Отворен 53. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Синоќа во големата сала од Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп беше отворен 53. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Со доделувањето на наградите за животно дело на актерот Петре Арсовски и на композиторот Љупчо Константинов и со првата претстава во официјалната конкуренција за награди, претставата на МНТ „Ничија Земја“ од Денис Тановиќ во режија на Александар Морфов, синоќа беше отворен 53. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Фестивалот, официјално за отворен го прогласи заменик минисерот за култура, Владимир Лазовски.

- Го прогласувам за отворен 53 Македонски театарски фестивал. Уживајте во театарските денови, рече Лазовски.

Годинашните лауреати, добитници на наградата за животно дело, актерот Петре Арсовски и композиторот Љупчо Константинов нагласија дека со овие признанија се докажува дека не се заборавени, а нивната професија не престанува со пензионерањето.

- Наградата секогаш е поттик. Јас се уште ќе работам предано на она што досега го правев - сценска музија и музика за театар, филм, за серија. Секогаш е најбитно да ја почувствувам темата за која ја создавам музиката. Сето другото доаѓа од душа и со љубов, рече Константинов.

Арсовски икстакна дека оваа награда е доказ дека колегите не го заборавиле и дека се уште е жив како на сцената, така и во нивните сеќавања и кај публиката.

На младите им порачуа да се занимаваат што повеќе со театар во која било форма, аматерски или професионален.

Според уметничкиот директор и селектор на Фестивалот Катарина Коцевска, Фестивалот ќе и понуди на публиката осумдневна сценска и театарска магија.

- Театарската магија ќе живее наредните осум фестивалски дена. Ќе уживаме заедно со публикаат која веќе најавува дека ќе имаме полни сали. Тоа ме одушевува, изјави Коцевска.

За прилепскиот градоначалник Илија Јованоски Прилеп живее за театарот и за Фестивалот и тој е дел од него. Најави дека прилепските актери ќе добијат нова театарска куќа.

-Како градоначалник на градот којшто 53 години е домаќин на најреномираната театарска манифестација во државата, чувствувам одговорност кон фестивалот, кон актерите на матичната театарска куќа „Војдан Чернодрински“, но и кон сите годинешни и идни генерации уметници, кои со својата посветеност го плетат уметничкото театарско платно на Македонија. Затоа сакам да најавам и од оваа уметничка сцена, Прилеп и Министерството за култура остваруваат интензивна соработка, со цел градот да добие нов и репрезентативен театар, кој ќе ги исполнува сите современи стандарди за работа и современа техничка логистика на актерите, сценаристите, режисерите, на сите уметници кои се дел, од, без поговор, единствената професија, која твори со најнепосреден фитбек, рече Јованоски.

Тој им оддаде почит на двајца прилепчани, доајени на македонскиот театар - Илија Милчин и Кирил Ристоски. Годинава се навршуваат 100 години од раѓањето на Милчин и 70 години од раѓањето на Кирил Ристоски.

Како прва од 12-те претстави во конкуренцијата за награди, публиката ја виде претставата на МНТ „Ничија земја“ од Денис Тановиќ во режија на Александар Морфов.

На полноќ беше прикажана и првата претстава во придружната фестивалска програма. На сцената од прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ беше прикажана испитната претстава на студентите по актерска игра од трета година во класата на професорот Мими Таневска Србиновска, претставата „Ревизор“ од Гогољ.

Во очи отворањето на Фестивалот, во фоајето од Домот на културата беше отворена изложбата „Моќта на театарот“ со оригинални експонати од музејот на МНТ за неговата историја од 1945 до денес.

- На изложбата се претставени оригинални експонати, фотографии, од сцени, костими, плакати за се што се подготвувало во МНТ од 1945 година до денес. Ова сето е големо богатство за театарот и за неговата историја, рече кустосот во музејот на МНТ, Ивана Јарчевска.

Денеска на репертоарот на фестивалот е богата програма. Напладне во Домот на културата „Марко Цепенков“ ќе се одржи трибина со наслов „Театарската критика денес“. Модаератор ќе биде професор д-р Ана Стојаноска.

Вечер на програмата на Фестивалот се две претстави во конкуренцијата за награди. Од 19.30 часот на сцената во Домот на културата „Марко Цепенков“, Битолскиот народен театар ќе ја изведе претставата „Доктор Фауст“ од Кристофер Марлоу во режија на Андраш Урбан, а од 22 часот на матичната сцена, прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ ќе ја изведе „Клетници“ од Виктор Иго во режија на Мартин Кочовски./МИА

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер