Рејчел Галовеј: Политичките партии интересот на земјата мора да го стават пред сè

Ефективноста и интегритетот на целокупното правосудство е предуслов за национална стабилност и просперитет.

Реформите во обвинителството се дел од пошироките реформи поврзани со владеењето на правото што се приоритетни за ЕУ, за НАТО и за граѓаните на Македонија, па затоа политичките партии мора да го стават интересот на земјата пред сè, вели британската амбасадорка во Скопје, Рејчел Галовеј во интервју за МИА, во однос на потребата од донесување нов закон за Јавно обвинителство и спојувањето на сегашното СЈО со Основното јавно обвинителство за организиран криминал.

– Ефективноста и интегритетот на целокупното правосудство е предуслов за национална стабилност и просперитет, вели Галовеј, нагласувајќи дека Советот на ЕУ отсекогаш бил јасен дека треба да се утврди правна одговорност за сторените противзаконски дејства за кои јавноста дозна од прислушуваните разговори од 2015 година.

Според неа, квалитетните законски рамки се важни, но владеењето на правото се заснова на нивната примена, па затоа случајот „Рекет" е можност да се покаже делотворно, навремено и неселективно спроведување на законите.

– Најважно е граѓаните да видат дека владеењето на правото подеднакво важи за сите, потенцира Галовеј

Таа нагласува и дека Велика Британија ја поддржува евроатлантската интеграција на Северна Македонија и се надева дека Европскиот совет на самитот во октомври на земјата ќе и даде датумот за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

– Македонија покажа лидерство и храброст во пристапот кон проблемот со името и постигна значаен напредок со бројни реформи. Општиот правец е позитивен, но за вистински промени треба време и постојани напори од сите учесници во општеството. Процесот на влегување во ЕУ треба да ги засили овие реформи, вели Галовеј .

Во врска со односите на Лондон со земјите од Западен Балкан по Брегзит, предвиден за 31 октомври, амбасадорката Галовеј истакнува дека и по напуштањето на ЕУ, Велика Британија ќе остане истата држава „поврзана со Македонија и поширокиот балкански регион.

– Јасно е дека Западниот Балкан му е важен на Обединетото Кралство, како што покажавме со нашата четирикратно зголемена програмска поддршка, поброен кадар, како и со посетата на поранешната премиерка Тереза Меј во Скопје и посетата на министерот за надворешни работи Никола Димитров во Обединетото Кралство пред еден месец. Верувам дека нашите и онака цврсти билатерални односи ќе продолжат да се продлабочуваат и во иднина, потенцира Галовеј./МИА.

ОН: Израелски копнен напад на Рафа би можело да доведе до масакр

Израелски копнен напад врз Рафа ќе ги доведе во опасност животите на стотици илјади жители на Газа и ќе им нанесе огромен удар на хуманитарните активности низ палестинската енклава.

Израелски копнен напад врз Рафа ќе ги доведе во опасност животите на стотици илјади жители на Газа и ќе им нанесе огромен удар на хуманитарните активности низ палестинската енклава, соопшти Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA).

Израел се заканува дека ќе изврши копнен напад врз Хамас во Рафа, каде што се засолниле речиси милион луѓе.

„Тоа би можело да биде масакр на цивили и неверојатен удар за хуманитарните операции во целиот појас, бидејќи тие се управуваат главно од Рафа“, рече портпаролот на ОЦХА, Јенс Лаерке, на брифингот во Женева.

Хуманитарните активности од Рафа вклучуваат медицински клиники и пунктови за дистрибуција на храна и центри за неухранети деца, рече тој.

Претставник на Светската здравствена организација (СЗО) на истиот брифинг изјави дека е подготвен план за копнен напад, кој вклучува нова полска болница, но предупреди дека тоа нема да биде доволно за да се спречи големиот број жртви.

„Тоа апсолутно нема да спречи значителни дополнителни смртни случаи“, рече Рик Пиперкорн, претставник на СЗО за палестинските територии.

Тој додаде дека е „многу загрижен“ што нападот ќе го затвори граничниот премин Рафа меѓу Појасот Газа и Египет, кој се користи за увоз на лекови и медицинска опрема.

Официјално: Легендарен фудбалер по 12 години ја напушта Борусија

За тоа се шпекулираше и претходните месеци, објавија сите познати германски медиуми, а сега е и официјално! Марко Ројс по дванаесет години ќе ја напушти Борусија Дортмунд.

Напаѓачот преку социјалните мрежи им се обратил на навивачите и ја соопштил својата одлука да си замине. По 424 натпревари и 168 гола, два купа на Германија и еден Суперкуп, како и финалето од Лигата на шампионите во 2013 година, соработката конечно дојде до крај.

- Неверојатно сум благодарен и горд за ова посебно време во мојот сакан клуб. Поминав повеќе од половина од мојот живот во клубот и уживав во секој ден, иако секако имаше тешки моменти. Веќе знам дека ќе ми биде тешко да се поздравам на крајот од сезоната – рече Ројс во пораката до навивачите.

Ројс има 34 години и се уште не е познато каде би можел да ја продолжи кариерата. Тој е дете на Дортмунд, но од 2006 до 2012 година играше за Рот Вајс Ален и Борусија Менхенгладбах пред да се врати.

За германската репрезентација одигра 48 натпревари и постигна 15 голови.

ЕУ најави мерки за спречување на злонамерното однесување на Русија во кибер просторот

Европската Унија и нејзините земји членки заедно со меѓународните партнери силно ја осудуваат злонамерната кибер кампања спроведена од т.н. Актер за напредна постојана закана 28 (АПТ28).

Европската Унија и нејзините земји членки заедно со меѓународните партнери силно ја осудуваат злонамерната кибер кампања спроведена од т.н. Актер за напредна постојана закана 28 (АПТ28), кој е контролиран од Русија, против Германија и Чешка, се наведува во изјавата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.

Во изјавата се посочува дека Германија денеска сподели оценка за упад на AПT28 на различни и-мејли на раководството на владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД), а Чешка во исто време објави дека и нејзини институции биле цел на оваа кибер кампања. Борел потсетува дека претходно беа мета на истиот чинител беа и државни институции, агенции и ентитети во други земјите членки на ЕУ, меѓу кои и во Литванија, Полска, Словачка и Шведска, како и дека во 2020 година Унијата воведе санкции за поединци и субјекти одговорни за нападите на АПТ28 насочени кон германскиот Федерален парламент во 2015 година.

- Злонамерната кибер кампања го покажува континуираниот модел на неодговорно однесување на Русија во кибер просторот, таргетирајќи ги демократските институции, владините ентитети и провајдерите на критична инфраструктура низ Европската Унија и пошироко. Овој тип на однесување е во спротивност со нормите на ОН за одговорно државно однесување во кибер просторот, како што е нарушување на користењето и работењето на критичната инфраструктура. Занемарувајќи ја меѓународната безбедност и стабилност, Русија постојано го користеше APT28 за да спроведе злонамерни кибер активности против ЕУ, нејзините земји членки и меѓународните партнери, особено Украина, се додава во изјавата на Борел дадена во име на Европската Унија.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Борел нагласува дека ЕУ нема да толерира такво злонамерно однесување, особено активности кои имаат за цел да ја деградираат критичната инфраструктура, да ја ослабат општествената кохезија и да влијаат на демократските процеси, имајќи ги предвид избори во ЕУ и во повеќе од 60 земји во светот што се одржуваат во текот на оваа година.

- ЕУ и нејзините земји членки ќе продолжат да соработуваат со нашите меѓународни партнери за промовирање на отворен, слободен, стабилен и безбеден кибер простор. ЕУ е решена да го искористи целиот спектар на мерки за спречување, одвраќање и одговор на злонамерното однесување на Русија во кибер просторот, се додава во изјавата.

притисни ентер