Разрешена Јанева, утре ќе се решава за статусот на останатите обвинители во СЈО

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која во моментот е во притвор како третоосомничена во случајот „Рекет" веќе е разрешена. 

Останува да се регулира статусот на другите јавни обвинители во Специјалното јавно обвинителство, бидејќи согласно законот нивниот мандат не може да го надмине мандатот на специјалната јавна обвинителка. За нив, Советот на јавни обвинители ќе расправа утре на седница.

Јанева беше разрешена вчера на вонредна седница на Советот на јавни обвинители свикана доцна вечерва откако претходно Парламентот едногласно го усвои предлогот за нејзино разрешување.

Претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски по седницата изјави дека Јанева едногласно е разрешена поради незаконско, нестручно и несовесно работење, а одлуката за нејзино разрешување стапува веднаш на сила и ќе биде објавена во службените гласила согласно процедурата.

За јавните обвинители кои се дел од СЈО, како што посочи Колевски, ќе мора да се применат одредбите од Законот за Специјалното јавно обвинителство за претставник на нивната функција.

– Тоа в понедленик ќе го констатираме со одлука. Став на Советот е дека не постојат услови за поставување на вршител на должност во Специјалното јавно обвинителство имајќи го во предвид самиот Закон за СЈО каде е наведено дека предлогот за именување на специјален јавен обвинител го дава Собранието. Очекуваме предлог од Собранието и ако биде доставен ќе постапиме по предлогот, бидејќи законот се уште е во важност, потенцира вчера Колевски.

Процесот на разрешување на Јанева почна на 5 септември, кога Комисијата за избори и именувања зад затворена врата едногласно и без дебата донесе заклучок да му предложи на Собранието да ја разреши Јанева. Одлуката беше донесена врз основа на извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на Јанева поради нестручно, незаконско и несовесно работење.

Продолжи вчера на 112-тата седница на Собранието на Република Северна Македонија кога едногласно со 102 гласа „за" без воздржани и против, како и со 27 гласа „за" од припадници од заедниците кои не се мнозинство беше даден предлог за разрешување на Јанева. Парламентарните партии беа единствени во ставот за разрешувањето на Јанева, но пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ ги повторија своите различни позиции и гледишта за тоа какво треба да биде јавното обвинителство во кое треба да биде инкорпорирано СЈО. Тие меѓусебно се обвинуваа за правен хаос, штитење на криминалот, злоупотреби на правосудниот систем, пропаѓање на случаите на СЈО и нивно запирање. Веднаш по завршувањето на седницата, претседателот на Собранието Талат Џафери го потпиша предлогот за разрешување и го достави до Советот на јавни обвинители кој на вонредна седница ја потврди одлуката за разрешување.

Мандатот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева истекуваше денеска. Таа поднесе оставка на 15 јули веднаш по објавувањето на аферата „Рекет" и апсењето на прво и второ осомничениот – Бојан Јовановски и Зоран Милески Кичеец./МИА

Мицкоски: Коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ да освои мнозинство во Парламентот

„Помина првиот круг, малкумина од власта на СДСМ и ДУИ беа свесни за тоа што ќе се случува. Но, ние таа енергија која што ја чувствуваме во кампањата, таа емоција која што доаѓаше до нас беше исклучително силна. “

„Помина првиот круг, малкумина од власта на СДСМ и ДУИ беа свесни за тоа што ќе се случува. Но, ние таа енергија која што ја чувствуваме во кампањата, таа емоција која што доаѓаше до нас беше исклучително силна. И ни беше прилично јасно дека ќе се случи голема победа, и дека разликата ќе биде исклучително голема“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Јегуновце.

„Но, тоа што се случи на 24-ти април морам да признам и да бидам како и секогаш искрен со вас, ги надмина и нашите очекувања. Ние мислевме дека ќе биде до 150.000, а излезе 183.000 гласа разлика“, рече тој.

Мицкоски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот изминативе години испишува историја и прави историски резултати.

„Да се навратиме кога ни предвидуваа дека нема да биде така како што ние очекуваме, дека власта ќе издвојува апсолутна победа и дека тоа е крајот за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и оваа генерација на политичари во ВМРО-ДПМНЕ. Ние заедно со вас, заедно со народот на Македонија успеавме да издвојуваме две убедливи победи на тие локални избори и во првиот и во вториот круг, и за првпат во независна Македонија, во демократска Македонија ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата заедно со народот успеа да победи во мнозинството општини во Македонија и да има мнозинство од градоначалниците во Македонија. Тоа беше првиот историски резултат“, потсети претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

„И тоа продолжи во првиот круг на претседателски избори каде резултатот во однос на идниот претседател професорката Гордана Силјановска Давкова со актуелниот и претседател во заминување Стево Пендаровски е 2:1. И тоа е за првпат во Македонија се случува ваков резултат“, нагласи тој.

Тој посочи дека тука не треба да се застане, туку да се продолжи до крај, до 90-та минута и минута после 90-та.

„Сега следната наша цел повторно историска е за првпат некоја коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ од опозиција да освои мнозинство во македонскиот Парламент. Потребно е мнозинство во македонскиот Парламент и идниот претседател да биде Гордана Силјановска Давкова“, додаде Мицкоски.

„Јас сум убеден гледајќи го тоа што се случува овие пет дена од кога заврши првиот круг на претседателски избори дека и тоа ќе се случи. Ни остана помалку од една недела до денот на изборите и убеден сум од оваа енергија и емоција која што ја чувствувам од народот македонски дека и тоа ќе се случи“, укажа тој, се наведува во партиското соопштение.

Шкотска остана без премиер- Хамза Јусаф си поднесе оставка

Премиерот на Шкотска Хамза Јусаф денеска поднесе оставка, откако минатата недела ја растури коалицијата со шкотските зелени.

Јусаф поднесе оставка како лидер на Шкотската национална партија (СНП) што се залага за независност, откако не успеа да обезбеди доволно поддршка за да го преживее гласањето за доверба подоцна минатата недела, пренесува Ројтерс.

Нешто повеќе од една година откако ја замени Никола Старџен на функцијата премиер и лидер на СНП, Јусаф рече дека е време некој друг да ја предводи шкотската влада.

Минатата недела Јусаф одлучи да ја прекине коалицијата со Зелените, кои исто така ја поддржуваат независноста на Шкотска, поради конфликтот околу политиката за климатски промени.

По распадот на владејачката коалиција, најголемата опозициска Шкотска конзервативна и унионистичка партија најави дека ќе иницира гласање за доверба на Јусаф.

Шкотскиот парламент сега има 28 дена да избере нов премиер, а доколку СНП не успее да најде нов лидер кој може да добие парламентарна поддршка, ќе се одржат нови избори.

„Чудото од дете“ на Барселона е најскапиот фудбалер на светот

Академијата Ла Масија во Барселона се смета за фабрика за создавање таленти.

Познато е дека низ неа поминале многу познати играчи како Чави, Иниеста, Меси, Бускетс, но еден играч би можел да ги засени во блиска иднина.

Тоа е Ламин Џамал, кој во јули наполни 17 години, а сега и официјално е најкорисен фудбалер во светот. Меѓународниот центар за спортски студии ја објави листата на најскапи играчи помлади од 23 години, на која чудото од Барселона го држи првото место.

Неговата вредност е проценета на 134 милиони евра, а второто место му припаѓа на 19-годишниот фудбалер на Бенфика, Жоао Невес, чија вредност се проценува на 73 милиони евра, додека третото место го поделија Савио од Жирона и Кол Палмер од Челзи. .

Инаку, Џамал ​​има договор со Барса до крајот на сезоната, а медиумите во Шпанија веќе го споредуваат со легендарниот Лео Меси.

притисни ентер