Во изјава за медиумите по завршување на литургијата во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ Мицкоски изрази уверување дека во среда тие ќе слават двојна победа и на претседателските и на парламентарните избори, без да даде конкретен одговор што би било неуспех за партијата на двојните избори.
-На сите им е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ на овие избори е блиску до мнозинство во парламентот. Не би се изненадил ако имаме 61 пратеник. За мене неуспехот не е неуспех. За мене е успех пред се она што се случи во првиот круг. Верувам дека во среда ќе имаме убедлива двојна победа, Гордана Силјановска Давкова ќе биде идниот претседател на Македонија, а коалицијата Твоја Македонија и ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат 61 пратеник, изјави Мицкоски.
Неговиот политички ривал, лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, пак, од синоќешниот митинг во Македонски Брод порача дека доколку ВМРО-ДПМНЕ и Силјаноска ја добијат власта, европската иднина на државата ќе биде загрозена, а земјата изолирана. Ги потсети граѓаните дека изборот на 8 мај е во нивни раце и тие одлучуваат во каква Македонија сакаат да живеат.
-Слушнете ги само изјавите на Мицкоски и неговата кандидатка Силјановска и ќе ви стане јасно дека немаат никаква намера да ја водат државата кон ЕУ. Напротив, ќе нè изолираат, ќе нè затворат, ќе нè скараат и со соседите и со меѓународната заедница. Јас можам цврсто да ви гарантирам дека СДСМ никогаш нема да се откаже од европска Македонија и ќе работиме сè додека таа цел не стане реалност, порача Ковачевски.
Двојните избори ќе се одржат во среда. Ден претходно, е изборен молк, а изборната кампања завршува в понеделник на полноќ.