Штајнмаер: Западен Балкан не смее да остане „сива зона за руско деструктивно влијание“

- После 20 години, 10 земји повторно се во процес на влез во ЕУ. Путин ќе го примени своето деструктивно влијание каде што може. Балканот не смее да остане сива зона за тоа. Земјите од Западен Балкан, Украина припаѓаат на нашиот простор, рече Штајнм

Претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнмаер, претседателот на Чешката Република Петр Павел и чешкиот премиер Петр Фијала на денешната конференција во Прага по повод 20-годишнината од проширувањето на Европска унија повикаа Западен Балкан да не се остава долго да чека пред портите на Унијата бидејќи не смее „да остане сива зона за руското деструктивно влијание“.

- После 20 години, 10 земји повторно се во процес на влез во ЕУ. Путин ќе го примени своето деструктивно влијание каде што може. Балканот не смее да остане сива зона за тоа. Земјите од Западен Балкан, Украина припаѓаат на нашиот простор, рече Штајнмаер.

Германскиот претседател рече дека нападот на Русија не е само врз Украина, туку и врз сите историски лекции што Германија и Чешка и цела Европа ги научиле од двете светски војни.

- Со рускиот напад врз Украина, војната се врати во Европа. Подмолниот напад врз нашиот сосед е истовремено и напад на идејата за мирољубив соседски живот во Европа, кршење на меѓународното право со последици далеку надвор од границите на Украина, кои не засегаат сите нас, рече Штајнмаер.

Германскиот претседател во текот на својот говор неколку пати потенцираше дека ЕУ е историски најголемиот мировен проект кој треба да се брани бидејќи не се подразбира сам по себе и не е неуништлив, пренесе Бета.

- Би го цитирал (поранешниот) чешки претседател Вацлав Хавел во врска со интервенцијата во Косово дека „има моменти кога треба да се каже доста“. Тоа не е само чин на солидарност, туку и на самоодржување. Руската агресија е напад на сите лекции што ги научивме во Германија и Европа од двете светски војни. На тој напад можеме да одговориме на единствен начин – со поддршка на Украина како составен дел на Европа и идна членка на ЕУ“, рече Штајнмаер.

Претседателот на Чешка Петр Павел на конференцијата по повод одбележувањето на две децении Чешка во ЕУ посочи дека безбедноста на ЕУ не почнува од нејзините граници туку многу подалеку и оти е неприфатлива индиферентноста кон соседите на Унијата.

- Имам разбирање за земјите кои стојат пред вратата на ЕУ, нивните амбиции ја докажуваат привлечноста на тој проект. Проширувањето е исто така геополитичка неопходност. Ако ги оставиме Западен Балкан, Украина и Молдавија да стојат пред вратата на ЕУ, ќе ги оставиме на милост и немилост на Русија и на актерите кои не и посакуваат добро на Европа, рече чешкиот претседател.

Чешкиот премиер Петр Фијала, исто така, истакна дека проширувањето со Црна Гора, Србија, Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово е неопходно за безбедноста на континентот и самата ЕУ.

- Да им ја дадеме таа шанса и да ги искористиме можностите што ќе ни ги донесе тоа. Тоа проширување е неопходност за безбедноста на ЕУ. Секоја друга опција е полоша и за нив како и за нас, рече Фијала.

Зборувајќи за клучните достигнувања и придобивки од проширувањето пред две децении за сите членки на ЕУ, не само економски, туку пред се мировни и решавање на проблемите и несогласувањата со постигнување компромис, и претседателот и премиерот на Чешка истакнаа дека Европа сега мора активно да се брани бидејќи не е неуништлива и од надворешни закани, како што е агресивната политика на Русија, и од внатре.

– И внатре во ЕУ има оспорување на основните демократски вредности. Неодговорните популисти го оспоруваат целиот проект на ЕУ. Кругот ѕвезди на знамето на ЕУ ја покажува природата на нашата заедница – сите ние сме поврзани и во исто време слободни. На ЕУ и треба да се брани бидејќи таа сигурно не е неуништлива, како што предупреди во својот говор претседателот Макрон во Сорбона. Опасно е да се однесуваме како тоа што сме го постигнале да е засекогаш сигурно, рече германскиот претседател.

Франк-Валтер Штајнмаер во Прага ги повика Европејците да излезат на европските парламентарни избори и да не дозволат популистите да ја нарушат нивната доверба во институциите и да ги убедат дека најгласните гласови се најважни.

Почина Иван Боески, трејдерот престапник кој стана инспирација за ликот на Гордон Геко

Синоќа на 87-годишна возраст почина Иван Боески, еден од пулените на Волстрит од 1980-те години и архетип за алчен и безмилосен трејдер, инспирација за карактерот на Гордон Геко од познатиот филм на Оливeр Стоун.

За Волстрит оваа деценијa е време на промени и развој, а Иван Боески бил во авангардата на тие промени. Тој купувал акции во обесценети компании по незаконски добиени инсајдерски информации и ги продавал со профит. Бил познат како „корпоративен рејдер“ и многумина од делoвниот свет се плашеле од него.

По серија такви потези тој кон средината на 1980-те заработил над 200 милиони долари (околу 818 милиони во денешен еквивалент), а неговото портфолио вредело три милијарди долари (околу осум милијарди денес), многу од тоа финансирано со позајмени пари.

Деценијата на Волстрит од 1980-те се асоцира и како деценија на алчноста. Трејдерите како Карл Ихан, Ти Боун Пикенс, Џејмс Голдсмит или Саул Стеинберг, покрај Боески или неговиот соперник Мајкл Милкен, станале неверојатно богати преку ангажман на шеми со финансиски инжинеринг и корпоративни упади по што пазарот со акции толку многу се вивнал што претрпел крах во 1987 година.

Во 1985 година американската Комисија за хартии од вредност и тргувања на берзите започнала истрага за инсајдерските тргувања и тоа довело до откривање на незаконските активности на Боески и останатите по што следела закана од долгорочни казни затвор.

Во договор со обвинителите тој се согласил на затвор од три години и да плати 100 милиони долари казна, највисоката сума дотогаш платена за финансиски криминал, но и да стане информатор за финансиската полиција. После тоа Боески ја разоткрил шемата за инсајдерските тргувања на банката Дрексел Бурхам Ламберт и нејзиниот вработен Мајкл Милкен, познат и како „крал на џанк бондовите“. Во подоцнежно судење во 1989 година Милкен е осуден за измами и ракетерство со исплата на парични казни од вкупно 600 милиони долари и десет години робија, која потоа билa намалена на 22 месеци. И на двајцата им биле доживотно одземени лиценците за тргување на берзите.

Милкен инаку беше помилуван од претседателот Доналд Трамп во 2020 година.

Познатиот исказ на Геко од филмот „Волстрит“ на Стоун „алчноста е добра, алчноста е исправна, алчноста работи“ е земен од вистинскиот живот на Боески.

- Патем кажано, алчноста е добра. Мислам дека алчноста е здрава. Можеш да бидеш алчен и се уште да се чувствуваш добро во себе, кажа тој за време на говор одржан 1986 година пред студентите во Универзитет Калифорнија, Беркли, при што беше поздравен со овации.

Боески, чии родители се руски имигранти со еврејско потекло кои поседувале ресторани во Детроит, на 25 годишна возраст се оженил со Сема Силберстин, ќерка на магнат со недижности кој го поседувал „Беверли хилс“ хотелот во Лос Анџелес.

По неговата смрт, брачната двојка добила голем удел во оваа ценета недвижност. Тој не страдал премногу во своите пензионерски години, американските медиуми јавија дека тој станал филантроп и ги помагал бездомните.

Си Џинпинг и го честита на Сиљановска Давкова изборот за претседател

Претседателот на НР Кина Си Џинпинг упати честитка до Гордана Силјановска-Давкова по повод нејзиниот избор за претседател на Република Македонија, пренесува кинеската новинска агенџција Ксинхуа.

Кина и Македонија одржуваат длабоко традиционално пријателство, вели кинескиот претседател во честитката, додавајќи дека во последните години, практичната соработка меѓу двете земји постигна солиден напредок и донесе придобивки за двата народа.

Истакнувајќи дека високо го цени развојот на билатералните односи, Си Џинпинг истакнува дека е „подготвен да работи со својата колешка од Македонија за продлабочување на меѓусебната политичка доверба и проширување на размената и соработката, со цел пријателските односи меѓу Кина и Македонија да се подигнат на ново повисоко ниво“.

Серија од 49 земјотреси во регионот на Неапол, најголем број во последните 40 години

Серија од 49 земјотреси се регистрирани синоќа во близина на Неапол, во јужна Италија, без поголема материјална штета, но предизвикало паника кај населението, соопштија тамошните власти.

Според Националниот институт за геофизика и вулканологија, тоа е најголемата серија земјотреси во последните 40 години.

Земјотрес со јачина од 4,4 степени е регистриран во 20 часот и 10 минути на длабочина од 2,5 километри, соопшти Институтот.

Неколку минути претходно имаше земјотрес со јачина од 3,5 степени по Рихтер, проследен со десетици последователни потреси.

Институтот соопшти дека серијата земјотреси започнале синоќа точно во 19 часот и 51 минута во Флегранските полиња кај Неапол, што е вулканска зона во Италија.

Во таа зона на земјотресот живеат околу половина милион луѓе, а за денеска беше соопштено дека училиштата ќе бидат затворени, додека се отворени прифатните центри и се поставени шатори на неколку паркинзи.

Флегранските полиња, чија ерупција пред 40.000 години влијаеше на климата на планетата, ги загрижува локалните жители и научниците поради обновувањето на нивната активност поради гасовите што ги испушта магмата, што влијае на пукањето на површината на почвата.

Сценариото за катастрофа, односно исфрлање лава, пепел и камења, е малку веројатно, сепак во блиска иднина, велат експертите.

притисни ентер