Кинезите се закануваат со контрамерки.
Бајден неодамна изјави дека САД размислуваат за дипломатски бојкот на Олимпијадата во Пекинг. Извори запознаени со идејата на администрацијата, претходно изјавиле за Ројтерс дека има се поголем консензус во Белата куќа за задржување на американските претставници подалеку од Олимпијадата во Пекинг. Но, Белата куќа одбила да ги коментира извештаите на CNN.
Си-Ен-Ен додаде дека бојкотот на САД нема да ги спречи нивните спортисти да се натпреваруваат на Игрите.
Организациите за човекови права ги обвинуваат кинеските власти за грубо кршење на правата, особено на ујгурските муслимански малцинства, како и за репресија во Тибет, Хонг Конг и некои други автономни региони. Затоа, како и пред Летните олимписки игри 2008 година, има се повеќе барања за бојкот на игрите. Сепак, дипломатскиот бојкот не се одразува на настапот на спортистите.
Одговорот дојде веднаш од Кина. Портпаролот на Министерството за надворешни работи Жао Лиџијан ги предупреди сите да престанат да „повикуваат на бојкот на Игрите за случајно да не се загрози кинеско-американскиот дијалог и соработката за важни прашања“.
„Ако САД ја задржат оваа насока, Кина ќе преземе решителни контрамерки“, додаде тој.
За разлика од САД, рускиот претседател Владимир Путин веќе ја најави посетата на Пекинг за време на Зимските игри, иако на Русија и нејзините спортисти им е забрането учество на Игрите под државното знаме и симболи.
Руските спортисти ќе мора повторно да се натпреваруваат во Пекинг во 2022 година под неутралните симболи на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), бидејќи Русија како земја продолжува да се казнува за систематски допинг на Игрите во Сочи во 2014 година и последователно прикривање на измамата.