Многумина се прашуваат која е тајната на долговечноста. Од медицински аспект, таа апсолутно има врска со имунолошкиот систем и со начинот на живот. Меѓутоа, она за што сведочат долговечните луѓе е дека нив ги одржала работата, трудот, желбата за живот, а подоцна и нивните наследници. Тие му се благодарни на Бога за секој прекрасен момент и го сакаат животот.
Пример за ова е една стогодишна жена од Англија, која својот роденден го прослави во друштво на бројни пријатели и членови на семејството, бидејќи има и внуци и правнуци. Таа нагласува дека смислата на нејзиниот живот била трудољубивоста, никогаш не била мрзелива и дека без разлика на своите подеми и падови, секогаш успевала да остане на нозе. Она што таа го нарекува еликсир на животот е еден специјален чај без кофеин што таа го пие осумпати дневно.
Ирен Спростон од Стоук на Трент беше опсипана со цвеќе, картички и подароци од пријателите и семејството по повод својот стоти роденден, но таа не наздрави со чаша шампањ бидејќи не пие алкохол, туку уживаше во шолја црн чај.
-Стално си мислев дека нема да доживеам 100 години, но успеав. Секогаш бев зафатена и никогаш не бев мрзлива. Животот ми беше полн со подеми и падови, но мора да продолжите, нема друго. Има многу луѓе што се во полоша положба од мене - вели Ирен.
Ирен со сопругот Ерик кој бил поранешен рудар и починал во 2003 година, има четири деца, пет внуци и четири правнуци. Кога се венчале, Ирен имала 19 години, а Ерик 21. Во тој период таа работела во околината на Стафорд во фабрика за оружје, а подоцна и во други фабрики кои се занимавале со муниција. Работела и како керамичар, а на крајот „во секоја продавница во селото“, вклучувајќи ја и поштата. Кариерата ја завршила како работничка во училишната кујна на едно основно училиште, каде работела од 1979 г. до 1989 г.
Освен што пие по осум шолји чај дневно, Ирен вели дека зафатеноста со работата и љубезноста ѝ помогнале да стигне до својот стоти роденден.
- Секогаш се трудев да бидам љубезна, и луѓето ми возвраќаа со добрина. Имам прекрасно семејство и многу пријатели, и многу причини да бидам благодарна. Се чувствувам многу исполнето – изјавила Ирен.
- Баба ми е неверојатна и инспиративна жена. Таа го држи нашето семејство заедно и јас сум горд на неа - вели нејзиниот внук Никола.
-Таа е многу позната и популарна, дури и доби честитки од луѓе кои не ја познаваат и кои, кога ја видоа домашната декорација, посакаа да ѝ честитаат - додава Никола.
- Отсекогаш била гостопримлива и секогаш подготвуваше чај за моите пријатели и пријателите на нејзините внуци и правнуци. Таа е мојот свет – изјавила нејзината ќерка Карол Бол.