Шкотска има нов премиер по оставката на Хумза Јусаф

Новиот претседател на шкотската партија СНП, Џон Свини, денеска во шкотскиот парламент е избран за нов шеф на шкотската влада, на местото на Хумза Јусаф.

Еден ден откако го наследи како лидер на партијата, која ја поддржува независноста на Шкотска, Свини, 60-годишен политички ветеран и долгогодишен втор по ред во владата, стана трет премиер на Шкотска за нешто повеќе од една година.

Тој доаѓа на местото на Хумза Јусаф (39), кој поднесе оставка минатата недела по распадот на коалицијата со Зелените. Тие беа воздржани од гласање.

Изборот на Свини не е изненадување. Тој освои 64 од 129 гласови во парламентот каде Шкотската национална партија има големо водство пред опозициските партии, но нема апсолутно мнозинство. Тој допрва треба да положи заклетва пред Врховниот суд.

Претходно во текот на денот, Јусаф официјално ја поднесе својата оставка во писмо до британскиот крал Чарлс III. Тој беше на власт 13 месеци, по харизматичната Никола Старџен. Тој беше најмладиот шкотски премиер и прв од националното малцинство.

„Како млад муслиман, роден и израснат во Шкотска, не сонував дека еден ден ќе бидам привилегиран да ја водам мојата земја“, напиша тој.

Шкотскиот парламент е одговорен за многу области, вклучувајќи го здравството и образованието, додека Лондон е одговорен за надворешната политика и одбраната.

Џон Свини од 2014 до 2023 година беше вицепремиер во мандатот на Никола Старџен. Тој ја напушти функцијата кога таа поднесе оставка. СНП водеше од 2000 до 2004 година, кога партијата беше во опозиција.

Дел од опозицијата ја обвинува СНП, која е на власт од 2007 година, дека приоритет ѝ дава на борбата за независност на сметка на секојдневниот живот на граѓаните, но Свини вчера вети дека ќе се фокусира на „економијата, вработувањето, трошоците за живот и за здравствениот систем, образованието и климатската криза.“

Тој исто така нагласи дека сака Шкотска да стане независна. Но, тие амбиции засега се во ќорсокак, откако британскиот Врховен суд на крајот на 2022 година пресуди дека само британската влада може да даде дозвола за нов референдум. Последниот референдум во 2014 година не успеа.

Фјури побара реванш, Усик прифати

Британскиот боксер Тајсон Фјури, по поразот од Украинецот Олександр Усик во главниот меч на боксерската вечер во Ријад, потсети на клаузулата во договорот која предвидува реванш.

По објавувањето на резултатот, боксерите разговараа за одржување на реванш во октомври.

Усик, кој стана првиот апсолутен светски шампион во тешка категорија во 21 век, одговори: „Подготвен сум“.

За 35-годишниот Фјури ова беше прв пораз во кариерата. Пред оваа борба тој освои 34 победи и една борба со негово учество заврши нерешено.

Триесет и седумгодишниот Усик сега има 22 победи во 22 борби./МИА

Инцидент при слетувањето на хеликоптерот со кој патуваше претседателот на Иран, Раиси

Иранската државна телевизија објави дека хеликоптерот, со кој се превезувал претседателот на Иран, Ебрахим Раиси, имал „тврдо слетување“.

Телевизијата не соопшти детали за инцидентот, само дека спасувачи се обидуваат да стигнат до хеликоптерот со кој се превезуваа Раиси и други функционери, меѓу кои и министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан.

Раиси патувал во иранската провинција Источен Азербејџан, а инцидентот се случи во близина на градот Џолф, во близина на границата со Азербејџан, на околу 600 километри северозападно од главниот град на Иран, Техеран.

На социјалните мрежи се појави и видео од насобрани луѓе кои се молат за здравјето на Раиси.

Сафади: Јордан бара меѓународна истрага за можни воени злосторства во Газа

Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади денеска соопшти дека неговата земја бара меѓународна истрага за наводните бројни воени злосторства извршени за време на војната меѓу Израел и Хамас во Газа.

Сафади, кој денеска во Аман се сретна со шефот на Агенцијата на ОН за помош за палестинските бегалци (УНРВА) Филипe Лазарини, на заедничката прес-конференција рече дека одговорните за документираните злосторства треба да бидат изведени пред лицето на правдата.

Минатиот месец, Советот за човекови права на Обединетите нации усвои резолуција со која Израел се повикува на одговорност за можни воени злосторства и злосторства против човештвото во Појасот Газа.

За резолуцијата гласаа 28 земји, 13 беа воздржани, а шест гласаа против резолуцијата, вклучително и САД и Германија.

Резолуцијата ја нагласува „потребата да се обезбеди одговорност за сите прекршувања на меѓународното хуманитарно право и меѓународното право за заштита на човековите права со цел да се стави крај на неказнивоста“. /МИА

притисни ентер