Примопредавање на новиот објект на Велешкиот театар

Во Велес денеска напладне свечено ќе биде примопредадена новата зграда на театарот-национална установа „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, инвестиција на Владата на РМ и Министерството за култура.

Објектот е изграден на 4.200 квадратни метри и располага со голема сала со капацитет од 370 посетители и мала сцена со можност да прими од 50 до 110 посетители. Основниот сценски простор од големата сцена е од модуларен тип со три оркестарски и осум сценски платформи кои овозможуваат лесна, брза, безбедна трансформација и конфигурација на основниот сценски простор.

Објектот располага со опрема и уреди, аудио и видео системи од врвни светски производители, со можност за презентација на театарски дела со ефект и квалитет како во најсовремените театри во Европа и светот, со што ќе биде овозможено во Велес да гостуваат сценски дела од која било светска продукција.

- Новиот театар во Велес значи продолжување на успешната театарска традиција на овој град и подигнување на стандардите на театарската дејност, но овојпат во еден репрезентативен театарски објект со простор кој ги задоволува светските стандарди, но и сценски простори со современи технолошки системи во кои ќе се негуваат уметноста и културата и ќе се реализираат содржини од сценско-уметнички дејности со високи технички перформанси, соопшти Министерство за култура.

Во тек е и конкурс за избор на драмски текст кој до крајот на годината премиерно ќе биде изведен на сцената на новиот велешки театар. Авторите може да пријавуваат свои драмски текстови напишани на македонски јазик, досега необјавени и неизведени. Конкурсот ќе трае до 20 август, а резултатите ќе бидат објавени на 5 септември.

- Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ заокружува период од 66 години театарска дејност во Велес, чии први нишки беа повлечени уште во 1874 година, кога била одиграна првата театарска претстава со која актерите, локалните учители и ентузијасти го промовирале Велес како културен центар, информира Министерството за култура.




Лазарини: Од Рафа избегаа 800.000 луѓе, нема безбедно место во Газа

Од почетокот на израелската копнена операција во Рафа на 6 мај, од овој град избегнале 800.000 луѓе, соопшти синоќа шефот на Агенцијата на ОН за помош за палестинските бегалци (УНРВА) Филипe Лазарини.

Тој посочи дека луѓето се кријат во урнати згради, во области каде што е прекинато водоснабдувањето, а санитарни јазли не постојат.

„Кога луѓето бегаат, тие се без безбеден премин или заштита. Секој пат се принудени да ги остават зад себе неколкуте работи што ги имаат: душеци, шатори, прибор за готвење и основни потреби што не можат да ги понесат со себе или да платат транспорт“, истакна Лазарини на платформата Икс.

Тој нагласи дека Ал-Маваси, наводната безбедна зона во близина на Рафа, всушност е песочна област со големина од само 14 квадратни километри, во која се наоѓале 400.000 луѓе пред последната израелска ескалација. /МИА

Северозападна Индија ја зафати топлотен бран, температурата во Њу Делхи достигна 47,1 степен

Топлотен бран зафати делови од северозападна Индија, а главниот град Њу Делхи е ставен во состојба на готовност поради опасно топло време.

Температурата во Њу Делхи достигна 47,1 степен Целзиусов, а блиските држави Пенџаб, Харајана и Раџастан исто така забележаа пораст на температурата што се очекува да се задржи во следните неколку дена.

Индискиот метеоролошки оддел ги предупреди луѓето да не излегуваат на Сонце во попладневните часови, да пијат многу вода и да носат соодветна облека. На ранливите лица, особено на постарите, им е препорачано да не излегуваат надвор.

Во април, мај и јуни секогаш има високи температури во поголемиот дел од Индија, но жештините станаа поинтензивни во текот на изминатата деценија./МИА

Усик стана првиот апсолутен светски шампион во тешка категорија во 21 век

Украинскиот боксер Олександар Усик го победи Британецот Тајсон Фјури во главната борба на боксерската вечер во Ријад и ја освои титулата апсолутен светски шампион во тешка категорија. 

Борбата траеше сите 12 рунди. Судиите со поделена одлука му ја доделија победата на Украинецот - 115:112, 113:114, 114:113.

Триесет и седумгодишниот Усик стана првиот неприкосновен светски шампион во тешка категорија по Ленокс Луис (41-2) во 2000 година и прв во ерата со четири појаси.

Претходно, во ерата на три појаси, само Ивандер Холифилд (44-10) беше апсолутен светски шампион во тешка категорија.

Сега украинскиот боксер има шест појаси: четири големи: ВБА (Супер), ВБЦ, ИБФ, ВБО и два помали: ИБО и Ринг.

За 35-годишниот Фјури ова беше прв пораз во кариерата. Пред оваа борба тој забележа 34 победи и една борба со негово учество заврши нерешено.

Усик сега има 22 победи во 22 борби./МИА

притисни ентер