Преговорите со Македонија и Албанија приоритет на Еврокомисијата за 2020 година

Европската комисија денеска ја усвои својата работна програма за 2020 година, во која меѓу приоритетите се наведени и започнувањето на преговорите за членство со Македонија и Албанија.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, работната програма на Европската комисија опфаќа конкретни чекори кои извршното тело на ЕУ ќе ги преземе во текот на годината за да ги оствари политичките заложби формулирани на почетокот на мандатот. Тоа се еколошката транзиција, дигиталното општество, поголема одржливост на економијата, како и посилна улога на Европската Унија на глобалната сцена.

Токму во овој дел се наоѓа и проширувањето и поспецифично старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија во 2020 година.

– Европската Унија е посветена да го продлабочи партнерството со Западниот Балкан, регионот со кој дели многу. Кредибилна пристапна перспектива за регионот е од огромно стратешко значење за Европската Унија и за самиот регион, ова ќе биде потврдено во придонесот на Комисијата на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Загреб во мај 2020, стои во работната програма на Еврокомисијата за годинава.

Европската комисија ветува дека ќе „продолжи да притиска за отворање на пристапните преговори со Македонија и Албанија", а паралелно ќе се посвети на подобрување на процесот на зачленување во ЕУ, преку нова методологија и засилена инвестициска рамка.

Западниот Балкан и Африка се главните приоритети на оваа Европска комисија во делот на надворешната политика и улогата на ЕУ во светот. ЕУ ќе „продолжи да се бори" за „поредок заснован на правила" и сите иницијативи на работната програма ќе имаат силна надворешна димензија за да се зајакне геополитичката улога на Европската комисија.

– Оваа Комисија е посветена да се справи со генерациските предизвици како климатските промени, дигитализацијата и миграцијата, посветени сме да испорачаме за Европскиот зелен пакт и да ги подобриме шансите на европските граѓани и бизниси во дигиталната трансформација, оваа работна програма ќе помогне да се изгради Унија, која се стреми кон повеќе, соопшти претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен.

Работната програма за 2020 првпат содржи и долгорочни перспективи за да се обезбеди улогата на ЕУ на глобалната сцена на траен начин, порача еврокомесарот задолжен за интеринституционални прашања, Марош Шефчович./МИА

Израел повика на евакуација на Рафа пред можна офанзива

Израелската војска ги повика жителите на источниот дел на Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, да се евакуираат во „проширена хуманитарна област“, пред можна офанзива.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) рано утрово соопштија дека ги „охрабруваат“ жителите на источниот дел на Рафа да се преселат во проширена хуманитарна област во бегалскиот камп Ал-Маваси, на Средоземното Море недалеку од границата со Египет.

- Во согласност со одобрението на владата, тековната проценка на ситуацијата ќе го води постепеното движење на цивилите во наведените области, до хуманитарните области, се вели во објава на ИДФ на социјални мрежи, пренесува ДПА.

ИДФ ја окарактеризира евакуацијата како „привремена“, додавајќи дека повиците за преместување ќе се „пренесат преку постери, СМС пораки, телефонски повици и медиумски преноси на арапски јазик“.

„ИДФ ќе продолжи да го гони Хамас насекаде во Газа додека сите заложници што ги држат во заробеништво не се вратат дома“, се нагласува во објавата.

Во друга објава ИДФ им порача на жителите на Газа дека „ќе продолжи да се бори против терористичките организации кои ве користат како жив штит“.

Индиректните преговори меѓу Израел и палестинската милитантна организација Хамас во Каиро изминатиот викенд за нов прекин на огнот во војната во Газа и ослободување на заложниците во замена за палестинските затвореници не дадоа никакви резултати.

Израел сака да ја искористи воената операција во Рафа за да ги разбие преостанатите баталјони на Хамас. Заложниците заробени за време на терористичките напади на 7 октомври кои го предизвикаа конфликтот, исто така, се верува дека се чуваат во градот на границата со Египет.

Израелските сојузници, вклучително и САД, ја повикуваат владата во Тел Авив да не спроведува таква операција во Рафа, каде стотици илјади внатрешно раселени лица се засолниле од борбите во други места во Појасот Газа.

Прва победа за Норис во трка од шампионатот во Формула 1

 Возачот на Мекларен, Ландо Норис синоќа победи на трката од Формула 1 шампионатот возена за Големата награда на Мајами.

Дваесет и четиригодишниот Британец првпат во кариерата заврши на највисокото место на подиумот.

Второто место му припадна на возачот на Ред Бул, Макс Верстапен со заостанување од 7,612 секунди, а првата тројка ја комплетираше Шарл Леклер од Ферари со 9,92 секунди побавно време од победникот.

Актуелниот шампион, Верстапен по втор пат оваа сезона не заврши на првото место.

Најдобриот пласман во кариерата на Норис пред оваа трка беа петте втори места.

Во Топ 10 на трката во Мајами се најдоа и: Карлос Сајнц (Ферари), Серхио Перез (Ред Бул), Луис Хамилтон (Мерцедес), Јуки Цунода (РБ), Џорџ Расел (Мерцедес), Фернандо Алонсо (Астон Мартин) и Естебан Окон (Алпин).

Во Генералниот пласман лидер е Верстапен со 136 бода, пред Перез кој има 103, трет е Леклер со 98, Норис и Сајнц имаат по 83.

Сончево со јужен ветер

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и со слаб до умерен ветер од јужен правец. 

Попладне во планинските региони ќе има услови за изолирана појава на краткотраен пороен дожд. Минималните температури ќе бидат во интервал од 3 до 10, а максималните ќе достигнат од 20 до 26 степени.

Во Скопје ќе преовладува сончево време со мала облачност и со слаб ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се спуштат до 8, а максималните ќе достигнат до 26 степени.

Во вторник попладне ќе има локална појава на нестабилност, а во среда и четврток под влијание на нов влажен бран во поголем дел од земјава ќе има пороен дожд и грмежи, а локално процесите ќе бидат поинтензивни и во форма на невреме со пообилни врнежи и засилен ветер. Потоа условите за нестабилно време ќе се намалуваат.

притисни ентер