Објавени се две фотографии од истото место, направени со разлика од речиси еден месец. Првата е снимена на 27 јули, а втората на 24 август годинава. На втората, очигледно, може да се види местото каде паднало леталото. Рускиот вселенски брод Луна-25 се урна на површината на Месечината на 20 август.
Директорот на руската вселенска агенција Роскосмос, Јуриј Борисов, ден по падот изјави дека погонската единица на автоматската лунарна сонда Луна-25 била активна 127 секунди за време на прилагодувањето за влез во орбитата, наместо планираните 84 секунди. Тој смета дека токму тоа е главната причина за падот на сондата која се урна на површината на Месечината и се загуби.
„Во 14 часот и 10 минути по московско време (19 август) беа вклучени погоните кои требаше да го прилагодат леталото и да го донесат во орбитата пред слетувањето. За жал, исклучувањето на погонот не се случи како и обично според програмираните параметри. Моторите работеа за 127 секунди наместо предвидените 84. Тоа беше главната причина за падот на сондата“, рече Борисов.
Тој истакна дека операцијата за прилагодување за влегување во орбитата повеќепати била тестирана на копнениот симулатор за летање, пренесува руската државна новинска агенција ТАСС. Инаку, Роскосмос во вчерашното соопштение за медиумите потврди дека веднаш е формирана специјална меѓуресорска комисија која треба да ги истражи причините кои довеле до губење на леталото во кое немало екипаж.
Руското летало требаше да слета на јужниот пол на Месечината, како дел од големата трка за истражување на делот од Месечината за кој научниците веруваат дека може да содржи замрзната вода и скапоцени елементи. Претходно Роскосмос објави дека ги добил првите резултати од мисијата Луна-25 и дека се анализираат. Агенцијата објави и фотографии од лунарниот кратер Земан направени од леталото.