Одобрена екстрaдицијата на Љупчо Палевски – Палчо

Министерството за правда денеска добило известување од турските власти дека е одобрена екстрадицијата на Љупчо Палевски – Палчо.

Тој е првоосомничен во истрагата за грабнување и убиство на свиреп начин на малолетната Вања и на Панче Жежовски.

На оваа тема директно од пред Министерството за правда ја вклучуваме колешката Елизабета Дамјановска – Спасеновска…Кога можеме да очекуваме екстрадиција на Палевски назад во Македонија?

Хаити: Аеродромот во Порт-о-Пренс повторно отворен по повеќемесечно насилство од бандите

Главниот меѓународен аеродром на Хаити во Порт-о-Пренс денеска е  повторно отворен откако пред три месеци насилството на бандите ги принуди властите да го затворат.

Повторното отворање на аеродромот „Тоасан-Лувертур“ во главниот град Порт-о-Пренс се очекува да помогне да се олесни критичниот недостиг на лекови и други основни материјали.

Главното пристаниште во земјата останува блокирано, додека бандите контролираат 80 отсто од главниот град. /МИА

Фицо е свесен и комуникативен

Премиерот на Словачка Роберт Фицо е свесен и комуникативен, а последователно му беше извршена томографија, соопштија денеска неговите лекари.

- Истовремено се преземаат натамошни чекори за подобрување на неговото здравје, соопштија од болницата во словачкиот град Банска Бистрица, каде што премиерот се заздравува по атентатот.

Вицепремиерот Роберт Калинак пред два дена изјави дека Фицо е надвор од животна опасност, иако се уште е во премногу сериозна состојба за да биде префрлен во болница во Братислава. /МИА

Бербок го обвини Путин за терор насочен врз украинските цивили

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок го обвини рускиот претседател Владимир Путин за терор насочен врз инфраструктурата и цивилното население во Украина.

„Фактот дека овој терор врз инфраструктурата продолжи и по зимата покажува дека рускиот претседател сака да ја уништи земјата, сака да ги уништи животите на луѓето овде“, рече Бербок денеска за време на посетата на една од најголемите електрани во Украина.

Таа беше информирана од украинскиот министер за енергетика Герман Галушченко за ситуацијата во електраната, која беше уништена минатиот месец.

Галушченко рече дека Русија истрелала вкупно 11 проектили на локацијата. Од нив, само шест беа соборени од украинскиот систем за противвоздушна одбрана бидејќи немаше повеќе на располагање противвоздушни ракети.

Германската министерка апелираше „до меѓународните партнери ширум светот дека треба да се зајакне воздушна одбрана за да ги заштитат не само големите градови, туку и инфраструктурата“.

„Дури и во топлите пролетни денови, снабдувањето со електрична енергија во Украина мораше да се намали бидејќи централните електрани на јаглен беа погодени од целни напади“, рече Бербок. /МИА

притисни ентер