Премиера на претставата „Хеда Габлер“ во Драмскиот театар

 „Хеда Габлер“ работена по текст на авторот Хенрик Ибзен е новата претстава во продукција на Драмски театар Скопје, која премиерно ќе се одржи во сабота, 20 април, на сцената „Ристо Стефановски“.

Режисер на претставата е Васил Христов, адаптацијата е на Викторија Рангелова – Петровска и Васил Христов. Сценограф на претставата е Васил Христов и костимите се на костимографката Розе Трајчевска – Ристоска.

Улогите ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Хеда Габлер Тесман - Сања Арсовска, Судијата Брак - Зоран Љутков, Јерген Тесман - Владимир Петровиќ, Ејлерт Левборг - Дениз Абдула и ликовите на Госпоѓа Елвстед и Јулијана Тесман ги игра Сара Климоска.

-Во 1890 година Хенрик Ибзен ја скандализира театарската јавност и воопшто естаблишментот, создавајки уште еден женски лик кој отстапува од востановените општествени норми. Хеда Габлер како една од најпознатите (анти)хериоини во драмската литература одигрува значајна улога во подигнување на свеста за женските прашања. Ибзен создава женски лик кој одбива да живее и да им служи на конвенциите на патријархалното општество. Нејзината борба за автономност и потрага по совршенство како и нејзината амбиција да поседува „машка моќ“ да може да влијае како врз сопствената така и врз судбината на другите, резултира со убиство на самото совршенство. Нејзиниот чин остава трага кој ја симболизира борбата за родови права и еднаквост, вели Васил Христов во програмската белешка за претставата.

Христов денеска на прес-конференција посочи дека драмскиот текст „Хеда Габлер“ низ годините, многупати е поинаку режисерски толкуван и читан, драматуршки адаптиран, структурно видоизменуван, користен како мотив од автори вљубеници во неговото дело.

-Драмскиот материјал отвара можности внатре во него да се интервенира во согласност со современите театарски концепти, читања, толкувања условени и од општествените промени кои неминовно се случуваат. Денес кога менталното здравје, кризата на идентитет и морално-етичките норми се во фокус на интерес, драмата и Хеда Габлер како (анти)хероина стануваат дополнително актуелни и ги рефлектираат проблематизираните состојби во современото општество, појасни Христов.

Актерката Сања Арсовска на прес-конференцијата го истакна задоволството од тимската работа во процесот на создавање на претставата и ја искажа благодарноста кон режисерот што и ја доверил улогата со што и се исполнил сонот да ја игра Хеда Габлер, еден од најзначајните ликови во театарската литература. /MИА

РСБСП: Возете внимателно и одговорно за време на празниците

Во пресрет на празниците 1 Мај и Велигден, се очекува зголемување на фрекфенцијата во сообраќајот, патувања на подолги дестинации, излети во природа и дружења со семејството и пријателите.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) ви ги честита празниците и упатува апел за внимателно и совесно учество во сообраќајот.

Со цел зачувување на безбедноста на секој учесник во сообраќајот РСБСП советува:

почитувајте ги сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација,

користете сигурносен појас,

возете одморени и правете почести паузи, особено кога патувате на подолги дестинации,

не управувајте со моторно возило доколку сте под дејство на алкохол,

возете со технички исправно возило,

прилагодете ја брзината според условите на патот и одржувајте безбедно растојание од другите возила,

не зборувајте на мобилен телефон додека возите,

внимавајте на секој учесник во сообраќајот.

Возете внимателно и одговорно! Безбедноста на секој учесник во сообраќајот е заедничка грижа. СРЕЌНИ ПРАЗНИЦИ!

Вработените во ФЗО на предупредувачки протест

Вработените во ФЗО на предупредувачки протест, генерален штрајк ако не им бидат усогласени платите со растот на минималната плата.

работените во Фондот за здравствено осигурување денеска одржуваат предупредувачки протест со барање за усогласување на платите со растот на минималната плата. На протестот пред Фондот за здравство беше порачано дека доколку не им се исполни барањето од 1 јуни ќе стапат во генерален штрајк.

Бранко Аџигогов, претседател на Синдикалната организација на ФЗОМ, рече дека доколку до 15 мај не се преземе ништо првенствено ќе започнат секој ден во сите градови од еден до два часа со предупредувачки протести.

-На минатата седница од петокот нашата точка за усогласување на нашите плати согласно Законот за минимална плата беше одложена на неопределено време односно после изборите, како што знаете во изминатиот период, вработените штрајкуваа со цел да им остане иста платата, применетата одлука од Владата после штрајкот се однесува на тоа дека платите ни остануваат исти до 31 мај, времето се ситни и остануваат само уште 30 дена додека дознаеме колку ќе имаме ние плата, појасни Аџигогов.

Додаде дека станува збор за усогласување од 2 392 денари по лице и дека иако навидум делуваат како малку пари, се работи за законска обврска која мора да биде исполнета.

Дополнително, бараат да се донесе и вредносен бод, за да се зачуваат тие плати што ги имаат. Велат дека се разочарани од односот на управниот одбор на Фондот, бидејќи членовите според нив, не сакале да изгласаат порамнување на платата на состанок кој се одржал при крај на минатата недела, кога точката за усогласување на платите била отстранета од дневниот ред и оставена за после изборите.

-Ние сакаме да го предупредиме овој состав на управниот одбор да седне да си ја сработи својата работа и да ја донесе одлуката, да не не држи во неизвесност. Со оглед на тоа дека изјавиле дека немаат намера до формирање на нова влада да донесат одлука останува прашањето зошто управниот одбор воопшто постои, би било поетички да си дадат отказ и да дојдат лица кои ќе си ја сработат работата, посочи Аџигогов.

Вработените во ФЗОМ, исто така бараат Управниот Одбор на Фондот да биде целосно разрешен и да биде поставен нов, затоа што тројца од членовите биле пензионери и со истечени мандати.

Пред три месеци, Фондот за здравство стапи во штрајк поради опасноста дека платите ќе им се намалат за 21 процент, меѓутоа владата донесе одлука тие да останат непроменети по што штрајкот беше прекинат.

Винска визија на Отворен Балкан во Белград ги поканува изложувачите

Третиот саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ ќе се одржи на Белградскиот саем од 22 до 24 ноември 2024 година со поддршка на владите на Република Србија, Македонија и Албанија, јави дописникот на МИА од Белград.

Саемот Винска Визија на Отворен Балкан е единствена и најголема регионална платформа за поврзување на винарите, дестилаторите, дистрибутерите, како и професионалците од винската индустрија. Саемот од година во година собира сè поголем број излагачи и професионални купувачи, отворајќи нови пазари и деловни можности за домашните производители.

Во 2023 година, саемот собра повеќе од 600 изложувачи од 29 земји, при што беа одржани повеќе од 2.000 B2B состаноци со дистрибутери од повеќе од 40 земји.

-Надоврзувајќи се на успехот и растот што го постигна саемот од година во година, ги покануваме сите излагачи да бидат дел од најголемата винска и дестилеријска манифестација во регионот, која дава можност за презентирање и пласирање на производите на меѓународно ниво, се наведува во соопштението на Стопанската комора на Србија (ПКС) во поканата до изложувачите на Винска Визија на ОБ.

Пријавите за саемот траат до 21 јуни 2024 година, а може да се преземат од официјалната веб-страница на Винска визија на Отворен Балкан: https://exhibitors.winevision.biz/.

притисни ентер