Седми ИТФ „Лица без маски“ од 12-ти до 17 септември во Универзална

Мултимедијалната претстава „Плацебо“ на режисерката и корегорафка Ана Пампулова од Софија на 12 септември ќе го отвори седмиот Интернационален театарски фестивал „Лица без маски“, кој ќе се одржува до 17 септември во Универзалната сала.


- Фестивалската програма годинава ќе понуди исклучителни квалитетни театарски преформанси предводени од европската и македонската независна продукција. Ексклузивната програма на годинашното издание на фестивалот, во селекција на театарскиот режисер Игор Ивковиќ, покрај гостувањето на европските независни театри, е зачинето со бројни македонски претстави, соопшти организаторот на ИТФ „Лица без маски“ - Независната продукција „Театар 007“.

Ќе гостуваат „Костелационе“ од Италија со претставата „Јас сум вода“, чешкиот театар „Континуо“ со „Соседи“ на режисерот Павел Штоурац, „Арт и медија зона“ од Грција со претставата „Исмини и Калипсо“ во режија на Ефи Мерваглоу, театарот „Лудум, Лудум“ од Белград со „Штом ќе се исполнат соништата, повеќе не можеш да живееш во нив“ во режија на Петар Ристовски. Во натпреварувачката програма на фестивалот годинава е и експресивниот буто танц на Васил Зафирчев, работен според книгата „Дневникот на хулиганот“ на Сашо Димовски, која ќе биде промовирана на фестивалот. На програмата се и претставите „Три сестри“ на режисерката Теа Беговска, „Виктор и Викторија“ на режисерот Војо Цветановски, „Трансферату“ во режија на Софија Ристевска, на независниот „Интимен театар“ од Битола.

На последната вечер на фестивалот, 17 септември, ќе има мултимедијална промоција на книгата „Стрмоглаво кон височините“ на авторката Марта Маркоска, а во чест на наградените претстави Независната продукција „Театар 007“ ќе ја изведе претставата „Ќелавата пејачка“ во режија на Игор Ивковиќ.

Тинејџер добил тешки изгореници од струен удар, додека го полнел мобилниот (ФОТО)

Рејес Огдал (16) е тешко повреден во бизарна несреќа што се случила во неговиот дом во Оклахома.

Тинејџерот завршил во болница со тешки изгореници, а неговата мајка Даниел Дејвис ги раскажала деталите од немилиот настан.

Таа наведува дека Рејес лежел во кревет кога телефонот му паднал на подот. Уредот бил на полнач, па сакал да се увери дека сѐ е во ред.

„Тој сакаше да провери дали батеријата сè уште се полни, а потоа ланчето што го носеше околу вратот дојде во контакт со незаштитена жица од штекерот“, објаснила Даниел.

Мајката додава дека спиела кога ја разбудил лелекот на нејзиниот син, пренесува LadBible.

„Ме викаше, па истрчав во ходникот. Тој рече: „Ме удри струја“, а видов страшни изгореници на вратот. Целата куќа мирисаше на изгорена коса и кожа“.

Рејес цело време бил свесен, а лекарите констатирале тешки повреди околу вратот, поточно изгореници од втор, трет и четврти степен.

„Можевме да го видиме белегот на ланчето на кожата. Доживотно ќе остане со лузни“, изјавила неговата мајка.

Таа додава дека му е благодарна на Бога што Рејес е добро.

„Можеше да умре таа ноќ. Кога станува збор за телефоните, нема порака или известување што е толку важно што лежи покрај вас во креветот. Сè може да се случи и мојот син е доказ за тоа“, заклучи таа.

Требало да се затвори училиште во Франција, поради мал број ученици- запишале четири овци

Поради недостиг на ученици и најавеното затворање на една паралелка во училиште во департманот Мозел во североисточна Франција, родители на ученици поднеле барања за упис на четири овци за следната учебна година, објавија локалните медиуми.

Како што пренесува локалниот весник Republiken de Lorraine, овој потег на родителите бил оригинален начин на протест против најавеното затворање на паралелка во ова училиште, пренесува порталот BFM TV.

Родителите пополнувале пријави за секој нов четвороножен ученик, со датум на раѓање и имиња на родители и ги доставиле до надлежната општинска служба и француското Министерство за образование.

Во апликациите биле споменати четири имиња: Џон Дир, Маргерит Диперс, Фил Тенди и Валеријан Дешан, кои се поврзуваат со секојдневниот живот на овците.

Во меѓувреме, е објавена градска уредба со која се повикува на „грижа за квалитетот на наставата“ и се бара „на учениците со посебни потреби да им се дозволи да останат во училишниот двор“.

Во Швајцарија е пронајдено ремек дело на Микеланџело, помала верзија на „Страшниот суд“

Во Женева е пронајдено единственото масло на платно направено од Микеланџело, а тоа е помала верзија на „Страшниот суд“ што може да се види во Сикстинската капела, соопшти денеска Амел Оливарес, специјалист за ренесансна уметност.

Женевскиот „Страшен суд“ го проучувал Оливарес осум години, заедно со конзерваторот Хозе Мануел дел Рио Караско, пред да дојдат до заклучок дека делото му припаѓа на Микеланџело.

Оваа слика се сметала за изгубена повеќе од 100 години, а истражувачите веруваат дека Микеланџело ја подарил на сликарот Алесандро Алори, кој ја искористил како инспирација за олтарните дела во базиликата Сантисима во Фиренца.

На сликата може да се види Христос, како и други фигури од „Судот“ во Сикстинската капела, додека димензиите се 96,52 на 81,28 сантиметри, пренесува Анса.

Се верува дека едно од лицата на сликата е на Микеланџело, но е претставено како помладо од она што го знаат историчарите на уметност.

Истражувачите истакнаа дека Христос е насликан без брада, исто како и на фреската во Систинската капела, а фигурите се нецелосни или како изгледаат скици.

Според Оливарес, ова дело укажува дека Микеланџело ја научил техниката на сликање масло од сликарот Себастиано дел Пиомбо.

Детален опис на „Страшниот суд“ во Женева е пронајден во Државниот архив во Фиренца во 1792 година, во документите се поврзани со списокот на мебел и уметнички дела во сопственост на фирентинскиот маркиз Донато Гуадањо.

притисни ентер