Шумахер не е човекот кој сите го паметиме, вели водечки италијански неворхирург

Еден од водечките италијански неврохирурзи, Никола Акијари, тврди дека легендата во Формула 1, Михаел Шумахер (51) е „значително различен“, пренесува Дејли Меил.

На 29 декември 2013 година, во скијачка несреќа Шумахер се здоби со тешка повреда на мозокот кога паднал и удрил во карпа додека минувал по необележана патека. Лекарите рекоа дека тој скоро сигурно ќе умрел доколку не носел шлем. Поранешниот возач на Формула 1 потоа беше во индуцирана кома шест месеци. Од 9 септември 2014 година, Шумахер се лекува во неговиот дом на Женевското Езеро. За него се грижи неговата сопруга Корина и децата Џина-Мари (22) и Мик (20).

Шумахер повеќе не е во кома, но хирургот од италијанската клиника во Болоња тврди дека е доста различен од личноста на која светот се сеќава. Семејството на Шумахер ретко зборува за неговото здравје.

Акијари, сепак, верува дека Шумахер повеќе не е човекот кој доминирал во светот на Формула 1 од 1994 до 2004 година. "Мора да замислиме личност која е значително различна од онаа што ја паметиме од трките. Неговиот скелет и мускулатура се многу различни и истрошени". , изјави тој за италијанскиот весник Контро Комотина. „Сето тоа е поради повредата на мозокот “.

Поранешниот менаџер на Формула 1 во Ферари, Жан Тод, минатиот јуни за Радио Монте Карло изјави дека Шумахер напредува добро, но се бори со комуникацијата. Тој исто така рече дека Шумахер може да ги гледа трките во Формула 1 во неговиот дом во Швајцарија.

"Јас сум претпазлив со ваквите изјави, но тоа е вистина. Ние ја гледавме трката заедно во неговиот дом во Швајцарија. Михаел е во најдобри раце, тој не се откажува и сe уште се бори", рече Тод и додаде дека Шумахер не бил во вегетативна состојба.

Францускиот весник „Ле Парисиен“ објави во септември минатата година дека Шумахер бил примен во болница во Париз и бил подложен на антиинфламаторно лекување, кое вклучува перфузија на матични клетки. Медицинскиот персонал што се грижи за Германецот изјави дека е свесен.

Поранешниот менаџер на возачот на Формула 1, Михаел Шумахер Вилхелм „Вилијам“ Вебер тврди дека сопругата на Шумахер, Корина, ја крие вистината за здравјето на легендата. На Вебер, пријател на Шумахер и поранешен менаџер му е забрането да го посети 50-годишниот Германец, а тој тврди дека ситуацијата не е како што изгледа и дека сопругата на возачот се грижи дека „вистината“ ќе излезе на виделина. "

Шумахер не е виден во јавноста од несреќата.

Костадиновска-Стојчевска: Музеите имаат заштитничка улога за нашата култура

Музеите имаат заштитничка улога за нашата историја, култура и идентитет.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на сите музејски работници им го честита Меѓународниот ден на музеите - 18 Maj за кои вели дека се огледало на минатото и на нашето културно наследство.

- На 18 Mај, Меѓународниот ден на музеите ја нагласуваме нивната заштитничка улога на историјата, културата и македонскиот идентитет. Музеите се инспирација за креативност, истражување и критика, уникатни локации за интерпретација на уметноста, археологијата и науката. Со честитката до сите музејски работници ја нагласувам нивната посветеност во заштита на дејноста и придонесот за едукација на младите генерации во справувањето со комплексните општествени предизвици, се вели во честитката.

Министерката за култура посочува дека денеска ја подигаме свеста и го насочуваме вниманието кон важноста на музејските институции со отворање на нивните врати за граѓаните.

Таа потенцира дека Министерството за култура поддржува голем број проекти на музеите во остварување на заедничката цел за достојно почитување и вреднување на културата и културното наследство.

„Музеи за едукација и истражување“ е мотото под кое денеска се одбележува Меѓународниот ден на музеите - 18 Мај, датум кој музејските институции низ светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.

На овој ден, музеите во земјава традиционално ги отворат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите кои можат да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно богатство.

Меѓународниот ден на музеите традиционално се одбележува секоја година на 18 мај со цел промоција на значењето на музејските институции во современото општество. Денот посветен на музеите е утврден од Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ (ICOM – International Council Of Museums) со седиште во Париз.

„Генералка викенд“ во Карпош

Предвидено е за секои 10 килограми отпад Министерството за земјоделство да донира по едно дрво во својот годишен план.

Општина Карпош и оваа година се придружи на националната еко акција, „Генералка викенд“, во која се спроведе активно чистење на територијата на цел Карпош. Акцијата е во организација на „Мен енд маунтен“, а целта беше да се собере што е можно повеќе отпад, кој потоа ќе се однесе до најблиската ПАКОМАК, Нула отпад или локалната комунална станица.

Предвидено е за секои 10 килограми отпад Министерството за земјоделство да донира по едно дрво во својот годишен план за пошумување нови шуми наречени „СОНЧЕВА ГОРА“ – национални зелени споменици што ќе растат секоја година.

-Во моментов се случува пролетна акција за чистење на Општина Карпош, и сите вработени во Општината се вклучени низ целата територија на истата. Се собира и најмалото хартивче, иако со задоволство можам да истакнам дека нашата Општина е една од најчистите општини. Среќни сме што имаме поддршка и од најмалите, оние кои несомнено треба да се грижат за хигиената и природата. Од она што на терен сега собираме најголем дел се најлончиња од опаковки од цигари, пикавци, запалки, што значи дека пушачите се најнеодговорната група кои се жители на Општина Карпош или кои поминуваат низ оваа Општина. Би сакал да упатам апел до нив, секое хартивче да се стави во џеб и да се фрли во најблиската корпа, рече градоначалникот Стевчо Јакимовски.

Во текот на вчерашниот ден, најмалите излегоа и ги исчистија дворовите на своите градинки, а повозрасните деца, дворовите на училиштата. Денеска се вклучи целата администрација, вработените кои се задолжени за хигиената, како и дел од волонтерите на Црвениот крст на РСМ.

Оваа година, акцијата „Генералка Викенд” се спроведува во 81 општина и во повеќе од 400 училишта низ државата, вклучително и во Град Скопје.

Акцијата за чистење е една од активностите што се спроведуваат за да се подигне јавната свест за потребата од собирање и рециклирање на отпадот и позитивно влијание врз зачувувањето на животната средина. Еко акцијата ја поддржуваат општествено одговорни фирми како Пакомак, Пивара –Скопје, Шпаркасе Банка и Нула Отпад, , Министерството за животна средина и Министерството за земјоделство, Костал, ЕВН, Макстил, Бучим, Бимилк и Црвен крст.

Реконструкција на водоводната мрежа во населбата Стопански двор

Како што информира Град Скопје, со реконструкцијата на водоводната мрежа двојно се зголемува профилот кон краците 1 и 2 на улицата број „1“, во насока кон патот за Економија до станбената улица број 24.

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, заедно со претставници од Секторот за планирање и уредување при Град Скопје и Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ извршија увид на работите за реконструкција на водоводната мрежа на улицата број „1“, во скопската населба Стопански двор, во општината Ѓорче Петров.

Како што информира Град Скопје, со реконструкцијата на водоводната мрежа двојно се зголемува профилот кон краците 1 и 2 на улицата број „1“, во насока кон патот за Економија до станбената улица број 24.

- Со реализација на оваа реконструкција се создадаваат услови за поквалитетно водоснабдување на жителите кој што живеат во поширокото подрачје на оваа скопска населба. Град Скопје и Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ по реализација на оваа реконструкција продолжува со проектите за реконструкција на постојната водоводна и канализациона мрежа во Волково, стои во соопштението.

Изведбата на овој проект претставува дел од програмата „За модерно Скопје“ за обновување на градската водоводна мрежа во, како што се наведува, децениски заборавените населени места, што претставуваше и долгогодишно барање на жителите од тој дел на градот.

притисни ентер