По 100 години, германската армија доби рабин за верски советник

Рабин е назначен за вериски советник во германската армија, првпат по сто години и 76 години по крајот на холокаустот.

Рабинот на државата Саксонија Золт Бала денес е официјално назначен, објави Бундесверот на Твитер. Татко на три деца, 42-годишниот Бала, кој емигрирал од Унгарија во 2002 година, изјави дека е свесен за неговата историска одговорност да им служи на војници од еврејска вероисповед.

Тој рече дека сака околу 300 еврејски војници да се чувствуваат вклучени во вооружените сили како и во другите земји, особено во САД. „Тоа е нашата цел“, рече Бајеришер Рундфунк на државното радио.

Бала, кој останува на сегашните должности во Лајпциг, има намера да се бори против антисемитизмот и сите други форми на расизам, со цел да воспостави подобро германско општество. Претседателот на Централниот совет на Евреите, Јозеф Шустер, ја поздрави армијата во која нема место за политички екстремизам и нетолеранција.

„Ова назначување е силен политички знак против антисемитизмот не само во нашите трупи, туку и во целото општество“, одговори владиниот комесар за антисемитизам Феликс Клајн.

Свештениците обезбедуваат верски услуги за 94 000 христијански војници. Верските советници нудат совети за етичките прашања и ги водат војниците за време на обуката. По Првата светска војна, немало повеќе еврејски верски советници. Во последните години во германската армија имало неколку случаи на војници на екстремно десни симпатизери и неонацисти, особено во специјалните сили.

НБ: Постепено забрзување на економскиот раст и просечна инфлација од 3,5 отсто

Според проекциите, се предвидуваат стапки на раст на БДП од 2,6 отсто во 2024 година и од 3,6 проценти во 2025-та.

Постепено забрзување на економскиот и забавување на ценовниот раст, просечна стапка на инфлација од 3,5 отсто и постепено забрзување на кредитната активност во следниот тригодишен период, се проекциите на Народната банка содржани во најновиот Квартален извештај што го презентира денеска гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.

Според проекциите, се предвидуваат стапки на раст на БДП од 2,6 отсто во 2024 година и од 3,6 проценти во 2025-та.

За 2026 година, како што истакна Ангеловска-Бежоска, се очекува умерено забрзување на растот, во услови на поповолно надворешно окружување, постабилен амбиент и поголема склоност за потрошувачка и инвестиции.

-Макроекономските проекции за периодот 2024 − 2026 година упатуваат на главно слична макроекономска слика како и во октомвриските проекции. Во однос на економскиот раст и натаму се очекува постепено забрзување во следниот период, но малку побавно во однос на октомвриските проекции. Овие оцени ги одразуваат послабите остварувања во 2023 година, како и оцените за малку понеповолно надворешно окружување и одложено влијание на домашните фактори, односно побавно спроведување на градежните активности поврзани со новите инфраструктурни проекти. Се очекува дека стапките на раст на БДП ќе изнесуваат 2,6 отсто во 2024 година и 3,6 отсто во 2025 година, наспроти октомвриските очекувања за 3 и 4 проценти во 2024 и 2025 година, рече гувернерката.

Според неа, инфлацијата и во овој циклус би ја задржала патеката на надолно приспособување до крајот на периодот на проекциите.

-Проекциите за 2024 година покажуваат забавување на ценовниот раст и просечна стапка на инфлација од 3,5 отсто што е на долната граница на интервалот очекуван во октомври (3,5 − 4 проценти). На среден рок очекувањата се непроменети, односно во периодот 2025 − 2026 година инфлацијата ќе се сведе на историскиот просек од 2 отсто, информира Ангеловска-Бежоска.

Надворешната позиција на домашната економија и во рамките на најновите проекции се оценува како поволна, при подобри остварувања во 2023 година од очекувањата (остварен суфицит во тековната сметка), главно заради значителното намалување на увозот.

-Постепената нормализација на увозот на суровини и материјали, по падот во претходната година, во услови на стабилно енергетско салдо, ќе биде главниот фактор за остварување умерен дефицит на тековната сметка од 2,4 отсто од БДП во 2024 година. Во наредниот период, посилното влијание од извозната побарувачка, во услови на стабилизација на цените на енергијата и на примарните производи, ќе придонесе за одредено намалување на дефицитот кај тековните трансакции на нивото од 2,1 отсто од БДП во 2025 − 2026 година. Во целиот период на проекцијата се очекуваат солидни нето-приливи на финансиската сметка, со што девизните резерви и натаму ќе растат и ќе се одржуваат на соодветното ниво, гарантирајќи ја стабилноста на девизниот курс, истакна Ангеловска-Бежоска.

Како што напомена, во услови на стабилен и сигурен банкарски систем и постепено ослабување на ризиците за економијата, се очекува дека кредитниот раст умерено ќе забрза во 2024 година, односно ќе изнесува 6,1 отсто.

-Со постепеното забрзување на економскиот раст и стабилизирањето на очекувањата, се очекува забрзување на активноста на кредитниот пазар во наредниот период, при што растот за периодот 2025 ‒ 2026 година би изнесувал 6,8 отсто, во просек. Кредитната активност ќе биде поддржана и од растот на вкупните депозити, којшто на крајот на 2024 година би изнесувал 7,4% и би забрзал на 7,6% во периодот 2025 ‒ 2026 година, рече гувернерката.

Ризиците за основното макроекономско сценарио, и од надворешното, и од домашното окружување, опстојуваат и главно се слични, објасни, со октомвриските проекции. Притоа, неопходно е следење и на политиките што влијаат врз агрегатната побарувачка во домашната економија и поголема претпазливост, вклучително и од аспект на пазарот на труд.

Ангеловска-Бежоска рече и дека во првото тримесечје на 2024 година Народната банка ја задржа прудентноста на монетарната политика, соодветно на условите во економијата.

-Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи макроекономските податоци и ризиците и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради задржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок, подвлече Ангеловска-Бежоска.

Франција доби рекордни странски инвестиции во вредност од 15 милијарди евра

Францускиот претседател Емануел Макрон по средбата наречена „Избери ја Франција“ со странски деловни претставници соопшти дека земјата ќе добие странски инвестиции во висина од над 15 милијарди евра.

„Мајкрософт“ (Microsoft) вчера најави дека ќе инвестира четири милијарди евра во центри за обработка на податоци. Предвидено е нов центар за податоци да се изгради во источна Франција, додека постоечките локации во регионот на Париз и во Марсеј ќе се прошират.

Претходно, „Амазон“ (Amazon) најави дека ќе инвестира повеќе од 1,2 милијарди евра во Франција и ќе отвори над 3.000 работни места.

Исто така и неколку фармацевтски компании, меѓу кои американската групација „Фајзер“ (Pfizer) и британската „АстраЗенека“ (AstraZeneca) најавија дека ќе инвестираат повеќе од една милијарда евра повеќе во францускиот здравствен сектор.

Најголемиот индустриски проект најавен досега е фабрика за ѓубрива, која би можела значително да ги намали емисиите на јаглерод диоксид.

Герасимовски: Се финализира доградбата на ООУ „Коле Неделковски“

Со поставување на фасадата привршуваат градежните работи на доградбата на  ООУ „Коле Неделковски“.

Доградбата на училиштето опфаќа 6 училници, од кои 4 ќе бидат за настава, 2 кабинета, една библиотека и една просторија за администрација. Во доградениот дел исто така поставена е и рампа за лица со попреченост, а во тек е и поставување на лифт за лица со инвалидитет како и тоалет за нивните потреби во приземниот дел. Градежните зафати на фасадата треба да завршат за дваесетина дена со што дополнителниот дел ќе се вклопи во целосниот лик на училиштето, информираат од Општина Центар.

Оттаму додаваат дека градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски бил на увид на објектот кој треба да биде готов до почетокот на учебната година во септември.

-Со доградбата на капацитетите на училиштето Коле Неделковски се отвора простор за упис на околу 100 нови ученици. Истите наставата ќе ја следат во училници кои се соодветни на модерните услови во кои треба да се одвива образованието. За нас инклузивноста е клучна затоа во проектирањето планиравме и пристапна рампата и лифт за лица со попреченост со цел истите да имаат непрeчен пристап во училиштето, рекол Герасимовски.

Проширувањето на капацитетите во ООУ „Коле Неделковски“, велат од Општина Центар, се изведува согласно сите современи стандарди, дел од фасадата е структурална, а прозорците се алуминиумски со висок квалитет. Оваа инвестицијата во училиштето е прва после 66 години од неговото отворање. Општина Центар, најавуваат, ќе продолжи да вложува во унапредување на условите за воспитување и образование на децата според модерни, европски и светски стандарди.

притисни ентер