На 42. Остен Биенале на цртеж 2014 аплицирале автори од 53 држави

На 42. Остен Биенале на цртеж 2014 пристигнале 1.416 дела на 474 автори од 53 земји. Најголем број апликации се од Македонија, а според бројноста следуваат дела од Црна Гора, Полска, Србија и од Бугарија.

Остен Биенале свечено ќе биде отворено во четврток во галеријата „Остен“, кога ќе бидат врачени наградите. Наредниот ден, во изложбениот салон на МАНУ, ќе биде отворена изложба на селектираните автори на Биеналето на цртеж. Се работи за дела од 150 македонски и странски автори.

Остен веќе ги соопшти двете главни награди: Гран-при за животно остварување за Марина Абрамовиќ (Црна Гора/САД) која, како што најави организаторот, ќе има видеообраќање на отворањето на Биеналето, а Шпанецот Хуан Миро е добитник на наградата Светско културно наследство.

За годинашните награди и за селектирањето на делата кои се претставени во каталогот за Биеналето на цртеж 2014 одлучи интернационално жири во состав: Павле Пејовиќ (Црна Гора), Николас Тау (САД) и Анита Халдеман (Швајцарија).

Според одлука на жирито, првонаградени се авторите: Ана Плавинскаја од САД за цртеж, Јармила Вешовиќ-Рус од Франција/Црна Гора за сликарство на хартија, Бранислав Бркиќ од Србија за графика, Александра Косон од Полска за млад уметник и Игор Јосифов од САД за оригинално дело на хартија.

Пјер Пинончели од Франција и Сафет Зец од Босна и Херцеговина се добитници на наградата Уметник на светот (Награда на САВУ - Светска асоцијација на визуелни уметности). Анка Буриќ од Црна Гора ја добива наградата на ИФМУ (Интернационална фондација за музика и уметност).

Посебни признанија на жирито им се доделуваат на Душан Перчинков од Македонија за високи уметнички достигнувања и Александар Рафајловиќ од Црна Гора за уметнички достигнувања.

Со „Златен остен“ се наградени: Лукаш Герлак од Полска, Соња Б. Мешер од Обединето Кралство, Клаудија Завада од Полска, Трајана Панајотова од Бугарија, Ирена Пауновиќ од Србија и Игор Лекшиќ од Хрватска.

Посебна награда на жирито добиваат: Горан Менков од Македонија, Рајко Попивода од Србија / Црна Гора и Алирио Хозе Инфанте Лопез од Венецуела.

На националната колекција на Црна Гора, од каде има 29 учесници, и се доделува Посебно признание на Остен за национална колекција, а посебни признанија ќе добијат и Венцеслав Антонов од Бугарија - за легат и Драган Караџиќ од Црна Гора - за извонредно уметничко достигнување.

Награда „Остен“ добија: Евгенија Демниевска од Франција, Ваватум Тенгаи од Тајланд и авторите од Македонија: Александар Јанкуловски, Ирена Гапковска (САД/Македонија) и Трајче Блажевски.

Уметничките творби стануваат дел од Музејот на цртеж, а сите други дела со кои уметниците партиципирале во изданијата на оваа манифестација, влегуваат во составот на колекцијата на Остен.

Кремљ одби да го коментира украинското тврдење за планиран заговор за убиство на Зеленски

 Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека малку е веројатно дека тоа се точни информации, пренесуваат британските медиуми.

Кремљ не ги коментираше украинските тврдења за приведени руски агенти во Украина кои планирале да го убијат шефот на украинската држава, Володимир Зеленски, но портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека малку е веројатно дека тоа се точни информации, пренесуваат британските медиуми.

Украинската служба за безбедност вчера соопшти дека фатила двајца агенти, кои работеле за Русија, за планирање убиство на Зеленски и други високи политичари како „подарок“ на рускиот претседател Владимир Путин за неговата инаугурација.

Песков, истовремено, одби да даде коментар и за тоа дали руската војска користи ракети произведени во Северна Кореја, како и за украинските тврдења дека ги испитува остатоците од таквите проектили. Тој изјави дека работата е воена, па затоа не може да зборува за тоа, пренесуваат руските медиуми.

На прашањето дали Русија пренесува преработена нафта во Северна Кореја со што ги прекршува резолуциите на Советот за безбедност на ОН, Песков кажа дека Кремљ го цени својот однос со Пјонгјанг.

-Имаме намера да ги развиеме во сите можни области, рече тој, додавајќи дека Северна Кореја „е наш добар и многу перспективен партнер“.

Британските медиуми вчера цитираа неименуван извор од американската Влада дека руските пратки на преработена нафта го донеле севернокорејскиот увоз „над границата на Советот за безбедност од 500.000 барели годишно“.

Олимпискиот оган дочекан со спектакуларна парада во Марсеј

Историскиот едреник со три јарболи „Белем“ денеска го донесе олимпискиот оган во Франција, пречекан од 1.024 бродови на спектакуларна парада во пристаништето во Марсеј, точно 79 денови пред почетокот на Игрите во Париз.

Звуци на гајди, сирени и труби се слушаа од бродовите кои го славеа пристигнувањето на олимпискиот факел, дванаесет денови откако „Белем“ исплови од Грција.

Бродот „Белем“ е изграден во 1896 година, годината кога се одржаа првите модерни Олимписки игри.

Свечената парада во Марсеј ќе трае до 17 часот, а на церемонијата се очекува да присуствуваат повеќе од 150.000 луѓе.

Околу „Белем“ има силни безбедносни мерки. Мобилизирани се 6.000 полицајци и четириесетина чамци за да се обезбеди непречено одвивање на парадата.

Прв носител на олимпискиот факел во Франција ќе биде пливачот Флоран Манаду.

Штафетата ќе тргне кон Париз в четврток пренесувана од поранешните фудбалери на Олимпик, Жан-Пјер Папен, Дидие Дрогба и Базиле Боли, а меѓу носителите ќе биде и познатиот готвач Александре Мациа.

Повеќе од 10.000 луѓе ќе бидат вклучени во пренесувањето на олимпискиот факел пред пламенот да стигне во Париз и да биде поставен во близина на Лувр.

Свеченото отворање на Олимписките игри ќе се одржи на реката Сена на 26 јули.

Европол: Во Шпанија уапсена група која пренела повеќе тони кокаин од Јужна Америка

 Шпанската цивилна гарда уапсила 20 лица осомничени дека увезле неколку тони кокаин и листови од растението кока од Јужна Америка во Шпанија, соопшти денеска Европол.

Полицијата изврши рација на 27 различни имоти во Мадрид, Понтеведра и Коруња. Во предградието на Мадрид е откриена и лабораторија за производство на кокаин со капацитет за производство на 100 килограми месечно, а во неа се запленети 21 барел течни и цврсти хемикалии кои се користат за производство на кокаин.

Запленети се и три милиони евра во готовина, како и имот вреден 10 милиони евра во кој има куќи, возила и пловни објекти.

Полицијата се сомнева дека оваа криминална група, која ја сочинуваат 19 Шпанци и еден Колумбиец, превезувала нелегална стока со едрилици и катамарани до неколку пристаништа на брегот на Галиција.

Во рацијата биле запленети 50 килограми кокаин, еден килограм хероин, 1,7 килограми хашиш, еден килограм розев кокаин, 10 килограми марихуана, 750 килограми амфетамин МДМА и 10.000 таблети екстази.

притисни ентер