Мизрахи: Проблемите во социјалниот дијалог може да се надминат

 Работодавачите и работниците не треба да се гледаат преку нишан, треба да се почитуваме меѓу себе, да градиме компромиси во интерес на сите, порачаа работодавачите по денешната средба на Економско-социјалниот совет.

Синдикатите, пак, велат дека и натаму ќе се борат за правата на работниците, иако во нивните изјави и ставови има разлики дали и колку власта направила во овој период за заштита на нивните права и во однос на функционирањето на овој совет.

Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи која претседаваше со Советот изјави дека има прашања и проблеми кои треба да се решаваат, но оти низ разговор и компромис можат да се надминат.

– Целта на состанокот беше да се запознеме со општата ситуација и со претставниците на самиот Совет. Првите заклучоци, според изјавите кои ги добивме се дека има одредена дискрепанца во однос на нормалното секојдневно функционирање на ЕСС во однос на забелешките кои ги давале на состаноците, но ќе треба повеќе да навлеземе во проблематиката, да ги ислушаме сите страни. Сите проблеми се надминливи. На денешниот состанок наидовме на блага тензија меѓу синдикатите и делумно работодавачите, но не верувам дека овие проблеми не можат да се надминат, рече министерката.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија истакна дека државата не се наоѓа на почеток на 20 век за класната борба и омраза помеѓу работодавачите и работниците да биде основа за напредок.

-Ние работодавачите и работниците не треба да се гледаме преку нишан. Треба да се почитуваме помеѓу себе треба да градиме компромиси меѓу нас и заеднички да ги сфаќаме различните интереси, рече тој.

Во однос на ставовите на различните синдикални преставници тој истакна дека тие како и работодавачите во преговорите треба да се водат од интересот на работниците и да не дозволат да бидат искористени политички.

Во врска со одредени барања на синдикатите поврзани со поголеми права на работниците тој истакна дека сака да ги чуе сите ставови, оти ги почитува, како и низ отворени разговори и реално согладување на состојбата во државата може да се дојде до компромис. Проблем, според него, не е тоа што во земјава има лоши закони, туку што тие не се почитуваат. Но, рече, време е да не се зборува општо за непочитување на правата на работниците, и дека сите работодавачи се експлоататори, туку тие да се посочат со име и презиме и државата сите заедно во државата да се борат против нив.

Благоја Ралповски од Конфедерацијата на слободни синдикати истакна дека во изминатиот период Економско социјалниот совет не функционирал согласно со законот и оти биле носени одлуки за суштински закони во делот на работничките права без кворум и заклучоци. На дневен ред, рече, и покрај повеќекратни барања на КСС не било ставано, ниту усогласувањето на платите во јавниот сектор по покачувањето на минималната плата.

Од друга страна, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Дарко Димовски смета дека овој совет функционирал добро во изминатиот период, за што,според него, говори донесувањето на повеќе битни закони, како тој за покачување на минималната плата, за младински додаток, субвенционирање на покачување на платите на работниците, но и отворање расправа за нов закон за работни односи за да се вградат поголеми работнички права.

Економско социјалниот совет, претседателот на СОНК Јаќим Неделковски, го искористил, како што рече, да укаже на мешањето на државата и работодавачите во синдикалното организирање, за што, според него, пример е и последниот случај на УКИМ каде екпресно се формирал синдикат за да се исплатат повисоки плати за 10 отсто.

Кирби: Русија треба само да ги повлече своите трупи

Со цел да ги заштити своите војници од влијанието на оружјето произведено од Запад, Русија треба едноставно да ги повлече од територијата на Украина, изјави Џон Кирби, координатор за стратешки комуникации на Советот за национална безбедност на САД.

-Ако (Владимир) Путин и руските официјални лица се загрижени дека нивните трупи во Украина би можеле да бидат погодени од оружје произведено во други земји, најлесниот начин да се избегне тоа е едноставно да ги повлечат своите трупи, вели Кирби.

Тој додава дека во моментов администрацијата не гледа вистински чекори од страна на Руската Федерација во однос на можна употреба на нуклеарно оружје и „покрај агресивната реторика“. /МИА

Франција, Германија и Италија бараат одложување на одлуката за прием на Косово во СЕ

Франција, Германија и Италија бараат одложување на одлуката за прием на Косово во Советот на Европа, објави Албаниан Пост.

Франција, на која и се приклучија Германија и Италија, бара да се одложи одлуката за кандидатурата на Косово за членство во Советот на Европа на мајскиот состанок на Комитетот на министри, пишува тирански Албаниан Пост, повикувајќи се на дипломатски извори.

Според истите извори, утре во Стразбур се очекува последната средба на амбасадорите на земјите членки пред состанокот на министрите на кој се очекува да биде донесена долгоочекуваната одлука за Косово, пренесува Бета.

Како што дознава Албаниан Пост, се очекува утре на дневен ред на мајскиот министерски состанок амбасадорите на земјите членки на Советот на Европа да не го вклучат прашањето за членството на Косово.

Според порталот, иако германската позиција досега не беше јасна, сега се чини јасно дека и Германија зазеде став дека владата на премиерот Албин Курти мора да преземе конкретни чекори во однос на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) за да добие членство во Советот на Европа.

Франција, Германија и Италија веќе се на став дека членството на Косово во Советот на Европа треба да се одложи до моментот кога Владата на Косово ќе ја докаже својата посветеност на спроведувањето на ЗСО со испраќањето на нацрт-статутот до Уставниот суд.

Во написот се додава, дека ваквиот пристап не е поддржан од Обединетото Кралство, според кое прашањето за ЗСО како производ на бриселските преговори не треба да се меша со прашањето за членство во Советот на Европа.

Сепак, и покрај политичката реторика на косовската Влада, која постојано го нагласуваше фактот дека Косово ги исполни сите услови потребни за прием во Советот на Европа, дури и според мислењето подготвено од Дора Бакојани, земјите со одлучувачко влијание како Франција и Италија одамна го информираа Курти дека почетокот на значајни чекори кон имплементација на договорот за ЗСО е непремостлив услов за членство на Косово во Советот на Европа.

Во меѓувреме, Германската амбасада во Приштина денеска соопшти дека е време Владата на Косово да ги убеди земјите членки на Советот на Европа дека заслужува прием во таа меѓународна организација, преземајќи конкретни чекори кон создавање ЗСО. Германската амбасада соопшти дека Квинта групата и другите континуирано нагласуваат дека очекуваат Косово да преземе опипливи чекори за формирање на ЗСО, за да се постигне неопходното двотретинско мнозинство во Комитетот на министри на СЕ, пренесоа приштинските медиуми.

Реакција денеска пристигна и од Амбасадата на Франција во Косово, која соопшти дека со испраќање на нацрт-статутот на ЗСО до Уставниот суд, Косово ќе добие поддршка за прием во Советот на Европа. Во одговор на прашање поставено од kohe.net, од амбасадата велат дека овој нацрт-статут е најдобрата основа што се нуди за формирање на ЗСО.

„Испраќањето на нацрт-статутот на ЗСО на евалуација до Уставниот суд се споменува како еден од јасните чекори што Косово мора да ги преземе за да обезбеди поддршка во Советот на Европа, но премиерот Курти изјави дека Косово не го прифаќа тој план како одвоен од целокупниот план (Брисел и Охрид). Испраќањето на нацрт-статутот до Уставниот суд на евалуација би бил добредојден чекор за да се обезбеди поддршка за членството на Косово во Советот на Европа, се наведува во одговорот на амбасадата.

Состанокот на Комитетот на министри за надворешни работи на СЕ, кој ќе се одржи во средината на мај, е последниот чекор кон конечното членство на Косово во оваа организација, што беше препорачано од Парламентарното собрание на СЕ врз основа на усвоениот извештај на известувачката Дора Бакојани.

Засега се уште не е сигурно дали гласањето за препораките на ПССЕ и приемот на Косово ќе се најдат на дневен ред на Комитетот на министри на 16 и 17 мај. /МИА

Македонскиот атлетичар Вандевски собори државен рекорд од 1975

Македонскиот атлетичар Леонид Вандевски го собори националниот рекорд во дисциплината 2.000 метри стиплчес на меѓународен митинг кој изминатиот викенд се одржа во германскиот град Пилхаузен.

Вандевски заврши осмопласиран, истрчувајќи ја патеката со време од 6:00.49 со што го собори претходниот рекорд на Нехат Алуи (6:16.4) од далечната 1975 година.

Нов македонски рекорд изминатиот викенд постигна и Јован Стојоски во дисциплината 400 метри со пречки.

Стојоски на меѓународниот митинг во словенечки Марибор, Словенија ја истрча делницата со време од 53.65. Претходниот рекорд (55.11) датираше од 1980 година и беше во сопственост на Бранко Илиевски. /MИА

притисни ентер