Реал се откажа од трансферот на Дејвис

Лидерот во шпанското првенство Реал Мадрид ги прекина преговорите за потписот на дефанзивецот на Баерн Минхен, Алфонсо Дејвис во претстојниот летен преоден рок, објавија денеска шпанските медиуми.

Според „Релево“, Реал ги променил приоритетите во плановите за засилување на одбранбената линија пред почетокот на следната сезона.

Реал постигна вербален договор со левиот бек Дејвис, но приоритетна трансфер цел на Кралскиот клуб во дефанзивата сега е централниот бек на францускиот Лил, Лени Јоро.

Според медиуми, Дејвис би можел да му се приклучи на Реал, но по крајот на следната сезона, кога му истекува договорот со Баерн.

Голема победа на десничарската опозиција во Македонија на двојните избори

Голема победа на десничарската опозиција во Македонија на парламентарните и претседателските избори.

Хина

Десничарската опозиција во Македонија извојува убедлива победа на парламентарните и претседателските избори синоќа, ноќта во која оваа балканска земја ја избра и првата жена шеф на држава.

Стотици расположени поддржувачи на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ се собраа пред седиштето на нивната партија во центарот на Скопје, веејќи национални и партиски знамиња и играјќи на народна музика.

„Почитувани луѓе на Македонија... успеавме. Македонија победи. Ова е историска победа на народот“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред насобраните.

Резултатите од изборната комисија покажаа дека ВМРО-ДПМНЕ освоила 42 отсто од гласовите по пребројани 72 отсто од гласовите на парламентарните избори, наспроти 14 отсто за владејачките Социјалдемократи (СДСМ), принудувајќи го лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски да го признае поразот.

„Резултатот е разочарувачки и ова е голем удар за СДСМ“, рече Ковачевски на прес-конференција на која повика и на темелна ревизија на неговата партија.

Гласачите во оваа балканска земја со два милиона жители станаа фрустрирани од бавниот напредок во обидот на земјата да се приклучи на Европската унија, кој беше дочекан со оптимизам во 2005 година, но оттогаш се сметаше за изгубено ветување.

Постојаната корупција и бавниот развој, исто така, ги налутија гласачите и ги свртеа против владејачката партија.

Во вториот круг од гласањето за поцеремонијалната улога на претседател, Гордана Силјановска-Давкова, универзитетска професорка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, го победи Стева Пендаровски, актуелниот претседател кој го поддржа СДСМ. Силјановска-Давкова доби 65 отсто од гласовите наспроти 29 отсто за Пендаровски, откако беа преброени повеќе од 87 отсто од гласовите.

„Се запрашав зошто заслужувам таква чест“, изјави Силјановска-Давкова пред новинарите веднаш откако беше избрана за прв претседател на државата. „Наградата за мене е бесценета, ова е голема одговорност“, нагласи таа.

Опозицијата веројатно ќе мора да коалицира со помалите партнери за да добие мнозинство во парламентот. Се очекува да има разговори во наредните денови.

Некои гласачи изразија загриженост дека националистичката наклонетост на опозицијата може да им наштети на односите со соседните земји и нејзината кандидатура за членство во ЕУ. Аналитичарите не очекуваат голем напредок во интеграцијата во ЕУ во времето на опозицијата, која беше на власт до 2017 година, а исто така беше мета на критики поради наводниот поткуп.

„Пристапувањето во ЕУ нема значително да напредува под потенцијалната влада на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Марио Бикарски, аналитичар за Источна и Централна Европа во консултантската фирма „Вериск Мејплкрофт“.

Во 2001 година, НАТО ја повлече Македонија од работ на граѓанска војна за време на бунтот на етничките Албанци и вети побрза интеграција во ЕУ и НАТО. Албанците сочинуваат околу една четвртина од населението во земјата.

Недостигот на напредок на Македонија во ЕУ е делумно последица на несогласувања со соседните Грција и Бугарија, двете земји-членки на ЕУ, но и неуспехот да се спроведат економските и судските реформи. Земјата влезе во НАТО во 2020 година.

Некои места и градови се меѓу најзагадените во Европа, делумно поради потрошувачката на јаглен и старите автомобили. Голем број млади луѓе од земјава се иселиле во странство во потрага по подобри перспективи.

Иако многумина не беа сигурни што може да направи опозицијата за да ги промени работите, некои се надеваа.

„Ова е одлично, Македонија им се враќа на Македонците, ВМРО-ДПМНЕ го направи тоа“, рече Панче Петковски (23), студент кој го гледаше изборниот пренос на телевизија во едно скопско кафуле.

Реал против Борусија за трофејот во Лигата на шампиони

Фудбалерите на Реал Мадрид се вторите финалисти во Лигата на шампиони, откако вечерва во драматичен реванш полуфинален натпревар на Сантијаго Бернабеу го совладаа минхенски Баерн со 2-1 и го елиминираа германскиот тим со вкупен резултат 4-3.

По минатонеделните 2-2 во Минхен, фудбалерите на Баерн беа на чекор до пласман во финалето, откако Дејвис го донесе германскиот тим во водство во 68 минута.

Резултатот беше активен до 88 минута кога на сцена стапи Хоселу и со два гола, во 88 и 90 минута, донесе целосен резултатски пресврт и пласман на Реал во финалето..

Противник на Кралскиот клуб во дуелот за титулата на 1 јуни на „Вембли“ во Лондон ќе биде Борусија Дортмунд, која вчера со вкупни 2-0 го елиминираше француски ПСЖ.

Променливо облачно и нестабилно, наместа со пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно, наместа со пороен дожд и грмежи.

Особено попладне и локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време, силни електрични празнења, засилен ветер и појава на град.

Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 13, а максималната ќе достигне од 16 до 23 степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Во Скопје променливо облачно и нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 22 степени.

До петок времето ќе биде променливо облачно и посвежо, на повеќе места нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време, силни електрични празнења, засилен ветер и појава на град. Во сабота ќе биде краткотрајно претежно стабилно, а потоа се очеку променливо време со послаба нестабилност.

притисни ентер