вреден каталог и мала помош од Бијонсе“ која ја обработи песната Blackbird. Богатството на Макартни се проценува на една милијарда фунти.

Листата на Sunday Times покажа дека бројот на милијардери во Обединетото Кралство паднал на 165, од рекордните 177 во 2022 година. Дел од причината лежи во планот на владата следната година да ја прекине мерката според која жителите на Британија не плаќаат данок на приходите во странство.

Списокот покажа дека и богатството на кралот Чарлс III се зголемило за 10 милиони фунти, на вкупно 610 милиони фунти, благодарение на зголемувањето на вредноста на неговиот недвижен имот. Хемискиот тајкун Џим Ретклиф, кој претходно оваа година купи удел во фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед, пронаоѓачот Џејмс Дајсон и сопственикот на компанијата Вирџин, Ричард Бренсон, поминаа помалку добро.

Нивното богатство од повеќе милијарди фунти се намали. Инвеститорот со индиско потекло Гопи Хиндуџа, вреден 37 милијарди фунти, е на врвот на листата трета година по ред.

Паразити се најдени во водоводен систем во Британија- расте бројот на заболени во болниците

Бројот на луѓе кои страдаат од криптоспоридиоза, болест предизвикана од паразит, се зголеми во Велика Британија откако паразитот е пронајден во водата на градот Бриксам.

По пријавувањето на првите случаи на зараза, властите апелираа до граѓаните да ја зовриваат водата во овој град и околните места во регионот на Девон, но денеска е потврдено дека бројот на заболени е повеќе од двојно зголемен – од 20 вчера на 46 денеска.

Според британските здравствени власти, повеќе од 100 луѓе пријавиле симптоми слични на оние на пациентите.

Повеќето од пациентите се жалеле на повраќање и дијареа.

Медиумите јавуваат дека траги од паразитот се откриени во два резервоари со вода, од кои се снабдуваат неколку населени места, откако биле пријавени првите случаи на криптоспоридиоза.

Експертите велат дека пациентите можеле да ги почувствуваат ефектите и до еден месец по инфекцијата. Тие наведуваат дека не постои „одреден третман“ и дека симптомите можат да траат со недели без можност за олеснување.

Здружението на судии со реакција за притисоците врз судиите во Управниот суд

Во правец на денешната реакција на Управниот суд, Здружението на судии ја искажува својата загриженост по однос изјавите на поединци со кои директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.

Припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување. Таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.

Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата.

Здружение на судии

притисни ентер