Намирници што им се даваат на кучињата, а се штетни за нивното здравје!

Овие 15 намирници може да бидат многу токсични за кучињата.

Сопствениците на кучиња се поврзани со своите миленици и честопати ги третираат како членови на семејството. Меѓутоа, многумина не се свесни дека обичните намирници што луѓето ги користат во кујната може да бидат опасни, па дури и отровни за овие миленици.

Кучињата имаат сосема поразличен дигестивен тракт од луѓето, па одделни намирници нивното тело не може да ги апсорбира, зашто имаат поразличен метаболизам од луѓето. Некои од овие намирници, во мали количини не се токсични, но бидејќи повеќето кучиња се лакоми по природа и може да изедат поголема количина од храната наменета за луѓе, тоа може да биде штетно за нив.

Клучни симптоми на труење со храна кај кучињата се: повраќање, дијареа, проширени зеници, губење на апетит, немир, тетеравење, дезориентација

Ако се сомневате дека вашето куче изело нешто отровно, веднаш однесете го на ветеринар или дајте му нешто што ќе предизвика повраќање.

Ова е список од 15 намирници кои повеќето од нас ги користат секој ден, а се исклучително токсични за кучињата.

1. Лук

Лукот содржи тиосулфат кој ги оштетува црвените крвни зрнца кај кучињата. Сепак потребно е голема количина од оваа намирница за да предизвика труење, но некои раси, особено јапонските акита и шиба ину се посебно осетливи.

Знаците на труење со лук може да се појават неколку дена по консумирањето.

2. Тесто за леб

Непеченото тесто за леб може да биде исклучително опасно за вашето домашно милениче поради квасецот кој ферментира и брзо се апсорбира во крвотокот, каде што произведува доволно етанол да предизвика алкохолно труење. Покрај тоа, тестото со квасец може да нарасне додека се движи низ дигестивниот систем, па може да доведе и до смрт на кучето.

Квасецот може да го надуе стомакот на вашето милениче предизвикувајќи интензивна болка и непријатност.

3. Чоколадо

Омилениот десерт на луѓето е еден од најчестите токсини за кучињата. Тоа се случува поради теоброминот, алкалоид кој може да предизвика срцеви аритмии и дисфункција на централниот нервен систем кај животните. Темните чоколади се најопасни, а токсичноста зависи од многу фактори, вклучувајќи ја количината и големината на кучето.

4. Алкохол

Помали количини алкохол веројатно нема да го убијат вашето куче, но постои можност за труење и други здравствени проблеми. Алкохолот може да предизвика значителен пад на крвниот притисок, телесната температура и шеќерот во крвта кај кучето, што може да доведе до напади, па дури и до проблеми со дишењето.

5. Грозје

Ова овошје е една од најотровните намирници за кучињата. Никој не знае која состојка во грозјето го прави толку отровно за кучињата, дури и во мали количини. Грозјето може да предизвика ненадејно откажување на бубрезите на кучето. Други симптоми на труење со грозје се: лош здив, губење на апетит, повраќање и дијареа.

Некои кучиња се исклучително подложни на труење со грозје и суво грозје, затоа ова овошје чувајте го подалеку од вашето домашно милениче.

6. Шеќер

Шеќерот, особено ксилитолот кој се наоѓа во бонбоните, гумите за џвакање и многу слатки закуски е исклучително токсичен за кучињата. Тој предизвикува брзо ослободување на инсулин што може да доведе до кома во рок од 15 до 20 минути. Ако вашето куче изеде поголема количина шеќер, веднаш однесете го на ветеринар.

7. Диви печурки

Јадливите печурки што ги купувате во продавница обично се безбедни за кучињата, но дивите печурки што растат во вашиот двор или во природата можат да бидат многу токсични за вашето домашно милениче. Ако имате печурки околу домот, редовно отстранувајте ги за вашето куче случајно да не ги изеде.

8. Јаболка

Јаболкото како овошје не е отровно за вашето домашно милениче, но семките од ова овошје се многу токсични за кучињата поради присуството на соединение наречено амигдалин. Неколку семки од ова овошје, нема да го убијат вашето куче, но во поголеми количини може да бидат токсични.

9. Праски

Слично на јаболката, месото на праската не е опасно, но семката содржи супстанца која ослободува цијанид. Покрај проблеми со цијанидот, семките предизвикуваат опасност од гушење. Истото важи и за кајсиите.

10. Праз

Слично на лукот, и празот содржи соединенија кои се токсични за кучињата. Празот и лукот се меѓу 7-те најопасни намирници за кучињата, кои се најчеста причина за смрт кај кучињата, предупредуваат ветеринарите. Истото важи и за кромидот и власецот.

11. Сенф

Сенфот најверојатно нема да биде смртоносен за кучињата во мали дози, но во поголеми количини може да биде токсичен за кучето. Поради благо токсичната природа на сенфот, ветеринарите често го предлагаат како средство да предизвикате повраќање кај кучето. Истото важи и за семето од синап, кое често се користи при готвење.

12. Кафе

Кофеинот е токсичен за кучињата и не е потребна голема количина за да предизвика сериозни последици. Талогот од кафе и други извори на кондензиран кофеин, исто така, може да претставуваат сериозна закана за здравјето на вашето домашно милениче.

13. Цреши

Слично на праските и јаболката, црешите содржат амигдалин кој ослободува цијанид во семките и е токсичен за кучињата. Црешите можат да бидат и поопасни од праските бидејќи се многу поситни, па затоа кучињата почесто ќе ги јадат. Покрај токсичните семки, црешите може да предизвикаат надуеност на стомакот. Истото важи и за вишните.

14. Компири

Уште една намирница која може да биде многу токсична за кучињата е компирот. Ако кучето изеде компир, тоа може да доведе до блокирање на ацетилхолинот, кој им е неопходен на кучињата за пренос на нервните импулси.

Јадењето компир кај кучињата може да бидат проблеми со нервниот систем и цревниот тракт. Ова особено се однесува на зелените компири, но и на оние со никулци.

15. Зелени домати

Зрелите црвени домати се безбедни за кучињата, но зелените домати особено оние од туршија, може да бидат многу отровни за домашните миленици. Причината за тоа е супстанцијата соланин, која се наоѓа во незрелите плодови, стеблата и листовите на доматот. Ако имате градина и одгледувате домати, најдобро е вашето куче да го држите подалеку од нив, бидејќи џвакањето на листовите од овој зеленчук е исто толку токсично како да изеде листови од винова лоза.

Усик стана првиот апсолутен светски шампион во тешка категорија во 21 век

Украинскиот боксер Олександар Усик го победи Британецот Тајсон Фјури во главната борба на боксерската вечер во Ријад и ја освои титулата апсолутен светски шампион во тешка категорија. 

Борбата траеше сите 12 рунди. Судиите со поделена одлука му ја доделија победата на Украинецот - 115:112, 113:114, 114:113.

Триесет и седумгодишниот Усик стана првиот неприкосновен светски шампион во тешка категорија по Ленокс Луис (41-2) во 2000 година и прв во ерата со четири појаси.

Претходно, во ерата на три појаси, само Ивандер Холифилд (44-10) беше апсолутен светски шампион во тешка категорија.

Сега украинскиот боксер има шест појаси: четири големи: ВБА (Супер), ВБЦ, ИБФ, ВБО и два помали: ИБО и Ринг.

За 35-годишниот Фјури ова беше прв пораз во кариерата. Пред оваа борба тој забележа 34 победи и една борба со негово учество заврши нерешено.

Усик сега има 22 победи во 22 борби./МИА

ИДФ ги повика Палестинците да ги евакуираат крајбрежните населби во северниот дел на Газа

Израелската армија ги повика Палестинците во крајбрежните населби во северниот дел на Газа да ја евакуираат областа додека ја продолжува операцијата во Џабалија.

Портпаролот на Израелските безбедносни сили (ИДФ) на арапски јазик, Авичај Адри, објави список на нови зони што треба да се евакуираат, а на палестинските цивили им беше кажано да се преселат во засолништа западно од градот Газа, пишува „Tајмс оф Израел“.

Минатиот викенд, ИДФ издаде предупредување за евакуација на градот Џабалија, пред да биде извршен нападот.

Оттогаш, армијата двапати ја прошири зоната за евакуација, а најновата најава ги вклучува областите Ал-Ататра и Ал-Карам во Појасот Газа. /МИА

Протест на британските плажи поради загадување на водата

Илјадници луѓе ширум Велика Британија се собраа вчера на плажите, реките и езерата за да побараат промени на нивоата на загаденост на водата во земјата.

Демонстрантите се собраа во областите за капење од Западниот Пјер во Брајтон до плажата Гилингвасе во Фалмут по извештаите дека милиони литри вода од канализација биле испумпани во Виндермер во областа Лејк за повеќе од 10 часа во февруари.

Ситуацијата од опозициските политичари беше окарактеризирана како „скандалозна“, додека Лондон рече дека ситуацијата е „целосно неприфатлива“ и дека Агенцијата за животна средина има овластување да покрене кривично гонење.

Испумпувањето се случило во пумпната станица на компанијата во Бонс-он-Виндермер, Камбрија, ноќта на 28 февруари, пишува „Индипендент“.

Пумпите за итни случаи испуштија повеќе од 10 милиони литри вода од канализација во местото на светското наследство на УНЕСКО, откако главните пумпи беа нагло прекинати поради дефект на телекомуникациите. /МИА

притисни ентер