Нов „РОГ фон 8“ паметен телефон за „гејмери“ од „Асус“

Компанијата „Асус“, со седиште во Тајпеј, Тајван, потврди дека на 16 јануари ќе ја претстави „РОГ фон 8“ серијата „гејмерски“ паметни телефони.

Официјалната видео најава беше објавена во декември, а во меѓувреме протекоа и неофицијални подробности за изгледот на моделите „8“ и „8 про“.

Дизајнот на двата модели, осмислени пред сѐ - за „гејмери“ и помалку страсни љубители на видео игри, ќе биде речиси ист, освен различното осветлување на задната страна. Освен тоа, „8 про“ има рамен екран со централно поставена вдлабнатина за селфи-камерата од 32 мегапиксели. На десната страна на уредот има копче за „напојување“ и контроли за јачината на звукот. Натаму, едниот УСБ-Ц влез се наоѓа лево, а другата на долниот дел од паметниот телефон опремен и со 3,5-милиметарски приклучок за слушалки.

Според наводите, „РОГ фон 8 про“ ќе има 6,78-инчен „ФХД+ АМОЛЕД“ екран на допир со стапка на освежување од 165 херци и поддршка за „ХДР10+“ и „ЛТПО“ технологија. Уредот има процесор „Снепдрагон 8 ген 3“ на „Квалком“, поврзан со 24 гигабајти РАМ-меморија.

За задните камери сѐ уште не се знае многу, а за батеријата, неофицијалните наводи говорат дека ќе биде со моќ од 5.500 мегаампер-часови и поддршка за брзо полнење од 65 вати. Мобилниот телефон ќе оди со сертификат за отпорност на вода и прашина.

Приведениот американски војник во Русија призна вина

 Американскиот војник Гордон Блек, кој е во притвор во Русија, се изјасни за виновен за кражба и соработува со истрагата, соопшти неименуван претставник на руското Министерство за внатрешни работи.

Блек е приведен на 2 мај од полицијата во рускиот град Владивосток. Американецот е приведен под сомнение дека крадел од жена со која бил во интимна врска.

Судот му одреди на Блек притвор до 2 јули.

САД ги предупредуваат своите граѓани да не патуваат во Русија поради повеќе причини, а една од нив е потенцијалното вознемирување и ризикот од притвор во комбинација со произволно спроведување на законот од страна на руските власти.

Ѓоковиќ: Никогаш нема да кажам кој е најдобар тенисер во историјата

 Првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ призна дека од почит кон сите шампиони не сака да го именува играчот што го смета за најголем во историјата.

Триесет и шестгодишниот Србин го држи рекордот за најмногу Грен слем титули во сингл кај мажите (24). Вкупно има 99 АТП титули (од кои 98 во сингл).

- Многу ми е тешко да имам ваква дискусија. Но, мислам дека кога станува збор за тенисот, се чувствувам добро кога луѓето зборуваат за тоа. На крајот на краиштата, колку повеќе луѓе се расправаат за ова, толку повеќе се зборува за нашиот спорт, што само му користи. Но, никогаш нема да кажам кој според мене е најдобар тенисер, тоа ќе им го препуштам на другите. Во основа ја земам оваа позиција од почит кон сите големи шампиони од сите генерации, рече Ѓоковиќ на поткастот „Good Trouble“.

Претходно, Ѓоковиќ во неколку наврати изјави дека негов главен ривал во кариерата е Рафаел Надал.

Мицотакис: Било кое отстапување од Договорот од Преспа ќе има последици

Било кое отстапување од Договорот од Преспа ќе има последици и во билатералните односи и на патот на Скопје кон ЕУ.

Пораката дека Грција нема да ги ратификува трите меморандуми за соработка сè додека не постои целосно усогласување со одредбите од Договорот од Преспа, но и ставот дека отстапувањето од Договорот ќе донесе последици и на европскиот пат на Северна Македонија и во билатералните односи, ги изрази грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за телевизијата „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.

-Во однос на тоа што ќе правиме, со јасна изјава ја предупредив и новата Влада на Скопје дека кое било отстапување од Договорот, сигурно е дека ќе има сериозни последици во нашите односи со Северна Македонија, но и на патот на Северна Македонија кон Европа, истакна Мицотакис.

Потсети на неговото, како што рече, предупредување во 2019 година дека „ратификацијата на Договорот нè обврзува во иднина да го спроведеме“.

-За одредницата „македонски“, ова за жал е гарантирано во Договорот од Преспа и ова беше нашето големо несогласување, односно придавките македонска нација и македонски јазик, а не „северномакедонски“, рече Мицотакис.

Коментирајќи ја вчерашната одлука на опозициската СИРИЗА да ги достави во Парламентот трите меморандуми, грчкиот премиер рече дека е пракса која „навистина ги достигнува границите на апсурдот“.

-Ми направи впечаток фактот што вчера СИРИЗА побрза да ги достави трите меморандуми во Парламентот. Сега, кога го гледаме она за што се сомневавме веќе подолг период дека може да дојде следната Влада и на некој начин да го оспори јадрото на Договорот, што всушност е ерга омнес, односно едно име за сите. Сега да дојдеме ние да ги ратификуваме меморандумите и да го изгубиме секое преговарачко оружје што го имаме за Скопје?, истакна грчкиот премиер.

Посочи дека ги следеле политичките случувања кај нас, гледале дека доаѓа нова Влада, го читале тоа што било кажувано и како што објасни, затоа избрале да не ги ратификуваат меморандумите.

-Ние нема да ги ратификуваме меморандумите сè додека не сме апсолутно убедени дека другата страна е усогласена со сите одредби на Договорот од Преспа, порача Мицотакис.

Во однос на постапката на лидерот на Грчко решение Кирјакос Велопулос да го скине Договорот од Преспа на собраниската говорница, рече дека не сака да ги коментира „патриотските испади на Велопулос, кој има направено кариера врз овие прашања“ и истакна дека граѓаните сфаќаат што значи „одговорен патриотизам и кои се патриоти во пракса“.

притисни ентер