Подобрување, но и натаму слабости со биометриските уреди за идентификација

Иако гласачките места се отворија, дел од граѓаните не можеа да пристапат позади параванот оти уредот немал батерија, па чекаа да се наполни.

Приматот беспрекорен процес на гласање ќе остане за некој друг круг или избори барем од технички аспект, уште при првото отворање на гласачките места во 07:00 часот, проблемите од изборите пред три години излегоа на виделина, иако во помал број, сепак се присутни. Биометриските фингерпринт уреди за идентификација и годинава создаваат главоболки. Иако гласачките места се отворија, дел од граѓаните не можеа да пристапат позади параванот оти уредот немал батерија, па чекаа да се наполни.

-Апаратчето за отисок дека не работи, има празна батерија, чекаме да се наполни. Од работа, од трета смена дојдовме тука. / Први дојдовме, три до 7 и за минута-две, за минута-две, испаднаа 32 до сега, нешто со тој апаратот, ако не бива и ќе си одиме, што да правиме, цел ден да седиме овде? Ајде повелете – Еве, конечно ајде..

И покрај неколку неделната обука, сепак дел од одборите имаа проблем да го спроведат идентификувањето на отпечатокот,па се користеа документите...

Некои се пожалија, други пак на шала го искоментираа процесот...

Утринава не изостанаа ниту приговорите до ДИК, каде граѓани се пожалија дека не можат да се најдат на гласачките списоци. Од 12 приговори, за дел се одлучило, дел се нецелосни, а дел се отфрлени... Некои од граѓаните пак не можеа да си го остварат правото на глас поради стари и неважечки документи.

Гласањето е обврска на секој граѓанин и истата треба да си ја исполни, велат оние кои ги затекнваме на терен, а воедно посочија и што очекуваат по изборите...

Од избирачките одбори сепак беа задоволни како се одвиваше изборниот процес утринава и уверуваат дека немало никакви нарушувања на истиот...

Инаку, од МВР најавија дека и денеска ќе им издаваат лични документи на граѓаните денеска од 8 до 19 часот за да се овозможи исполнување на демократското право на сите.

Израел повика на евакуација на Рафа пред можна офанзива

Израелската војска ги повика жителите на источниот дел на Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, да се евакуираат во „проширена хуманитарна област“, пред можна офанзива.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) рано утрово соопштија дека ги „охрабруваат“ жителите на источниот дел на Рафа да се преселат во проширена хуманитарна област во бегалскиот камп Ал-Маваси, на Средоземното Море недалеку од границата со Египет.

- Во согласност со одобрението на владата, тековната проценка на ситуацијата ќе го води постепеното движење на цивилите во наведените области, до хуманитарните области, се вели во објава на ИДФ на социјални мрежи, пренесува ДПА.

ИДФ ја окарактеризира евакуацијата како „привремена“, додавајќи дека повиците за преместување ќе се „пренесат преку постери, СМС пораки, телефонски повици и медиумски преноси на арапски јазик“.

„ИДФ ќе продолжи да го гони Хамас насекаде во Газа додека сите заложници што ги држат во заробеништво не се вратат дома“, се нагласува во објавата.

Во друга објава ИДФ им порача на жителите на Газа дека „ќе продолжи да се бори против терористичките организации кои ве користат како жив штит“.

Индиректните преговори меѓу Израел и палестинската милитантна организација Хамас во Каиро изминатиот викенд за нов прекин на огнот во војната во Газа и ослободување на заложниците во замена за палестинските затвореници не дадоа никакви резултати.

Израел сака да ја искористи воената операција во Рафа за да ги разбие преостанатите баталјони на Хамас. Заложниците заробени за време на терористичките напади на 7 октомври кои го предизвикаа конфликтот, исто така, се верува дека се чуваат во градот на границата со Египет.

Израелските сојузници, вклучително и САД, ја повикуваат владата во Тел Авив да не спроведува таква операција во Рафа, каде стотици илјади внатрешно раселени лица се засолниле од борбите во други места во Појасот Газа.

Прва победа за Норис во трка од шампионатот во Формула 1

 Возачот на Мекларен, Ландо Норис синоќа победи на трката од Формула 1 шампионатот возена за Големата награда на Мајами.

Дваесет и четиригодишниот Британец првпат во кариерата заврши на највисокото место на подиумот.

Второто место му припадна на возачот на Ред Бул, Макс Верстапен со заостанување од 7,612 секунди, а првата тројка ја комплетираше Шарл Леклер од Ферари со 9,92 секунди побавно време од победникот.

Актуелниот шампион, Верстапен по втор пат оваа сезона не заврши на првото место.

Најдобриот пласман во кариерата на Норис пред оваа трка беа петте втори места.

Во Топ 10 на трката во Мајами се најдоа и: Карлос Сајнц (Ферари), Серхио Перез (Ред Бул), Луис Хамилтон (Мерцедес), Јуки Цунода (РБ), Џорџ Расел (Мерцедес), Фернандо Алонсо (Астон Мартин) и Естебан Окон (Алпин).

Во Генералниот пласман лидер е Верстапен со 136 бода, пред Перез кој има 103, трет е Леклер со 98, Норис и Сајнц имаат по 83.

Сончево со јужен ветер

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и со слаб до умерен ветер од јужен правец. 

Попладне во планинските региони ќе има услови за изолирана појава на краткотраен пороен дожд. Минималните температури ќе бидат во интервал од 3 до 10, а максималните ќе достигнат од 20 до 26 степени.

Во Скопје ќе преовладува сончево време со мала облачност и со слаб ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се спуштат до 8, а максималните ќе достигнат до 26 степени.

Во вторник попладне ќе има локална појава на нестабилност, а во среда и четврток под влијание на нов влажен бран во поголем дел од земјава ќе има пороен дожд и грмежи, а локално процесите ќе бидат поинтензивни и во форма на невреме со пообилни врнежи и засилен ветер. Потоа условите за нестабилно време ќе се намалуваат.

притисни ентер