Швајцарски олимпиец настрада од сопствената боб санка

Швајцарскиот боб возач Сандро Мишел бил подложен на итна операција на колкот и бутот, откако беше прегазен од сопствениот боб на тренинг сесија за Светското првенство во Алтенберг, Германија.

Swiss Sliding во денешното соопштение рече дека Мишел, кој исто така имал повреди на градниот кош, е стабилен откако со хеликоптер бил пренесен во Универзитетската болница во Дрезден на операција во текот на ноќта. Пријавиле дека 27-годишникот вчера на тренинзите испаднал од бобот со четири седишта управуван од Мајкл Фогт и останал да лежи на патеката по превртувањето.

Бобот тежок 210 килограми потоа неконтролирано се лизнал наназад од целта и го прегазил кочничарот, кој последен скокнал до стартот и е одговорен и за управување со сопирачката на целта. Вогт се здобил со тежок потрес на мозокот и модринки во несреќата, додека другите туркачи Доминик Хафшмид и Андреас Хас биле полесно повредени.

Фогт и Мишел завршиле четврти во боб двосед на Олимпијадата во Пекинг 2022. „Федерацијата им остави на другите швајцарски тимови во Алтенберг да одлучат дали сакаат да учествуваат на денешните преостанати тренинзи и викенд трки или не.“ додадено е во објавата.

„Макпетрол“ го освои 50 медал на најсилните карате натпреварувања

Пласманот на Стефан Стојановиќ на првата позиција на Светската младинска лига во Венеција е јубилеј за карате клубот „Макпетрол“. 

За скопската екипа ова е успех од особено значење затоа што е 50 одличје освоено на најсилните натпреварувања организирани од Светската карате федерација (WKF). Овие медали се од највисоко рангирани натпревари: светски златни лиги, светски премиер карате лиги, светски купови за млади и светски премиер лиги, серија А. натпревари.

Во витрините на карате клубот „Макпетрол“ досега има 11 златни, 13 сребрени и 26 бронзени медали. Импозантните статистики со право го ставаат овој спортски колектив како историски најтрофеен и најуспешен македонски карате-клуб. Ако на тоа се додадат седум освоени медали од официјални светски шампионати и 18 медали од Светските универзитетски првенства, тогаш скопската екипа има вкупно 75 одличја со префиксот „светски“.

Натпреварувачката 2024 година за „Макпетрол“ беше успешна. Круна е освоениот златен медал на каратистот Стефан Стојановиќ, на Светската карате лига во Венеција. Претходно тој во Пореч на Светската младинска лига беше финалист и освои сребрен медал, а на Официјалното Светско првенство во Венеција, освои бронзен медал. Континуитетот на освојување медали на светски натпревари придонесоа тој да биде најуспешен млад спортист на Македонија за 2024 година. Во сениорска конкуренција Петар Заборски освои бронзен медал во Атина, на Светската 1 Премиер карате лига серија А, а тоа придонесе бројот на освоени медали од овој тип на натпревари оваа година да се заокружи и да стане историски.

Парламентарни и претседателски избори во Гана

Во Гана денеска се одржуваат претседателски и парламентарни избори, а гласачките места се отворени од 7 часот наутро.

Претседателот на Гана, Нана Акуфо-Адо ќе се повлече од функцијата следниот месец, откако имаше два мандати според Уставот.

Во изборната трка се 12 кандидати, но најмногу вниманието е насочено кон ривалите, потпретседателот Махамуду Бавумија, кој е поддржан од Новата патриотска партијана Акуфо-Адо, и поранешниот претседател Џон Драми Махама од Националната демократска партија./МИА

Црвено предупредување во Велика Британија, милиони луѓе повикани да останат во своите домови

Црвеното предупредување за „опасност по живот“ беше издадено за поголемиот дел од Велс и делови од југозападна Англија, бидејќи Дара, четвртата бура во сезоната, стигна до Велика Британија, откако претходно ја зафати Ирска.

Владата испрати СМС порака до околу три милиони луѓе, предупредувајќи ги за претстојните бури и советувајќи ги „да останат во своите домови ако е можно“, нагласувајќи дека не е безбедно да се вози во услови на невреме, објави рано изутринава „Скај њуз“, а црвеното предупредувањето ќе трае до 11 часот.

Лондонската полиција соопшти дека бурата Дара може да донесе брзина на ветерот до 145 километри на час.

Црвеното предупредување е едно од деветте предупредувања кои се во сила викендов, вклучително и две портокалови предупредувања за ветер.

Предупредувањето за ветер важи речиси за цела Велика Британија, а ќе биде во сила до утре наутро.

Бурата Дара веќе предизвика големи проблеми во снабдувањето со електрична енергија, пишува „Гардијан“.

Според извештаите од Националната мрежа, повеќе од 12.600 домаќинства во централна и југозападна Англија, како и повеќе од 20.000 домаќинства во Велс, останале без струја.

Исто така, на веб-страницата на Електродистрибуција на Северна Ирска, се наведува дека тие во моментов не можат да проценат кога би можело да продолжи снабдувањето со електрична енергија./МИА

притисни ентер