Николоски на средби во ММФ

Здравите економски политики поттикнуваат забрзување на економскиот раст.

Македонија продолжува да води здрави економски политики. Фискалната политика даде соодветен одговор во справување со кризата, а поставената цел за фискална консолидација во наредниот период преку заштеди и поголема поддршка на економијата со инвестиции е основа за забрзување на економскиот раст на среден рок. Владата останува посветена на реформите коишто се клучни за напредок и постигнување повисоки стапки на економски раст и забрзана интеграција во ЕУ. Напредокот во евроинтегративниот процес и реализацијата на новиот европски План за раст на Западен Балкан се исто така дополнителен придонес во остварување на поставените политики. Ова беше посочено на средбите на заменик-министерот за финансии Филип Николоски во Вашингтон со заменик на генералниот директор на ММФ Бо Ли, извршниот директор на ММФ Пол Хилберс, алтернативниот извршен директор Лук Дресе, како и директорот на ММФ за Европа Алфред Камер.

„РС Македонија во изминатите две години доби значајна поддршка од Меѓународниот монетарен фонд, која воедно беше и потврда за здравоста на економските политики што ги спроведува. Преку пристапот до Програмата за ликвидност и претпазливост, ги потврдивме здравите политики, а од страна на ММФ беше позитивно оценет првиот преглед за ПЛЛ што овозможи повлекување на втората транша финансиски средства од овој инструмент. Остануваме на патеката на постепена фискална консолидација, намалување на буџетскиот дефицит, зголемени средства за јавни инвестиции и поттикнување на економскиот раст и постигнување просечни стапки на раст од 5%“, рече заменик-министерот Николоски.

Тој додаде дека оваа година се очекува интензивирање на економската активност, која ќе биде поттикната од зголеменото учество на капитални расходи во Буџетот, силните инвестиции во инфраструктурни проекти, како и приватната потрошувачка, поддржана од растот на платите.

Дополнително влијание, како што додаде, покрај домашните фактори ќе има и очекувањата за нормализација на глобалното опкружување, стабилизирање на глобалните синџири на снабдување, растот на економската активност кај нашите главни трговски партнери и слично.

„Најголем придонес кон раст во 2024 година се очекува од бруто-инвестициите со планиран раст од 8,4%, главно поттикнати од интензивирањето на реализацијата на големите инфраструктурни проекти на коридорите 8 и 10, зголемена доверба кај инвеститорите, очекуваниот прилив на странски директни инвестиции, зголемениот интерес за инвестиции во обновливи извори на енергија, зголемената активност во индустриските зони и најавените нови инвестиции кои ќе придонесат за раст на извозот за 4,6%, како и приватната потрошувачка која се очекува да има реален раст од 3,1% и надворешната побарувачка темелна на подобрување на надворешното опкружување, односно раст во еврозоната и зголемување на економската активност во Германија“, истакна заменик-министерот за финансии, кој посочи и на очекувањата од реализацијата на европскиот План за раст на Западен Балкан и активностите коишто се одвиваат со забрзана динамика во овој процес и секако стабилизирање на инфлацијата.

Ваквото поповолно опкружување ќе даде основа за преориентација на владините политики од справување со криза кон остварување засилена економска активност, смета заменик-министерот, кој наведе дека поради се уште присутните ризици и предизвици, во Буџетот и во оваа година се обезбедени средства за надминување на одредени кризни состојби.

Средбите се одржаа во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон, каде заменик-министерот за финансии Филип Николоски учествува заедно со гувернерката на Народната банка на Македонија Анита Ангеловска-Бежоска. Во Вашнгтон, тие ќе остварат средби и со високи претставници на Светска банка, односно со потпретседателката на Светска банка Антонела Басани, извршниот директор на Светска банка Јуџин Ругенат, директорката на Светска банка за Западен Балкан Шиаочин Ју.

Министерство за финансии

ВМРО-ДПМНЕ: ДКСК да покрене постапка против Битиќи

ДКСК да покрене постапка против Битиќи, бара од фирмите на кои им исплаќал државна помош да гласаат за него, им сугерира и број на гласачко ливче.

По објавениот документ од кој се гледа како Битиќи бара од компании да го поддржат затоа што им исплаќал државна помош тој требаше да се повлече од политиката.

Фактот што Битиќи не само што не се повлече, туку и не се извини, говори како СДС и ДУИ ја заробија државата и како 100тина функционери управуваат со државата како да е нивен личен имот.

ДКСК не смее да чека, да отвори случај и да се отвори постапка и пред другите институции.

Злоупотребите на институциите мора да запрат. По 8ми мај ќе се стави крај ма ваквите практики, а таквите како Битиќи ќе се соочат со одговорност.

Време е да ја вратиме државата на народот. Македонија повторно твоја,се наведува во партиското соопштение.

Пендаровски со порака по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите

Претседателот Стево Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите, ја упати следната порака:

„Слободата на медиумите е еден од темелите на демократските вредности и е од суштинско значење за демократскиот развој на македонското општество.

Квалитетните, професионални и независни новинари, коишто ја сфаќаат сериозноста и тежината на креирање на јавното мислење, можат да претставуваат силен глас на јавноста.

Затоа мора да продолжиме да вложуваме во воспоставувањето стандарди со кои медиумите ќе можат слободно и независно да работат и да се развиваат. Да градиме атмосфера во која медиумските работници ќе се чувствуваат безбедно и заштитено. Да имаме доблест да ја прифатиме критиката и да ја поддржиме слободата на изразувањето. Само така ќе имаме моќни и силни медиуми и новинари коишто ќе бидат објективни во известувањето и ќе ѝ служат на јавноста, а не на политичките елити и на изворите на финансирање.

На сите медиумски работници им го честитам Светскиот ден на слобода на медиумите.“, соопштуваат од неговиот кабинет.

СДСМ: На 8 ми мај граѓаните масовно да излезат на изборите, се одлучува за иднината на државата

Граѓаните треба масовно да излезат на изборите на 8-ми мај и да гласаат. Се одлучува за иднината на државата.

Прашањето е каква држава сакаме да изградиме?

Дали ќе следи уште една лоша реприза од тоталитарното владеење на Груевски и неговата криминална екипа, или заедно со СДСМ ќе имаме слободна, просперитетна и европска иднина.

Изборот е во рацете на граѓаните но тоа може да има сериозни негативни последици кон иднината на Македонија.

СДСМ ги повикува сите граѓани, да излезат на гласање во среда, да го заокружат бројот 1 и да гласаат ЗА, за европска иднина, за европски стандарди и вредности, за држава во која децата ќе сакаат да останат, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер