Над 400 учесници на 8. самит „Македонија 2025"

Домашни, регионални и странски експерти од областа на бизнисот, економијата, претприемништвото, лидерството, иновациите и технологиите учествуваат на 8. самит „Македонија 2025" што официјално почнува денеска.

На отворањето на самитот се најавени обраќања на претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, како и на Ана Арсов, претседавачка на самитот и членка на Одборот на директори на „Македонија 2025", Вера Ставроф, претседавачка на Одборот на директори на „Македонија 2025" и Никица Мојсоска Блажевски, главна извршна директорка на „Македонија 2025".

Најавени се над 400 учесници и над 15 панел-дискусии, неколку засебни тематски сесии, интерактивни настани за вмрежување. Главни теми на самитот се работните вештини и иновациите што можат да помогнат во намалување на загадувањето. Ќе се говори и за глобалните и геополитички трендови, можностите за финансирање мали и средни претпријатија, семејните бизниси, успешните македонски платформ-компании…

„Глобални геополитички трендови и импликации за регионот", „Југоисточна Европа: раст на неизвесноста или посветла иднина", „Иднината на работните места и вештините", „Културата во семејните бизниси: сопственции и сите други" и „Македонски дигитални платформ-компании", се темите на панел-дискусиите што се на денешната агенда на самитот.

Во пресрет на официјалното отворање на самитот, вчера се одржа бизнис-натпревар на средношколци, како и натпревар на стартапи./МИА

ЕУ ги продолжи санкциите против одговорните за поткопување на Молдавија и Мјанмар

Санкциите поврзани со Молдавија, со кои во моментов се опфатени 11 физички лица и еден субјект, се продолжени до 29 април 2025 година.

Советот на ЕУ донесе одлука за продолжување за една година на режимите на рестриктивни мерки кон физички и правни лица одговорни за активности насочени кон дестабилизација, поткопување или загрозување на суверенитетот и независноста на Молдавија и кон поткопување на демократијата и сериозни кршења на човековите права во Мјанмар.

Санкциите поврзани со Молдавија, со кои во моментов се опфатени 11 физички лица и еден субјект, се продолжени до 29 април 2025 година. Рестриктивните мерки поврзани со Мјанмар, кои се продолжени до 30 април 2025 година, во моментов важат за вкупно 103 физички лица и 21 субјект.

На физичките и правните лица опфатени со санкциите им се замрзнува имотот и на субјекти од ЕУ им е забрането директно или индиректно да им доставуваат средства на располагање или да им овозможуваат пристап до економските ресурси. Дополнително на поединците подложни на санкциите им е забранет влез и транзит низ територијата на ЕУ.

Со санкциите за Мјанмар се воведува и ембарго за извоз на оружје, опрема за следење на комуникациите што може да се користи за внатрешна репресија и на стоки за двојна употреба на мјанмарската армија и граничната полиција, како и забрана за воена обука и соработка со Вооружените сили на земјата. Со рестриктивните мерки, исто така, се замрзнува финансиска помош и поддршка од ЕУ за мјанмарската Воена хунта, што би можеле да се сметаат за нејзино легитимирање.

Во заклучоците од Самитот на ЕУ одржан на 21 и 22 март, европските лидери ја реафирмира својата посветеност да ја обезбеди сета релевантна поддршка на Молдавија за справување со предизвиците предизвикани од руската агресија врз Украина и за зајакнување на отпорноста, безбедноста и стабилноста на земјата од дестабилизирачките активности на Русија и нејзините сателити. Режимот на рестриктивните мерки на ЕУ насочени кон лица одговорни за поддршка или спроведување активности за поткопување или загрозување на суверенитетот, независноста, демократијата, владеењето на правото, стабилноста или безбедноста на Молдавија беше воведен лани во април. Дополнително, на Самитот на ЕУ на 14 декември минатата година беше донесена одлука за старт на преговорите за членство со Молдавија. Земјата доби статус на земја на кандидат за членство во ЕУ на 23 јуни 2022 година.

ЕУ ги воведе првите рестриктивни мерки поврзани со Мјанмар на 22 април 2013 година. Дополнително санкциите беа проширувани по воениот удар од 1 февруари 2021 година и континуираната воена и полициска репресија во следните години. Со одлуката за ново продолжување на овие санкции, ЕУ ја реафирмира својата најсилна осуда на воениот удар во Мјанмар и неговите последици и ја изразува својата длабоко загриженост поради континуираната ескалација на насилството и конфликтот во земјата, проследени со репресивни неселективни акции од страна на армијата врз населението, со сериозно кршење на основните човекови права и со непочитување на принципите на правдата и хуманоста. ЕУ ја потврдува својата непоколеблива посветеност на потрагата на народот на Мјанмар за слободна, мирна и демократска иднина, посочува ЕК.

НБА: Минесота прв пат во историјата поведе со 3-0 во плејофот

 Минесота го совлада синоќа Феникс на гостински терен со 126:109 во третиот натпревар од плејофот на Западната конференција во НБА лигата и прв пат во историјата на франшизата поведе со 3:0 во серијата до четири победи.

Ентони Едвардс ја предводеше Минесота со 36 поени и девет скокови, Руди Гоберт додаде 19 поени и 14 скокови, а Карл-Ентони Таунс со заврши натпреварот со 18 поени и 13 скока.

Најефикасен во редовите на Феникс беше Бредли Бил со 28 поени.

Четвртиот натпревар е на програмата в недела вечер во Феникс.

Ниту еден тим во историјата на плејофот во НБА лигата не успеал да надомести негатива од 0-3 во серијата до четири победи.

Феникс имаше ефект од 3-0 во победи против Минесота во регуларниот дел од сезоната со просечна разлика од 15.7 поени.

ССМ ги повикува работниците на протест по повод Меѓународниот ден на трудот 1 Мај

 Сојузот на синдикатите на Македонија организира протест  по повод Меѓународниот ден на трудот 1 мај. 

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов во отворено писмо до јавноста посочува дека работничкото движење во Македонија е исправено пред сериозен предизвик поради, како што наведува, односот на креаторите на политиките кои покажаа дека водат грижа исклучиво за себе и за своите интереси, а не водат грижа за работниците, работничките права и работничките интереси.

- Денеска, работниците во Македонија се соочуваат со се поголем притисок за нивната егзистенција поради високите трошоци за живот и ниските плати. Синдикатите покажаа дека можат напорно да работат во интерес на нивните членови и во интерес на работниците. Синдикатите покажаа дека секој сам може да постигне резултат, но имаме можност сплотени да покажеме одлучност во работничката борба, онака како што вашите и нашите членови очекуваат и онака како што работниците очекуваат од нас, наведува тој во писмото повикувајќи го членството на протест.

Трендафилов посочува дека на 1 мај работниците имаат можност и шанса да покажат дека се незадоволни и дека сите тие кои претендираат да ја водат државата треба да го слушнат гласот на работниците.

-Имаме можност да го покажеме нашето, работничкото незадоволство и заедно да излеземе на голем работнички протест на 1 Мај, особено поради можноста, пораките, нашите и работничките барања да ги упатиме на неколку денови пред парламентарните избори до сите тие кои претендираат да ја водат Државата. Како Претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија ве замолувам да покажеме одлучност во борбата, борбата која е заедничка, за подобро утре и за подобри работнички права, наведува Трендафилов.

На протестот очекува на ССМ да му се придружат и членови на други синдикати и граѓани.

На Меѓународниот ден на трудот - 1 Мај, протестот ќе започне во 11 часот од пред Работничкиот дом до Собрание - Стопанска комора - Влада.

притисни ентер