Се подигнува степенот на подготвеност за превенција од коронавирусот, скрининг на сите патници

Првичните заклучоци од состанокот на Комисијата за заразни болести се дека се засилува контролата на сите гранични премини и на двата аеродрома во земјата.

Заради новонастаната состојба со коронавирусот и проширувањето на вирусот во областите Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања во Италија, министерот за здравство Венко Филипче изутрината одржа состанок со Комисијата за заразни болести на која се констатираше дека степенот на подготвеност се подигнува на повисоко ниво. Ќе се прави скрининг на сите патници кои влегуваат во државава на граничните премини и аеродромите во Скопје и во Охрид, соопшти Министерството за здравство.

Комисијата, посочуваат од Министерството, донесе нови зајакнати мерки за превенција и справување со евентуални заболени, кои дополнително ќе бидат координирани на денешниот состанок со Центарот за управување со кризи (ЦУК) во Министерството за внатрешни работи, закажан за 17 часот.

Првичните заклучоци од состанокот на Комисијата за заразни болести се дека се засилува контролата на сите гранични премини и на двата аеродрома во земјата. На граничните премини се отстапуваат посебни простории каде ќе бидат интервјуирани сите патници кои доаѓаат од ризичните дестинации и ќе се врши првичен скрининг на нивната здравствена состојба. На Скопскиот аеродром, термалната камера се поставува на локација од која ќе се следат сите патници кои пристигнуваат, а не како досега само патниците од Дубаи и Истанбул. Со безконтактен пиштол за мерење на телесната температура ќе се прави скрининг на патниците кои ќе пристигнат од ризични дестинации и на аеродромот во Охрид, стои во соопштението.

Доколку се јави потреба, како што се посочува, Инфективната клиника во Штип ќе функционира како објект за изолација. Тестирањата на сомнителни случаи ќе се вршат на Инфективните клиники во Скопје и во Куманово, а Министерството за здравство информира дека во земјава има доволно реагенси за тестирање на корона вирусот.

Од Министерството за здравство апелираат граѓаните во целост да ги почитуваат превентивните мерки за заштита според кои, треба да се воведе дополнителна заштита на храната – да не се консумира храна направена од болни животни, да се воведе дополнителна заштита при подготовка на храната – да се користат различни садови и ножеви за подготовка и сечкање на сирова и да се мијат задолжително рацете после секоја подготовка на храна, а при подготовка на месо и јајца истите убаво термички да се обработат, да се воведе посебна заштита при работа на отворени пазари – задолжително носење заштитни опрема, ракавици, маски и мантили додека се извршуваат работи со животни или производи од животинско потекло, по употребата целата опрема да се извади и да се пере секојдневно, а да се внимава да се заштити семејството од неиспрана работна опрема.

Исто така, треба да се штити населението од настинки – да се избегнува незаштитен контакт со болни (вклучувајќи и допир на уста, нос и очи), како и незаштитен контакт со домашни или диви животни. Задолжително и често да се мијат раце – и кога не се видливо нечисти да се мијат рацете со сапун и вода или да се користи чистач за раце кој содржи алкохол, да има заштита на останатите од заболување – при кашлање или кивање да се заштити устата и носот со марамче или со дланката, по употреба марамчињата да се фрлаат во затворени канти, а при кашлање или кивање, како и при грижа за болни задолжително да се мијат рацете.

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

Ханија: Хамас го проучува примирјето „во позитивен дух“

Хамас во „позитивен дух“ го проучува предлогот за примирје, до кој се дојде со посредство на Египет, изјави денеска лидерот на палестинското движење, Исмаил Ханија.

Ханија во телефонски разговор со шефот на египетското разузнавање Абас Камел кажа дека преговарачите на Хамас ќе се вратат „што е можно поскоро“ во Египет за да ги завршат актуелните разговори за прекин на огнот.

Во моментов се чека одговорот на ова палестинско движење на предлогот за прекин на огнот, што предвидува примирје во израелските воени операции, проследено со размена на заложниците киднапирани за време на нападот на Хамас на израелска територија на 7 октомври, за палестинските затвореници кои ги држеше Израел.

Израелската влада, од своја страна, денеска го обвини Хамас дека го попречува договорот со тоа што одбива да направи отстапки.

-Единственото нешто што го спречува договорот е Хамас. Хамас само ги заострува своите услови и се крие зад неразумните барања, изјави портпаролката на израелската Влада, Ракела Карамсон.

Таа повтори дека Израел продолжува да се подготвува за голема офанзива на Рафа, град што се наоѓа на крајниот југ од Појасот Газа, и покрај противењето на меѓународната заедница. /МИА

Мицкоски од Тетово: Решението против сите сценарија кои ги прават од СДСМ и ДУИ е излезноста

 Во рамките на проектот за 250 милиони евра за инфраструктурен развој на општините дел ќе се инвестира и во општините во западна Македонија.

„Живееме под едно небо, делиме исти проблеми, исти предизвици. Маката ни е иста, и копнееме по заеднички работи. Денес Македонија е држава каде управуваат стотина души кои ги запоседнале институциите и грубо ги злоупотребуваат. Секој тендер поминува низ нивни раце, за секој бизнис процентот на добивка го определуваат истите луѓе. Тој артаноиден систем стана синоним за корупција и неказнет криминал. Систем на искривени вредности и непринципиелност која државата ја носи во пропаст“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Тетово.

Мицкоски додаде дека доаѓа ново време, се врти нов лист, нов почеток.

„Овде од Тетово објавувам дека веднаш по победата и формирањето на влада значаен процент од буџетот ќе оди за развој и решавање на децениските инфраструктурни проекти на Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Дебар и повеќе други општини од западна Македонија“, вети Мицкоски.

„Се обврзувам дека во рамките на проектот за 250 милиони евра за инфраструктурен развој на општините дел ќе се инвестира и на овие места овде. Подеднакво ќе градиме и работиме за развој на штипско Ново село, но и за тетовско Теарце, за струмички Куклиш, но и за тетовско Одри“, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека на народот му е доста од удирање на гради зборење за права, а во реалноста сето тоа да се сведе на крадење и тендери. Реално и со дела да се менува животот на луѓето и тоа идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го направи.

„За да се случи ова што ви го зборувам, на 8-ми мај мора да се заврши започнатата работа. Цунамито е кренато. Тоа цунами треба да удри на денот на изборите и да ја оддува забрефтаната од криминал власт. Решението против сите сценарија кои ги прават од СДСМ и ДУИ е излезноста“, порача Мицкоски.

Тој ги повика граѓаните на осми мај да излезат и да гласаат, време е да започнат промените во Македонија.

притисни ентер