Русија: Убиени пет напаѓачи и двајца полицајци во Република Карачај-Черкезија

Петмина милитанти се убиени во руската република Карачај-Черкесија, откако фрлиле бомба врз полицијата и отвориле оган, при што загинале двајца полицајци, а четворица се повредени, соопшти денеска полицијата преку објава на апликацијата Телеграм.

Во полициското соопштение се наведува дека напаѓачите фрлиле бомба од автомобил кон патрола на сообраќајната полиција и отвориле оган од автоматско оружје.

Во конфликтот убиени се двајца полицајци, а ранети се двајца сообраќајни службеници, еден полицаец од областа Курган и еден припадник на Националната гарда.

Убиените напаѓачи беа идентификувани како наводни учесници во нападот врз полицајци на 22 април кога убиле двајца полицајци, а еден го оставиле во критична состојба, откако отвориле оган врз нив и украле оружје и побегнале. Потоа по нив беше распишана потерница. /МИА

Нова рунда преговори меѓу Белград и Приштина за забраната за користење на динарот на Косово

 Тоа е седма рунда од дијалогот каде што ќе се разговара за забраната за користење на динарот на Косово.

Нова рунда дијалог меѓу Белград и Приштина на ниво на главни преговарачи ќе се одржи денеска во Брисел, а главна тема ќе биде изнаоѓање решение во врска со одлуката за користење на динарот на Косово. Белградската делегација повторно ќе ја предводи директорот на српската Канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, а од Приштина се очекува учество и на нејзиниот главен преговарач Бесник Бислими.

Тоа е седма рунда од дијалогот каде што ќе се разговара за забраната за користење на динарот на Косово.

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, најави дека ќе биде домаќин на главните преговарачи на Белград и Приштина на разговори со цел да се најде „одржливо привремено решение“ за оние кои се погодени од регулативата на Централната банка на Косово за готовински трансакции.

Претходниот состанок, на кој се разговараше за одлуката на Приштина да ги укине трансакциите за плаќање динари на Косово се одржа на крајот на април во Брисел, но заврши без конкретни резултати.

Путин го поддржува кинескиот план за мирно решавање на кризата во Украина

Рускиот претседател, Владимир Путин во интервју објавено денеска вели дека го поддржува кинескиот план за мирно решавање на кризата во Украина.

Во интервју за кинеската новинска агенција Синхуа пред посетата на Путин на Кина оваа недела, рускиот лидер рече дека Пекинг ги разбира причините за кризата во целост, пренесе БТА.

Путин вели и дека Русија е отворена за дијалог и преговори за решавање на конфликтот кој трае повеќе од две години.

-Планот и принципите на Кина, објавени минатиот месец од кинескиот лидер Си Џинпинг, ги земаат предвид факторите зад конфликтот. Позитивно го оценуваме пристапот на Кина за решавање на украинската криза. Пекинг навистина ги разбира причините за кризата и нејзиното глобално геополитичко значење. Дополнителните принципи за решавање на кризата, кои Си Џинпинг ги постави во рамките на неговите преговори со германскиот канцелар Олаф Шолц, се реални и конструктивни чекори кои ја развиваат идејата дека е неопходно да се надмине менталитетот на Студената војна, изјави Путин.

Пред повеќе од една година, Пекинг објави план од 12 точки што ги содржи општите принципи за ставање крај на војната во Украина. Планот беше поздравен и од Русија и од Украина.

Најстудено на Попова Шапка, најмногу дожд во Крушево

Најниска температура од 5 степени Целзиусови утрово е измерена на Попова Шапка.

Најниска температура од 5 степени Целзиусови утрово е измерена на Попова Шапка. Следат Лазарополе со 6 степени, 7 во Крушево, 8 Маврови Анови, 9 Берово, Претор, 10 Крива Паланка, Охрид, 11 Прилеп, Виница, Битола, Тетово, 12 Скопје-Зајчев Рид Кавадарци, Штип, Струмица, Куманово, Велес, Дојран, 13 Скопје-Петровец и 14 степени во Демир Капија и Гевгелија.

Најмногуи наврнат воден талог за изминатите 24 часа до 08 часот има во Крушево- 17 л/м2, потоа 10 во Скопје кај Петровец и во Битола, 9 во Прилеп, 7 Крива Паланка, Пожаране, 6 Кавадарци, Куманово, 5 Велес, Берово, Лазарополе, Попова Шапка, 4 Скопје-Зајчев Рид, Тетово , 3 Охрид, Пожар, 2 Дојран, Тополчани, Маврови Анови, Претор и 1 л/м2 во Штип, Демир Капија и во Гевгелија.

Количините на врнежи, се наведува, се од дождомерните места на УХМР и локално количината на воден талог може да варира и да биде поголема од измерената.

Времето денеска променливо облачно со повремени врнежи од дожд, локално пообилни и поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 13 до 20 степени.

Во Скопје претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Попладне и во вечерните часови во делови од котлината врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне 18 степени.

притисни ентер