Новиот еврокомесар за проширување идната недела во Скопје

Новиот еврокомесар за соседство и проширување Оливер Вархели на 15 и 16 јануари ќе допатува во посета на Македонија, дознава МИА од извори од Брисел. Тоа ќе биде негова прва посета по стапувањето на функцијата еврокомесар.

Се очекува Вархели да оствари средби со владини претставници, на кои најверојатно ќе стане збор за новата методологија предложена од Франција и текот на реформите во земјава, особено донесувањето на законот за јавно обвинителство.

На 18 декември вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи се сретна со Вархели во Брисел, при што му го претстави реформскиот план на Владата до самитот на Европскиот совет во март.

Европската комисија ќе објави мини-извештај за Македонија и Албанија во февруари, а новата методологија, според најавите, се очекува да биде усвоена во март.

Еврокомесарот Вархели, минатиот месец рече дека пристапните преговори со Македонија и Албанија треба да почнат на пролет. Тој тогаш рече дека ЕУ треба да ја исправи грешката од октомври.

Земјите-членки на ЕУ не се договорија за почеток на преговори со двете земји, поради противењето на Франција, која пак, услови со нова методологија на преговарање.

Европската комисија треба да излезе со предлог за новата методологија до крајот на јануари. /МИА

Зеленски се обрати до нацијата: Се браниме кај Харков, во Доњецк е екстремно тешко (ВИДЕО)

Украинските сили продолжуваат со одбранбените операции околу северните погранични населби во регионот Харков, изјави украинскиот претседател Зеленски во вечерното обраќање до нацијата.

„Втор ден нашите сили извршуваат контранапади и ја штитат украинската територија“, рече Зеленски. Украинската војска претходно соопшти дека руските сили се задржани во пограничните села во „сивата зона“, додека Русија наводно зазела пет локални населби: Плетенивка, Охорцеве, Борисивна, Пилне и Стрилеќа.

Ситуацијата, рече Зеленски, е „особено напната“ во регионот на Доњецк, поточно во правец на Покровское, во близина на селата Семенивка и Нетаилова. „Снимаме повеќе од 30 конфликти дневно, тоа е исклучително тешко“, рече Зеленски, додавајќи дека „попречувањето на руските офанзивни акции сега е задача број еден“.

Илјадници Грузијци демонстрираа во Тбилиси против законот за „странски агенти“

Неколку илјади демонстранти излегоа вечерва на улиците во грузискиот главен град Тбилиси за уште еднаш да протестираат против контроверзниот нацрт-закон за „странски агенти“ поддржан од владата, но критикуван од САД и Европската унија.

Толпата собрана на плоштадот Европа ги вееше знамињата на Грузија и на Европската унија.

Тбилиси вели дека сака да се приклучи на заедницата и покрај предлог-законот, за кој неговите противници велат дека е сличен на руското законодавство што се користи против опозицијата.

Со свечена академија одбележана Меѓународната недела на сестринството

Националното здружение на медицински сестри, техничари и акушерки вечерва одржа свечена академија по повод Меѓународната недела на сестринството.

Националното здружение на медицински сестри, техничари и акушерки вечерва одржа свечена академија по повод Меѓународната недела на сестринството со која се одбележуваат 5 Мај – Меѓународен ден на акушерките и 12 Мај – Меѓународен ден на медицинските сестри.

Академијата ја отвори претседателката на здружението, Велка Лукиќ, која нагласи дека медицинските сестри се темелот на здравствените системи, а во својот говор се фокусираше на предизвиците со кои се соочуваат - недостигот на овој кадар поради одливот од земјава и, од таа причина, и преоптовареноста на оние што останале да работат во нашите здравствени установи.

-Сестрите мигрираат од работни места во посиромашни земји и одат во побогати земји. Причината е различна – некои за да бидат со своите семејства, некои одат за егзистенција на нивните семејства, а некои од сестрите одат за да прават кариера. Меѓутоа, немаме многу замена по нивното заминување и сестрите што се на работните места се под голем притисок од динамиката што ја бара средината во која работат, одговорноста што ја носат и безбедноста нивна и на пациентот. Поради тоа, тие се многу оптоварени и се под голем стрес. Тоа е опасно затоа што може да дојде до несакани грешки и несакани пропусти, истакна Лукиќ.

Додаде дека мора да внимаваат „како ќе излезат во пресрет на потребите што се влечат со години наназад“ и соопшти дека имаат барања што ќе ги упатат до идната влада.

-Тие остануваат со години исти и треба да се регулираат. Во делот на образованието – покрај стручните да може да има академски студии, колективните договори да се променат и да се следи образованието како и за другите професии. Треба да помогнеме во однос на стандардизација на работата и да изработиме категоризација на пациентите според нивните потреби. Не може да се делат на интерна гранка и хируршка, туку според нивните потреби – дали е самостоен, зависен, дали е полузависен или е на интензивна терапија, рече Лукиќ.

Празникот на медицинските сестри им го честиташе претседателка на Лекарската комора, Калина Гривчева-Старделова, која во поздравниот говор истакна дека сестрите се 50 отсто од вкупниот број здравствени работници во светот и дека нивната работа е нераскинливо поврзана со работата на докторите. За квалитетно и успешно лекување на пациентите, нагласи таа, потребно е и едните и другите професионално, стручно и одговорно да ги извршуваат своите работни задачи.

-Лекарот и медицинската сестра се еден тим, едно цело и синергија меѓу нив е неопходна за давање квалитетна здравствена заштита. Медицинските сестри играат клучна улога во унапредување на здравјето, спречувањето на болестите и обезбедување примарна и превентивна здравствена грижа. Изразуваме голема почит кон медицинските сестри за нивното залагање и пожртвуваната работа и грижа за здравјето на населението и даваме поддршка на секоја иницијатива и напор за инвестирање во едукација на медицински сестри и акушерки и зајакнување на нивната улога во здравствениот систем, што е и мото на годинашниот Меѓународен ден, рече претседателката на Лекарската комора.

притисни ентер