Оштетени штедачи од Еурстандард банка: Како 60 отсто од сигурните кредити станале ненаплативи

Според јавно достапните извештаи од Еуростандард банка за просечната изложеност на кредитен ризик по одделни категории на ризик, на крајот од 2019 година банката имала околу 88,3 милиони евра или 59 отсто од кредитното портфолио од дадени кредити во најдобра и најсигурна категорија „А". Од друга страна, според извештајот за стечајот на банката подготвен од стечајниот управник Душко Тодевски за состојбата на банката на ден 12 август 2020 година, денот на нејзиното затворање, банката станала несолвентна од причини што речиси 60 отсто од вкупното кредитно портфолио на правните и физички лица или речиси 60 милиони евра биле целосно или делумно ненаплатливи. Оддеднаш, за само половина година, 88,3 милиони евра од најдобри и сигурни кредити во голем дел стануваат ненаплатливи. Како е тоа можно?

Со кое магично стапче речиси 60 милиони евра или 60% од кредитното портфолио на банката наеднаш станале ултра ризични односно ненаплатливи или тешко наплатливи кредити? Давање свесно лажни информации е познато како измама и е казниво со закон.

Каков всушност реално бил кредитниот ризик за да се случи таква драстична промена во податоците? Кредитниот ризик е најдоминантен банкарски ризик и претставува основа на банкарското работење. Тој се јавува кога комитентот не е во можност да ги измирува своите обврски спрема банката, во договорениот износ или во договорените рокови. Успешното управување со кредитниот ризик претставува една од основните активности на финансиските институции, бидејќи на тој начин се следат сите активности што имаат ризичен профил.

Во рамките на контролите за работењето на банката, Народна банка како супервизор вршела оценка на кредитниот ризик преземен од Еуростандард банка, дали таа соодветно го прикажувала преземениот ризик и како управувала со истиот.

Ја прашуваме Народна банка, каков е кредитниот ризик за даден кредит на фирмата Вадрамини Инженеринг дооел од Струмица, којашто според извештајот за стечајот на банката подготвен од стечајниот управник Душко Тодевски, е во висина од околу 600 илјади евра со обезбедување со недвижен имот од околу 33 илјади евра (само 5 отсто од вредноста на кредитот) а да фирмата не изврши ниту едно плаќање на рата повеќе од 2 години? Или пак, каков е кредитниот ризик на фирмата Феро Центар дооел од Скопје на којашто според извештајот и бил доделен кредит од околу 2,5 милиони евра, за којшто нема платено ниту една рата цели 530 дена, а фирмата како обезбедување има поднесено единствено меница?

Очигледно, овие фирми ниту имале ниту имаат намера да ги отплаќаат земените кредити а камоли да почитуваат некакви договорни рокови за исплата. Обезбедување во случај на извршување се сведува на продажба на недвижен имот којшто во најдобар случај покрива само 5 отсто од вредноста на кредитот кај првата фирма или можеби ништо кај втората фирма. Фактите од извештајот за стечајот на пропаднатата банка од страна на стечајниот управник говорат дека вакви кредити има вкупно 149 чијшто вкупен износ е околу 55 милиони евра или 72,6 отсто од кредитното портфолио за фирми во банката. Според извештајот, сите овие фирми не платиле ниту една рата од земените кредити а повеќето од нив должат со години додека обезбедувањето на кредитите кај најголем број од нив е далеку помало од износите на дадените кредити.

Дали е можно Народна банка да не видела дека кредитниот ризик на Еуростандард банка е ултра висок и дека огромен број на кредити се несоодветно покриени со гаранции или без никакви гаранции? Банката превземала голем кредитен ризик кај клиенти кај кои одобрила кредити покриен единствено со меници или со гаранции далеку помали од вредноста на кредитите. И сето тоа се случувало континуирано во подолг период почнувајќи од 2013 година па наваму. Доколку Народна банка реагирала соодветно и превземала мерки навремено, тогаш депонентите на банката, физички и правни лица, немаа да бидат целосно оштетени како што е случајот сега со ненаплатливите или тешко наплатливите кредити од речиси 60 милиони евра. Да се разбереме, криминалот е направен од раководните структури на банката вклучително и сопствениците на банката кои веќе јавно ја признаа вината и одговорноста за проневерата и крадењето на парите од депонентите. Меѓутоа, одговорноста на Народна банка со дозволување да продолжи крадењето на парите во банката е евидентна исто така. Соучесник во криминалот е и оној којшто знае но нема да го спречи истиот. Воедно, Народна банка можела да ги одземе и лиценците на оние коишто ги правеле тие злоупотреби, но не го направила тоа.

Добро е што Народна банка објави дека за сите констатирани индиции за неправилности во работењето на Еуростандард банка известила и други надлежни државни институции, кои очигледно не реагирале. Со тоа, одговорноста на Народна Банка не е единствена туку и на други државни институции. На тој начин, државата е таа која не не заштитала од сторениот криминал во банката со тоа што сите овие институции не реагирале и навремено го спречиле истиот.

Бараме криминалот да се расчисти, одговорноста да ја понесат сите кои учествувале во сторениот криминал како луѓето од Еуростандард банка така и надвор од неа, а државата која не не заштитила од овој криминал да не обештети во целост било преку носење на закон, уредба на Влада или некој друг правен механизам.

Борбата продолжува за вистината и правдата до нашата конечна цел!

Здружение на оштетени штедачи на Еуростандард Банка

Премиера на претставата за млади „Адамс Фемили“ во Албанскиот театар за деца и млади

 Во НУ Албански театар за деца и млади во Скопје вечерва ќе се одржи премиера на претставата за млади „Адамс Фемили“ со адаптација и во режија на Теа Беговска.

-Фамилија Адамс е приказна со која сите сме растеле и за поголемиот дел од публиката е веќе позната. Карактерите се препознатливи, многу атрактивни и предизвикувачки за креирање, како за актерите така и за режисерот. Оваа идеја за Фамилија Адамс за Теа Беговска постои повеќе од осум години и е среќна што Албанскиот Театар за деца и млади му даде шанса на овој проект да се реализира токму со ваква прекрасна екипа на актери. Имаме подела за карактерите која е полн погодок кај нас, се посочува во најавата за претставата.

Претставата е намената за млади и тинејџери, но и за возрасните, за родителите и сите семејства.

-Претстава во која како тема се проткајува љубовта и разбирањето за тоа дека таа е најсилна од се’. Прифаќање на нештата онакви какви што се. Разбирање за тоа дека убавината е во различноста, среќата е во различноста. Среќата како начин и избор, а не нешто наметнато и научено според правила. Вредностите на општеството се учат и применуваат само преку различностите, а не преку строги, одредени и единствени правила. Вредностите на едно семејство не се тоа што го пишува во учебниците, вредностите на семејството не се однапред измислена и научена дефиниција на памет – семејството е искреност, верба, љубов, прифаќање – целосна хармонија, се посочува во соопштението.

Во претставата играат Валдета Исмаили, Мелика Кастрати, Мумин Абдулахи, Деа Пајазити, Флакрон Али, Елдин Широки, Гзим Жерка и Блерим Дардишта.

Сценографија е на Дардан Ахмети и Теа Беговска, костими на Андреј Папаз Ѓоргиевски, композитор е Енес Беговски, мајстор за звук Албин Сопа, мајстор на светлата Елмедин Брахими и Амет Чајани, сценски работник Ќамуран Шапка и Јетмир Адеми, а гардероба на Месер Џемаили./МИА

Утринска уметничка акција на Озбек Ајваз

Во денешните утрински часови, уметникот Озбек Ајваз кај фонтаната ,,Лотус” во гратскиот парк во Скопје, го претстави неговото последно дело во соработка со архитектката Натали Велеска, кое е дел од проектот за проблемот со јавните вециња во градот.

Со последната акција, тие скааат да прикажат едно предлог решение, па за тоа претставуваат една макета -констрикција со испринтаниот тоалет во паркот. Тоалетот би бил изведен од метална контрукција, обложен со дрвени панели, неговите димензии би биле минимални 150 X 250 X 250 сантиметри, за да биде поекономичен за масивно производство и за понатамошно одржување. Исто така овој тоалет би имал можност да се постават и соларни панели на кровот, и исто така да има извор на природна вентилација и светло. Екстериерот на тоалетот би имал зелени ѕидови (вертикално поставени растенија), кои би служеле како разубавување на градот и истите би се наводнувале преку поставениот дождовник од кровот на тоалетот.

Од страната на макетата има прикажано мапа на Градот Скопје, со означени локации каде би биле идеалните места во градот каде што се најнеопходни највеќе тоалети за главниот град и општините.

Скопје деветта година дел од „The Distinguished Gentlmens Ride“

Годинава, на светско ниво ќе учествуваат 90.000 мотоцикли од 105 држави. 

Урбаните моторџии традиционално и годинава за утре го имаат закажано хуманитарното дефиле низ скопските улици со намера да ја подигнат свеста за машкото здравје и превенцијата од рак на простатата како дел од глобалното движење „The Distinguished Gentlmens Ride“ што се одржува во 959 градови низ светот. Годинава, на светско ниво ќе учествуваат 90.000 мотоцикли од 105 држави.

Скопје е дел од ова движење од 2016 година, а еден од организаторите Игор Стефановски во изјава за МИА, вели дека се горди што веќе девет години ова движење опстојува во нашата држава. Годинава, се очекува низ скопските улици да продефилираат околу 170 учесници, меѓу нив и доктори, професори, личности од јавниот живот, кои, како и секоја година, ќе донираат средства за фондацијата „Мовембер“ во Лондон за борба против рак на простатата.

- Форматот на овогодинешното Скопско издание на „The Distinguished Gentlmens Ride“, останува истоветен како и претходните едиции, односно 170-те учесници за стартна позиција повторно ќе го имаат строгиот центар на градот (точната локација ја знаат само учесниците и организаторот поради безбедносни причини). Блескавиот караван и оваа година ќе се движи по улиците и булеварите низ централното градско подрачје, со обид да ја пренесе пораката за преглед и превенција од ракот на простата. Овогодинешното Скопско издание повторно предизвика огромна заинтересираност кај учесниците, а бројката од близу 170 дотерани мотоциклисти го собори минатогодишниот рекорд. Оваа година, Скопската едиција на „The Distinguished Gentlmens Ride“ ги надмина градските и државните граници, па така на Скопските џентлмени им се придружуваат Господа и Дами и од останатите градови од Македонија, а повторно ги очекуваме и гостите од Косово, вели Стефановски за МИА.

Учесниците на дефилето ќе бидат облечени во елегантен дрес код - палто, вратоврска, елек, елегантни чевли и кацига за безбедност.

Глобалното движење почна во Синдеј во 2012 година на иницијатива на Марк Хава кој заедно со своите пријатели продефилира низ улиците на градот во чест на неговиот пријател кој починал од рак на простатата. Оттогаш движењето станува секоја година помасовно.

Од основањето на „The Distinguished Gentlmens Ride“ досега собрани се 50,2 милиони долари на светско ниво кои се донираат во институции и болници кои се фокусирани на борбата за заштита на машкото здравје и борбата против рак на простатата./МИА

притисни ентер