Нетанјаху до британскиот шеф на дипломатијата: Сами ќе решиме како ќе му вратиме на Иран

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му порача на британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон дека Израел „сам ќе одлучи“ како да одговори на иранскиот напад.

Нетанјаху рече дека неговата влада „ќе стори сѐ што е потребно за да се одбрани“. Британската влада се надеваше дека разговорите ќе помогнат да се спречи ескалација, јавува Би-Би-Си.

Нетанјаху постојано ветуваше дека ќе возврати на невидениот ракетен и беспилотен напад на Иран врз Израел овој викенд.

Камерон му рекол дека секој одговор треба да биде „паметен“ и ограничен. По средбата со Нетанјаху во Ерусалим, Камерон им рече на новинарите дека дошол да „покаже солидарност“ по „ужасниот“ напад од Иран.

„Се надеваме дека што и да прави Израел ќе биде ограничено, насочено и колку што е можно попаметно“, продолжи тој. „Не е во ничиј интерес да ескалира и тоа е она што многу јасно им го кажав на сите луѓе со кои разговарав овде во Израел“, додаде Камерон.

Израелскиот премиер по средбата изјави дека Израел самостојно донесува одлуки.

„Сакам да појаснам - ние самите ќе ги донесеме нашите одлуки, а државата Израел ќе направи сѐ што е потребно за да се одбрани.“ Изјавата на Нетанјаху ќе го зајакне верувањето во западните престолнини дека Израел е подготвен да му возврати на Иран.

Камерон подоцна ќе отпатува на состанокот на министрите на Г7 во Италија каде ќе се заложи за координирани санкции кон Иран.

Тој претходно го обвини Техеран дека стои „зад толку многу малигни активности“ на Блискиот Исток и ги повика другите земји да преземат мерки за ограничување на влијанието на Иран.

САД и ЕУ размислуваат за дополнителни санкции, а Израел ги повикува своите сојузници да го назначат Корпусот на иранската револуционерна гарда (IRGC), главната воена, политичка и економска сила во Иран, како терористичка организација.

Камениот мост во Скопје целосно запуштен од институциите

Камениот мост – наместо симбол на Скопје, тоне во агонија. 

Поранешниот грациозен поглед, сега е обраснат со гранки и секаква вегетација. Сводовите се посебна приказна, несовесните и натаму си ги користат како тоалети од каде се шири непријатна миризба, засилена од топлото време, некои ја изразуваат и својата „уметност“ на нив, а од страната на „чаршијата“ се користат и како паркинзи.

На целиот поразителен амбиент се додава и „живата музика“ што е распространета по Камениот мост, па чувството е повеќе како да пешачите во некоја земја од третиот свет, наместо среде Европа во Скопје.

Барем попладнево, најмногу од оние кои го преминаа Вардар преку овој мост беа туристи кои велат, дека ваквите објекти во нивните држави се третираат како светост.

Скопјани велат дека ваквата ситуација покажува и на негрижата на иснтитуциите, но и на несовесноста на граѓаните.

Се изгуби и вечерната магија на камени мост која ја даваше осветлувањето, бидејќи голем дел од светилките не работат. Град Скопје распиша и тендер за илуминација, но истиот заглави во институциите.

Од конзерваторскиот центар велат дека не може да се дозволи секој да работи на објект од толку големо значење, а избраната фирма, не поседува проектант со законски определената лиценца.

Што се однесува до грижата и состојбата на Камени мост, од конзерваторски велат имаат ингеренции само да направат увид и да ги известат надлежните инспектори, уверуваат, дека состјбата е единствено во надлежност на градот.

Одговор на прашањата побаравме и од Град Скопје, најавија одговори кои не пристигнаа до подготовката на прилогот.

Франција ги претстави предлозите за намалување на тензиите меѓу Израел и Хезболах

Во изминатите шест месеци, напоредно со војната во Појасот Газа, Израел и либанскиот Хезболах секојдневно разменуваа оган од двете страни на границата.

Француските власти денеска им презентираа предлози на либанските власти со цел да се намалат тензиите меѓу Израел и проиранската милитантна група Хезболах, изјави францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне, додавајќи дека официјален Париз се обидува да посредува меѓу конфликтните страни.

„Имавме неколку предлози до либанската страна. Имаме околу 20.000 Французи во Либан за кои војната во 2006 година беше особено драматична, меѓу другото, и затоа соработуваме со Либан“, рече Сежурне во пресрет на состанокот во Ерусалим со израелскиот министерот за надворешни работи Израел Кац.

Сежурне рече дека основата на францускиот предлог е да се обезбеди спроведување на резолуцијата 1701 на ОН. Хезболах рече дека нема да влезе во конкретни разговори додека не дојде до прекин на огнот во Појасот Газа, каде што војната меѓу Израел и Хамас влезе во седмиот месец.

Во изминатите шест месеци, напоредно со војната во Појасот Газа, Израел и либанскиот Хезболах секојдневно разменуваа оган од двете страни на границата. /МИА

Откриени над 200 килограми канабис на грчкото пристаниште Игуменица

Со помош на куче откривач на дрога, во камион што пристигнал од Италија на грчкото пристаниште Игуменица, крајбрежната служба на Грција открила речиси 210 килограми канабис, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од крајбрежната служба на Грција, кучето Влад ја открило дрогата спакувана во 193 најлонски кеси со вкупна тежина од 209 килограми и 820 грама.

Возачот, 60-годишен грчки државјани бил уапсен и ќе биде изведен пред јавен обвинител.

Камионот со траект, на Игуменица пристигнал од Италија. /МИА

притисни ентер