Во соопштението РФМ истакна дека согласно регулативата на Европската ракометна федерација, правата за продажба на билети се во надлежност на домаќинот што во овој случај се Ракометната федерација на Германија и нивниот организациски комитет.
- Европската ракометна федерација уште во мај објави дека половина од билетите во продажба се веќе распродадени, а особен интерес и побарувачка за билети имаше во групата А каде настапува и македонската сениорска репрезентација заедно со домаќинот Германија. Организаторите во септември ги пуштија во продажба и последните слободни 10.000 билети, кои во екстремен брз временски рок беа распродадени, информираше РФМ.
Европското првенство во Германија ќе се одржи од 10 до 28 јануари идната година, а македонската репрезентација е во групата А со домаќинот, Франција и Швајцарија.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров од вчера се во Србија каде во Стара Пазова ги почнаа завршните подготовки за настапот на Европското првенство. /МИА