Седмо место за Радичевска и Заборска на Светската 1 Премиер карате лига во Австрија

Македонските карате репрезентативци, членови на Карате клубот Макпетрол, имаа забележителни резултати и добро претставување на турнирот од Светската 1 Премиер карате лига, А серија, во Салзбург, Австрија. Ова е квалификациски турнир за остварување на Олимписка норма во Токио 2020 година, на кој учество земаа 1.560 каратисти од 88 држави.

Сениорската репрезентативка и актуелната европска универзитетска шампионка, Сара Радичевска настапи во тежинската категорија на - 50 кг. Во елиминацискиот дел извојува четири победи. Во првото коло ја совлада Клемент Кармен од Унгарија со резултат 1-0, во второто коло беше поуспешна од Крафорд Лаурен од Англија и победи со резултат 2-0, во третото коло забележа уште една победа над Хјерлинд Миле од Данска со резултат 1-0. Во четвртфиналето налетот на Радичевска беше сопрен од репрезентативката на Јапонија Ендо Шинатсу и таа загуби со резултат 0-2.

Подоцна Шинатсу влезе во финалето и нашата репрезентативка доби шанса да се бори за бронзениот медал. Во првата репасажна борба, петто коло, беше поуспешна од Мурабито Николе (Италија) и победи со резултат 5-1, додека во шестата борба се сретна со Санчез Естера од Шпанија и загуби со резултат 0-3.

Ова беше доволно за високиот пласман на 7-мо место, поради големиот број на пријавени натпреварувачки 84 спортистки од 88 држави од целиот свет. Со овој резултат Радичевска во голема мерка ќе го подобри својот пласман на Светската ранг листа за учество на Олимписките игри во Токио 2020 година.

Висок пласман на 7-мото место оствари и стандардната репрезентативка Симона Заборска (-55 кг), во конкуренција на 115 спортистки од 88 држави

Заборска покажа апсолутна доминација во првите три кола, кога извојува убедливи победи со преставничките на Англија, Португалија, и Казахстан. Беше поразена минимално со резултат 0-1 во четвртото коло од Хрватската репрезентативка, Александра Хасани. Подоцна Хрватската репрезентативка влезе во финалето и на Заборска и се пружи шанса да се бори за бронзениот медал.Таа во првата борба беше подобра од Германката Бугур Гизим и ја победи со резултат 1-0, во втората борба која беше последна за борба за бронзениот медал при резултат 0-0 против Гасимова Илаха (Азербејџан), загуби по судиска одлука

Дополнителни поени и подобрување на својата ранкинг листа има и најдобриот млад спортист на Македонија за 2017 година, Петар Заборски, тој настапи во сениорска конкуренција и стигна до 4-тото коло во категоријата (-75 кг), во која имаше пријавено рекордни 168 каратисти од 88 држави.

Заборски најнапред забележа победа против спортистот од Косово, Сојева Хекуран и го победи со резултат 2-0, во второто коло беше поуспешен од Брунер Филипе од Швајцарија победи со 3-1, во третото коло го победи Словакот Оџаковски Лубуш 5-0, но во четвртфиналето загуби од Павел Киријевич од Белорусија со минимален резултат 0-1.

Потоа Белорусинот во полуфиналната борба загуби од Унгарецот Харспатаки Габор и поради тоа Петар не доби шанса во репасажот да направи нешто повеќе и да се обиде да стигне до бронзениот медал.

Останатите спортисти ги постигнаа следниве резултати:

(-61 кг)

Наташа Стефановска (Макпетрол) – победи со Невена Петровиќ (Србија) 3-0
Наташа Стефановска (Макпетрол) – пораз од Тјаша Ристиќ (Словенија) 5-5

(-68 кг) – 96 спортистки

Ангела Мојсовска (Макпетрол) – победа со Ивана Бебек (Хрватска) 0-0, победи
Ангела Мојсовска (Макпетрол) – пораз Александра Будкина (Казахстан) 2-6

Моника Стефановска (Макпетрол) – победа со Лина Пусник (Словенија) 2-1
Моника Стефановска (Макпетрол) – пораз од Алзахра Фатма Јилмаз (Египет)1-4

(-55 кг)

Моника Пендаровска (Макпетрол) победа со Зуиковска Диана (Украина), 4-1
Моника Пендаровска (Макпетрол) загуби од Ишаи Фумика (Јапан), 0-3

Тренерот на Макпетрол, Бошко Заборски изјави дека се задоволни од прикажаните борби и моменталната форма на нашите спортисти.

- Како клуб сме многу активни и се трудиме да учествуваме на сите натпревари кои ги организира Светската карате федерација (ВКФ), бидејќи од искуство знаеме дека врвни спортисти се прават со учество на најсилни светски турнири. Иако сме оставени сами на себе во пресметката со професионално организирани системи и држави, сепак успеваме да се носиме рамо до рамо со најсилните светски велесили и со нивните каратисти. Малите нијанси на моментална доминација која ја имаат светските велесили во карате спортот, во иднина ќе ги сведеме на минимум, изјави Заборски.

Тој потенцираше дека Сара Радичевска и Симона Заборска поседуваат големи потенцијали и може да бидат сериозни кандидатки за Олимписките игри. Исто така радува податокот што сите спортисти имаат нагорна линија на својата спортска форма.

- Петар Заборски покажа дека може да победува и во сениорска конкуренција,. Сите тие достојно го претставија Македонското карате и на овој силен натпревар во Салзбург. Се надеваме и оптимисти сме дека во иднина ќе бидеме уште поуспешни. Следната недела сите спортисти ќе настапат и на Светската 1 Премиер карате лига во Холандија, од каде очекуваме исто така добри вести, додаде Заборски. /МИА

Се помалку украински бегалци сакаат да се вратат во земјата

 26,2 отсто од украинските бегалци се убедени дека ќе се вратат дома, а уште 26,3 отсто веројатно планираат да го сторат тоа.

Повеќе од половина од украинските бегалци во странство и натаму планираат да се вратат во Украина, иако нивниот удел е намален за повеќе од 20 отсто во споредба со минатата година, покажа истражувањето на агенцијата за истражување на јавното мислење „Инфо Сапиенс“.

Така, 26,2 отсто од украинските бегалци се убедени дека ќе се вратат дома, а уште 26,3 отсто веројатно планираат да го сторат тоа, објави Униан. Меѓу нив, 61 отсто планираат да се преселат во Украина по завршувањето на војната.

За споредба, во ноември 2022 година, истражувањето покажа дека 49,7 отсто од украинските бегалци дефинитивно планираат да се вратат дома. Од нив 24,3 отсто се изјасниле дека планираат да го сторат тоа. Уделот на возрасните кои планираат да се вратат дома е поголем.

Кај децата овој процент е помал, 22 отсто од нив дефинитивно сакаат да се вратат, а 25 отсто веројатно сакаат. Повеќето од оние кои сакаат да се вратат се деца на возраст од 6 до 14 години и оние кои учат во украински училишта. Во исто време, расте бројот на Украинци кои претпочитаат да живеат во странство отколку во Украина.

Очекувано, подолгиот престој во странство е проследен со високо ниво на адаптација кон новиот живот. /MИА

Работно време на паркиралиштата на ЈП ПОЦ за Велигденските празници

Паркирањето во Општина Центар за време на Велигденските празници ќе биде без наплата за сите граѓани. 

Утре, во недела и понеделник, граѓаните ќе можат да паркираат без надомест на сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар.

Од ЈП ПОЦ појаснуваат дека согласно програмата за неработни денови за 2024 година на Министерството за труд и социјална политика, сабота е работен ден и следствено на тоа паркиралиштата со кои стопанисува ќе работат со вообичаено работно време.

Депото на „Пајак“ службата на ЈП ПОЦ ќе работи 24/7 за време на празниците.

Посочуваат дека редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и издавање на договори во Дирекцијата на ЈП ПОЦ ќе продолжи во вторник со вообичаено работно време. /МИА

Србија доби нова Влада, премиер Милош Вучевић, 31 министер и 26 министерства

Собранието на Србија вечерва ја избра новата Влада на Србија на чело со претседателот Милош Вучевиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

За новата влада од 250 пратеници колку што има српското собрание, за владата гласаа 152 од 213 присутни пратеници, а 61 беа против. Воздржани немаше, а отсутни беа 37 пратеници.

Новата Влада на Србија ќе брои 31 член, од кои пет се министри без ресор. Новата влада има третина од новите имиња во однос на претходната Влада на Србија предводена од Ана Брнабиќ.

Премиерот на новата српска влада Милош Вучевиќ во експозето на собраниската седница вчера најави дека владата ќе биде континуитет на политиката на досегашните влади и на претседателот Александар Вучиќ. За Северна Македонија кажа дека е држава која во Србија секогаш може да најде партнер и повеќе од тоа.

Во новата влада Синиша Мали ќе биде вицепремиер и министер за финансии, Ивица Дачиќ-министер за внатрешни работи и вицепремиер, Александар Вулин-вицепремиер, Ирена Вујовиќ-вицепремиер и министер за заштита на животната средина, Братислав Гашиќ-министер за одбрана, Марко Ѓуриќ-министер за надворешни работи, Тања Мишчевиќ-министер за евроинтеграции, Горан Весиќ, министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Дубравка Ѓедовиќ-министерка за рударство и енергетика, Златибор Лончар-министер за здравство, Томислав Момировиќ-министер за внатрешна и надворешна трговија, Маја Поповиќ-министер за правда, Славица Ѓукиќ Дејановиќ-министер за образование, Немања Старовиќ-министер за вработување, труд, ветерани и социјални прашања, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, министер за семејна грижа и демографија, Никола Селаковиќ, министер за култура, Андријана Месаровиќ, министер за економија, Јелена Жариќ Ковачевиќ, министер за администрација и локална самоуправа, Јелена Беговиќ-наука и иновации и Хусеин Мемиќ министер за туризам.

Милан Кркобабиќ е министер за грижа на селото, Дејан Ристиќ е министер за информации и телекомуникации, Дарко Глишиќ министер за јавни инвестиции, Новица Тончев, Усаме Зукурлиќ, Ненад Поповиќ и Татјана Мацура се министри без ресор. /МИА

притисни ентер