Русија ја предупредува Европа: Ако ни го земете имотот, одговорот ќе боли

Матвиенко ја предупреди Европа дека Русија веќе напишала закон за да се одмазди доколку Западот заплени речиси 300 милијарди долари руски имот и ги искористи за помош на Украина.

Претседателката на Горниот дом на рускиот парламент Валентина Матвиенко, блиска соработничка на Владимир Путин, денеска ја предупреди Европа дека Русија веќе напишала закон за да се одмазди доколку Западот заплени речиси 300 милијарди долари руски имот и ги искористи за помош на Украина.

Откако Путин испрати војници во Украина во 2022 година, САД и нивните сојузници ги забранија трансакциите со руската централна банка и Министерството за финансии, блокирајќи речиси 300 милијарди долари руски средства на Запад, пренесува Хина.

Американски функционери сакаат да запленат имот за да и помогнат на Украина, иако некои банкари и европски функционери се загрижени дека таквата заплена ќе создаде опасен преседан.

Претставничкиот дом на САД во саботата усвои закон со одредба која овозможува заплена на руски имот, но главниот дел од руските средства не е во САД, туку во Европа.

- Имаме подготвен одговор. Имаме предлог-закон со одмазднички мерки што сме подготвени веднаш да го разгледаме … А Европејците ќе изгубат повеќе од нас, рече Матвиенко.

Таа не прецизираше каков ќе биде одговорот на запленувањето руски имот, за што се уште се разговара на Запад.

Една од опциите за која разговара Западот е да се конфискува приходот од имотот без да се земе самиот имот.

Путин вели дека Западот почна економска војна против Русија, тврдејќи дека руската економија, која минатата година порасна за 3,6 отсто, е отпорна на западните санкции кои имаат за цел да ја запрат руската трговија.

Кремљ постојано повторува дека секое запленување на негови средства ќе биде спротивно на принципите на слободниот пазар што Западот ги прокламира и ќе ја поткопа довербата во американскиот долар и еврото, а истовремено ќе ги одврати глобалните инвестиции и ќе ја поткопа довербата во западните централни банки.

Русија соопшти дека ќе ја оспори на суд секоја конфискација на нејзин имот.

Некои руски функционери сугерираат дека ако се заплени руски имот, истото може да му се случи и на имотот на странските инвеститори блокиран на специјални сметки во Русија.

Не е јасно колку точно пари има на тие сметки.

Претседателот на долниот дом на рускиот парламент, Вјачеслав Володин, вчера изјави дека Русија има основа да ги заплени имотите на Западот по усвојувањето на законот во американскиот Конгрес.

Володин рече дека од 280 милијарди долари замрзнати руски средства во странство, само пет до шест милијарди долари се во САД, додека околу 210 милијарди евра се во Европската Унија. /МИА

Мајкрософт најави нови компјутери со чипови со вештачка интелигенција од Квалком

Мајкрософт објави дека наскоро ќе пушти во продажба нови компјутери со напредни чипови од компанијата Квалком.

Американската технолошка корпорација Мајкрософт објави дека наскоро ќе пушти во продажба нови компјутери со напредни чипови од компанијата Квалком (Qualcomm) кои се дизајнирани да извршуваат функции на вештачка интелигенција без брзо празнење на батеријата.

-Во прашање се чиповите Snapdragon кои ќе им овозможат на корисниците да извршуваат некои задачи со вештачка интелигенција дури и без интернет конекција и да го користат моделот на Мајкрософт со вештачка интелигенција Copilot.

Меѓу другото, компјутерите ќе можат да препорачуваат одговори на дојдовните пораки, да предлагаат промена на поставките, па дури и да разговараат со луѓето за тоа што е моментално на екранот. /МИА

Кривичен му го потврди притворот од 30 дена на Љупчо Палевски

Судија на претходна пстапка во Основниот кривичен суд во Скопје, му одреди мерка притвор во траење од 30 дена на Љупчо Палевски осомничен за убиството на 14- годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски (74).

-Заради интерес на медиумите кои ја следат работата на судот, ја информираме јавноста дека осомничениот за двојното убиство во Скопје и Велес од ноември минатата година, Љ.П. кој на 15.05.2024 година беше екстрадиран од Р.Турција, по наредба на судија на претходна постапка денска беше спроведен во Основниот кривичен суд Скопје за да се произнесе во однос на мерката притвор определна во негово отсуство, а по предлог на Основното јавно обвинителство – Скопје. По признесување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, поставен по службена должност, судија на претходна постапка донесе решение со кое на осомничениот му се определува мерка притвор во траење од 30 дена која започнува со нејзино реализирање од денот на неговиот прием во Истражниот затвор Скопје, а заради постоење на околностите од чл. 165 ст. 1 точка 1,2 и 3 односно, постојат околности дека може да се даде во бегство, може да ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоците, и околности кои упатуваат дека ќе го доврши или повтори кривичното дело, стои во соопштението од Кривичен.

Против ова решение странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд, наведуваат од Основниот кривичен суд.

Палевски, кој беше спроведен од полицијата со спуштена глава, прашан од медиумите да дали ги сторил убиствата и дали ќе се брани со молчење рече „не“.

Тој е првпат изведен пред судија на претходна постапка по екстрадицијата од Турција, каде побегна и потоа беше фатен од тамошната полиција.

Патник загина во силни турбуленции за време на лет, авионот принудно слета (ВИДЕО)

Сингапур ерлајнс го објави денешниот инцидент, кога авионот со 211 патници доживеал силни турбуленции и принудно слетал во Тајланд.

Сингапур ерлајнс го објави денешниот инцидент, кога авионот со 211 патници доживеал силни турбуленции и принудно слетал во Тајланд, а објавиле дека на летот починал 73-годишен маж од Велика Британија и изјавиле дека причината најверојатно е срцев напад.

Во овој инцидент биле повредени повеќе од 20 луѓе, а сега се појавија и видео снимки од леталото за време на турбуленциите.

На социјалната мрежа Икс, поранешен Твитер, се појави видео на кое се гледа како се тресе во авионот, а неколку секунди подоцна авионот буквално „пропаѓа“ што резултира со паѓање храна и работи од кабината.

Во тој момент еден човек од силината на турбуленциите буквално ја удира главата во таванот.

Еден од патниците рече дека авионот доживеал „драматичен пад“, што значи дека луѓето кои не носеле појаси „летале кон таванот“.

Сликите објавени на социјалните мрежи покажуваат оштетување на таванот на кабината, како и храна, прибор за јадење и други остатоци расфрлани по подот по инцидентот.

„Летот SK321 на Сингапур ерлајнс, кој патуваше од Лондон Хитроу за Сингапур на 20 мај, наиде на сериозни турбуленции на пат. Можеме да потврдиме дека во авионот има повредени и една жртва. Сингапур ерлајнс изразува длабоко сочувство до семејството на починатиот. Нашиот приоритет е да им обезбедиме секаква можна помош на сите патници и членови на екипажот.“

притисни ентер