Oштетена гумената брана за наводнување на оризовите површини кај кочанското село Грдовци

Вработените во водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани утрово забележале намерно оштетување на гумената брана кај селото Грдовци, што се користи за зафаќање на водата од реката Брегалница и наводнување на околните оризови ниви.

Непознат сторител со остар предмет ја исекол гумената обвивка во должина од околу половина метар, по што дошло до истекување на акумулираната вода и празнење на помошниот канал од водозафатот.

-Во изминатите седум дена имаше шест обиди за сечење на гумата и конечно, во текот на доцните вечерни или раните утрински часови, сторителот успеал во намерата. Несфатливо е зошто некој, токму на почетокот на сезоната за сеење на оризот, се одлучил на ваква постапка со која прави повеќекратна штета. Во прашање е доведено наводнувањето на околу 100 хектари оризови површини. Освен тоа, наместо средствата со кои располагаме да ги инвестираме во одржување на каналската мрежа, ќе мора дел да потрошиме за ангажирање служба за чување на гумената преграда. Настанот веќе е пријавен во полиција и очекуваме разоткривање на сторителот и на неговите мотиви за ова кривично дело, истакна Станче Стефанов, техничко лице во водостопанскта подружница „Брегалница“.

Во тек се активности за санирање на оштетувањето на гумената преграда, но постапката е отежната поради зголемената количина вода. Вработените во подружницата очекуваат до крајот на денот да ја нормализираат состојбата со наводнувањето, за да се избегне прекин на сеидбената сезона во овој регион, но и да не дојде до исушување на нивите кои веќе се посеани со ориз.

Истражителка на ОЈО Скопје за компјутерски криминал со меѓународно признание од ИЛЕА

Меѓународната академија за спроведување на законот (ИЛЕА) во Будумпешта додели признание за работата и постигнувањата на Марина Пешовска, истражителка за компјутерски криминал од Истражниот центар на Основното јавно обвинителство Скопје.

Пешовска беше избрана како финалист во категоријата “оперативен успех” поради успешна примена на вештините за дигитална форензика во борбата против локалниот и транснационалниот сајбер-криминал.

Успехот на Истражниот центар го истакна и Амбасадата на САД во Скопје. “Американската амбасада е горд партнер на Основното јавно обвинителство Скопје во неговата борба против компјутерскиот криминал и промоцијата на одговорноста”, објави Амбасадата на САД во Скопје за признанието од ИЛЕА.

Пешовска е еден од 17-те истражители во Истражниот центар на ОЈО Скопје.

Истражниот центар е своевидно јадро на обвинителството и бројот на предмети во кои постапувале истражителите за една година е практично речиси удвоен – од 150 предмети во 2022 на над 280 предмети во текот на 2023 година. Истражителите самостојно преземаат голем број различни дејствија – прибирање документација, барања до институции, учествуваат при претреси и лишување од слобода на лица, а се ангажирани и во дејствија на меѓународна соработка со истражни органи од други земји.

Најголем дел од опремата за Истражниот центар на ОЈО Скопје е донација од Амбасадата на САД, соопштија од Обвинителството.

Данска ќе им дозволи абортус на малолетни девојчиња без согласност од родителите

Данската влада денеска соопшти дека жените во оваа скандинавска земја ќе имаат право да изберат да ја прекинат бременоста до крајот на 18-та недела од бременоста.

Досега границата за абортус во Данска беше 12 недели.

Данската министерка за внатрешни работи и здравство, Софи Лоде, рече дека „нема медицински докази за сегашната граница, а исто така нема ништо што сугерира дека ќе има значително повеќе абортуси или дека тие ќе бидат извршени многу подоцна ако ја подигнеме границата“.

Измената на законот треба да стапи на сила кон средината на 2025 година. Дополнително, на девојчињата на возраст од 15 до 17 години им се дава слобода да абортираат без родителска согласност или одобрение од специјалистичка комисија.

Данска беше една од првите западноевропски земји што на жените им даде право на абортус по сопствен избор.

Од 1973 година, бремените жени кои живеат во Данска можат да абортираат до крајот на 12-та недела без потреба да наведат причина и без надоместок на трошоците.

И после тоа, абортуси се можни под одредени услови, но потребно е одобрение од комисијата за абортус.

Германска компанија лансира во вселената ракета на парафински погон (ВИДЕО)

Германската компанија HyImpulse денеска успешно лансираше ракета напојувана со парафински восок која ќе може да носи комерцијални сателити.

„Ја покажуваме силата на Германија како вселенска нација и го прошируваме пристапот на Европа до вселената“, објави шефот на компанијата Марио Кобалд.

Дванаесет метри долгата и 2,5 тони тешка ракета наречена SR75 беше лансирана околу 5 часот по европско време од Куниба, Австралија.

Може да носи помали сателити со тежина до 250 килограми до височина до 250 километри, а може да работи на парафински восок или течен кислород.

Парафинскиот восок се користи како поевтино и побезбедно алтернативно ракетно гориво. HyImpulse тврди дека заштедиле до 50 проценти.

Германската компанија со околу 65 вработени објави дека веќе добила преднарачки за лансирање на сателити во вредност од над 100 милиони евра.

HyImpulse сака да го прошири својот бизнис бидејќи расте побарувачката за транспорт на комерцијални сателити, па до 2032 година сака да оствари приходи од 700 милиони евра.

притисни ентер