Претседателот на Светскиот економски форум: Глобалниот долг е највисок од времето на Наполеон

Денеска глобалниот јавен долг е највисок од Наполеонските војни, односно од првата и втората деценија на 19 век, изјави претседателот на Светскиот економски форум, Борге Бренде на конференција во Ријад.

Бренде изјави дека глобалниот јавен долг се приближува до границата од 100 отсто од БДП, како и дека напредните економии се соочуваат со закана од стагфлација, односно раст на цените со истовремен пад на производството, пренесува CNBC.

Неговото предупредување се совпаѓа со неодамнешниот извештај на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во кој се вели дека глобалниот јавен долг достигнал 93 отсто од БДП минатата година, што е за девет отсто повеќе од нивото пред пандемијата.

ММФ предвиде дека глобалниот јавен долг би можел да биде близу 100 отсто од БДП до крајот на деценијата.

Бренде нагласи дека владите треба да размислат како да ги намалат долговите и да ги преземат вистинските фискални мерки, без истовремено да предизвикаат рецесија.

Претседателот на Светскиот економски форум предупредил и на последиците од забавувањето на светскиот економски раст кој, според прогнозата, во 2024 година ќе изнесува 3,2 отсто.

Светот ќе се соочи со една деценија слаб економски раст доколку не се спроведат вистинските мерки, заклучил Бренде.

Ева Лонгорија блесна на црвениот тепих во Кан, облечена во фустан со бисери

Актерката Ева Лонгорија блесна на црвениот тепих на Канскиот филмски фестивал. Лонгорија присуствуваше на премиерата на „Kinds Of Kindness“, со Ема Стоун и Џо Алвин во главните улоги.

Таа носеше блескав фустан со бисери и кристали создаден од модниот дизајнер Ели Сааб. Голиот грб и деколтето го истакна со фустанот. Заедно со оваа модна комбинација, Лонгорија реши да ја обликува косата во светли бранови. Таа со својот изглед ги привлече сите погледи и внимание на фотографите.

Лонгорија на премиерата на филмот „Kinds of Kindness“ пристигна во друштво на нејзината колешка, актерката Ајшварија Раи Бачан, која исто така воодушеви од модната комбинација.

Ева привремено се сели во Шпанија со нејзиниот сопруг Хозе Бастон и синот Сантијаго, неодамна објави „ Page Six“.

„Таа ќе поминува многу време таму бидејќи има проекти за целата втора половина од годината“, изјави извор за „Page Six“.

Ева има шпанско државјанство и куќа во Марбела. Нејзиниот сопруг и таа купија викендица таму на почетокот на 2023 година. „Тоа е мојата оаза, мојот рај“, изјави актерката за време на интервјуто за „Hello!“ во јануари 2024.

„Кога не сум тука, работам без престан“, додаде таа.

Извор: Индекс.хр

Ројс го постигна својот 100-ти гол за Борусија на домашен терен во неговиот последен настап

Фудбалерот од средниот ред на Борусија, Марко Ројс постигна гол на денешниот натпревар од 34. коло од Бундеслигата со Дармштад, кој се играше на стадионот „Сигнал Идуна Парк“ во Дортмунд.

Триесет и четиригодишниот фудбалер упати прецизен удар во противничкиот гол во 38. минута од натпреварот. Ова е негов јубилеен, 100. гол на домашните натпревари на Борусија.

Ројс имаше и асистенција на овој натпревар.

Германскиот играч за врска го одигра последниот натпревар со Борусија во Бундеслигата. Тој ќе го напушти тимот како слободен играч во јули. /МИА

Баер го победи Аугсбург и ја заврши сезоната во Бундеслигата без пораз

Баер попладнево оствари домашна победа над Аугсбург (2:1) во натпреварот од 34. коло на германскиот фудбалски шампионат.

За домаќините погодија Виктор Бонифас и Роберт Андрич, голот за Аугсбург беше дело на Мерт Комура.

Избраниците на Чаби Алонсо, кои рано станаа германски шампиони, Бундеслигата ја завршија непоразени, освојувајќи 90 бода. Серијата без пораз на Леверкузен во сите натпреварувања достигна 51 натпревар.

Аугсбург заврши 11-ти со 39 бодови./МИА

притисни ентер