Македонскиот доктор од Дарувар со првата приватна клиника во Хрватска

 Градот Дарувар во Хрватска е мало и многу убаво место, сместено во Западна Славонија, на половина пат меѓу Загреб и Осиек.

МИА пристигнувајќи на познатиот фестивал на репортажата „Фра Ма Фу" не очекуваше дека и таму Македонците ги сакаат и ги почитуваат. Објективно, бевме пријатно изненадени, но и вчудовидени – од каде доаѓа таквиот однос кон нас.

Oбјаснувањето лесно го најдовме, од причина што целиот град и пошироко веднаш со насмевка ќе ви посочи дека тука вашиот Македонец и лекар д-р Игнатовски ја отвори приватната клиника и тука во Дарувар вашиот Фарук од Тетовско го прави најдобриот бурек во Хрватска.

Бојан Игнатовски е специјалист по општа пластична реконструкциска и естетска хирургија и е сопственик на поликлиниката „Аркадија" во Дарувар, која е воедно и првата фамилијарна приватна поликлиника за пластична реконструкциска и естетска хирургија во Република Хрватска, отворена во 1992 година.

При нашата посета на клиниката „Аркадија", големо и современо здание, уредено според врвни стандарди и сместено во шумски крај, д-р Игнатовски ни кажа дека болницата е проценета на над два милиона евра, во неа работат 20 лица и во просек годишно има повеќе илјади пациенти, од кои 60 отсто се странци од Јужна и Северна Америка, Европа, Азија и Австралија, а 40 отсто се од Хрватска.

– Јас сум Македонец, роден сум во Злетово, а во Хрватска дојдов да живеам од емотивни причини. Во Скопје завршив Медицински факултет, бев војник во Хрватска и тука ја запознав сопругата. Се вљубив, започнав романтична приказна поради која ја напуштив Македонија. Тука во Дарувар создадов фамилија, имам две деца, ќерката Билјана Игнатовска, која е специјалист за радиологија и директор на клиниката „Аркадија", и синот Иван, кој е успешен бизнисмен. Инаку, во Македонија работев во болницата во Кочани и во Штип, имав можност да работам и на Клиниката во Скопје, имав бројна фамилија во Злетово, но љубовта беше посилна. Во Загреб работев на познатата клиника „Ребро", каде што завршив специјализација, по што отидов во Франција на едукација. Големо влијание и мој едукатор и пријател ми беше познатиот д-р Мишковски од Скопје, за кого имам голема почит и кој ме задои на некој начин во струката, ни кажа д-р Игнатовски.

Тој додава дека покрај соработката со повеќе здравствени институции во регионот, има контакти и во Македонија. Го помага родниот крај, а службено соработува со Медицинскиот факултет во Скопје, со Клиниката за пластична и естетска хирургија, каде што веќе две години оди на средби со колегите на едукација, а повремено и тие доаѓаат тука, млади кои сакаат да учат, да го пренесе искуството, меѓу кои има и познати стручњаци.

На прашањето како е да си Македонец во Хрватска, Игнатовски ни кажа дека долги години живее во Хрватска и дека е Македонец по потекло, што го кажува со гордост, но и Хрват со потекло од Македонија.

– Многу го сакам мојот роден крај Злетово, а за мојата Македонија, која ме врзува, секогаш кога можам доаѓам и секогаш носам со себе некого од моите пријатели од целиот свет, во едно кружно патување и нејзино афирмирање, при што најмногу се задржувам дома, во моето Злетово.

Својот успех д-р Игнатоски не го гледа во клиниката, туку во своите деца, а за ќерката Биљана Игнатовска, која е радиолог и директор, вели дека со успех и големи чекори ја подига клиниката уште поквалитетно. Сето ова се должи на неговото воспитание и поддршката што ја имал од родителите кога ја напуштил Македонија и аманетот секогаш да биде хуман, изјави д-р Игнатоски.

Родителите на Фарук Демири од село Добарце, Општина Желино, Тетовско, исто така се „виновни" што со селидбата во Хрватска, нивниот син во центарот на Дарувар, во дуќанот „Ориент", го прави највкусниот бурек во Хрватска.

Не верувајќи дека сето ова го има во далечниот Дарувар, гостопримливиот Фарук, кога слушна од каде сме, веднаш нè покани во неговата преполна бурекчилница, каде што „дегустиравме" превкусна четвртина со месо и со сирење, со домашно правено кисело млеко.

– Во 2014 година тука беа новинари, меѓу кои и од магазинот „Куфер" чија специјалност е гастрономијата. Беа тука, јадеа и беа воодушевени. Утредента пак дојдоа и го „дегустираа" мојот бурек и ете така сега во Хрватска и од други новинари и медиуми ме прогласија дека го правам најдобриот бурек во Р Хрватска.

Како што ни кажа Фарук, гости има и од Македонија, меѓу кои е фудбалерот Агим Ибрахими, потоа претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, и други, меѓу кои сме сега и ние, да го потврдиме епитетот за овој наш „мајстор за правење бурек" и да се почувствуваме како дома, во далечната Хрватска, во Дарувар, благодарејќи на Бојан Игнатовски и Фарук Демири./МИА.

Чола „тежи“ 25 милиони евра, a носи часовник вреден 2.000 евра

Според познатиот американски сајт „Celebritynetworth“, Здравко Чолиќ е еден од најбогатите пејачи на Балканот. Според податоците од 2021 година, неговото богатство се проценува на 25 милиони евра.

Иако има толку милиони, Чола отсекогаш бил скромен, а сега тоа го докажа уште еднаш - со изборот на својот часовник. Така, пејачот на зглобот носи часовник вреден „само“ 2.000 евра . Како што стои на Инстаграм профилот „Sat na ruci“, се работи за часовник од брендот „TAG Heuer Carrera“ со челично куќиште и функција хронограф.

Здравко отсекогаш нагласувал дека финансиите отсекогаш му биле слаба страна, иако по професија е економист.

- Човекот не може да го смени темпераментот, не мислам на начинот на трошење и начинот на живеење, но тоа ми беше малку претерано и така е и денес - изјави тогаш Здравко.

Тој откри на што најмногу ги трошел хонорарите.

- Никогаш не сме имале толку високи хонорари. Патувањето и гардеробата беа фетиш во седумдесеттите и осумдесеттите. Никогаш немав големи материјални желби. Моето беше да одам некаде, на море или да направам некоја забава и да потрошам таму, но никогаш немав желба да купам часовник. Не страдав од тоа – скромно вели пејчачот.

Извор: Аваз

Најчестите знаци на прекумерно внесување шеќер

Внесувањето шеќер во големи количини е штетно за човековото тело и тоа ја зголемува опасноста од дијабетес и многу други болести. 

Дополнителен проблем е што шеќерот се наоѓа и во намирници коишто не се благи, па затоа е важно да се внимава на составот на секојдневните хранливи производи. Нутриционистката Брук Алперт и лекарката Ребека Казин предупредуваат на најчестите знаци на прекумерно внесување шеќер коишто ги испраќа самото тело.

Постојано копнеење за слатки

Шеќерот предизвикува зависност. Ова е затоа што сензорите за вкус се адаптирале на благото и на тој човек му треба сѐ повеќе благо, за да го добиете истиот вкус, но и истото задоволство како и првиот пат, слично како дрога. Поради сѐ тоа, докторите советуваат навремена контрола на внесувањето шеќер.

- Со тоа што јадете многу шеќер, предизвикувате хормонален одговор во Вашето тело што е како бран. Ве крева, а потоа Ве треснува од земја, и тоа го поттикнува Вашето тело да бара повеќе шеќер, појаснува Алперт.

Промени во расположението

Премногу внесен шеќер може да значи моментна „еуфорија“. И обратно... Падот на шеќерот во крвта може да предизвика пад и во расположението и поголема нервоза и вознемиреност.

Тромавост

Откако шеќерот ќе го предизвика почетниот скок на енергијата, тој предизвикува и пад. Енергијата е најстабилна кога шеќерот во крвта е стабилен, така што кога се консумира премногу шеќер, има и падови во енергијата. Премногу шеќер честопати значи и недоволен внос на протеини и влакна.

Пукање на кожата

Д-р Ребека Казин смета дека некои луѓе се чувствителни на напливи на инсулин поради прекумерно внесување на шеќер. Тоа може да предизвика нарушување на хормоните, што води, на пр., до сува кожа, ранички, акни и сл.

Дебелеење

Вишокот шеќер значи - вишок калории, а во недостиг на протеини или влакна, шеќерот нема никаква хранлива вредност. Сѐ тоа, заедно со ослободувањето инсулин, ја покачува телесната тежина, но и ја зголемува опасноста од појава на дијабетес.

Кога се јаде премногу шеќер, на телото „му се кажува“ да лачи повеќе инсулин, а подоцна, тоа прекумерно лачење може да доведе до отпорност кон инсулин. Отпорноста пак, значи дека телото нема да може правилно да реагира на нормални количини инсулин и правилно да го користи шеќерот.

Премногу кариес

Кога бактериите ги разјадуваат честичките храна меѓу забите, се создава киселина што постепено предизвикува расипување на забите. Плунката сама по себе одржува здрава рамнотежа на бактерии, но шеќерот може да влијае на пе-ха вредноста и да го наруши тој природен сооднос. Неправилното размножување на бактериите, всушност, води кон расипување на забите и кариес.

Мозочна магла

Деконцентрацијата што обично се јавува после оброк е симптом на низок шеќер во крвта. Кога се јаде многу благо, пак, нивото шеќер во крвта се зголемува и опаѓа, наименично и брзо. Тоа, според стручњаците, ја зголемува расеаноста, и укажува на задолжителна контрола на внесот на шеќер.

Ништо не е така слатко како порано

Премногу шеќер предизвикува сензорите за вкус да се навикнат на слатките вкусови, па затоа човекот бара сѐ повеќе шеќер за да ја задоволи својата глад за слатко. Меѓутоа, тука се препорачува свесно намалување на благото и самоконтрола. На тој начин, по извесно време, телото повторно ќе се навикне и ќе се задоволува со малку шеќер. /МИА

Борел повтори дека Рафа не смее да биде нападнат

Го повика Израел да се вклучи во мировниот процес.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска изјави дека партнерите на Израел и соседните земји имаат заеднички став дека градот Рафа на југот од Појасот Газа не смее да биде нападнат и ја повика израелската влада конструктивно да се вклучи во политичкиот мировен процес.

Борел на Х напиша дека меѓународната заедница, исто така, едногласно бара итно ослободување на сите заложници кои ги држи Хамас во Појасот Газа.

Тој истакна дека Израел не може да го уништи Хамас по цена на убиени илјадници палестински цивили и оти понатамошното раселување на повеќе од милион ранливи Палестинци би било „погубно“.

- Ја повикуваме владата на Израел да ги послуша повиците на меѓународната заедница и конструктивно да се вклучи во политичкиот мировен процес, наведе Борел. /МИА

притисни ентер