Швеѓанец возел Тесла и заспал- се разбудил по поминати 40 километри

Сцените за кои најмногу се зборува во Америка пристигнаа и на европските патишта.

На шведската полиција ѝ биле потребни цели 40 километри за да го разбуди возачот кој заспал зад воланот на Тесла. Неименуваниот возач на Model X бил забележан од друг возач на Tesla, кој се посомневал дека го видел автомобилот Tesla како забрзано вози на левата сообраќајна лента, без вклучен трепкач кога требало да престигне друго возило.

Кога го стигнале, виделе дека возачот спие зад воланот. Тој повикал полиција, а патролата пристигнала за рекордно време. Меѓутоа, полицајците не знаеле како да го разбудат возачот. Тие не можеле да го турнат или управуваат автомобилот, но на крајот возачот сам се разбудил. Тој бил толку исплашен што го поместил воланот и за малку ќе удрил во полициското возило, пренесува Вигибаларе.

За среќа, не дошло до несреќа, а возачот на Тесла подоцна објаснил дека го обзел замор: „Крајно ми е срам, тоа беше поради исцрпеност“, ѝ изјавил тој на полицијата при сослушувањето. „Имав Тесла со автопилот што го направи возењето многу удобно“.

Човекот е обвинет и осуден за несовесно возење. Тој изјавил дека не спиел претходната ноќ и дека бил под стрес бидејќи морал да го достави автомобилот на работа.

За потсетување, користењето на Autopilot бара трезен возач кој мора да го следи сообраќајот и да ги држи рацете на воланот. Секое користење на тегови е строго забрането.

Зеленски: Русија нема сила повторно да го нападне Киев

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во интервју за Агенцијата Франс прес (АФП) изјави дека не верува оти Русија има сила повторно да го нападне Киев.

Тие немаат сила за голема офанзива против главниот град, како што имаа на почетокот на инвазијата, посочи Зеленски додавајќи оти главни цели на Кремљ се Харков и Донбас.

Тој ги обвини западните земји што му забраниле да ја нападне Русија со нивното оружје.

Тие (Русите) можат да не нападнат на наша територија, тоа е најголемата предност што ја има Русија, но ние не можеме да направиме ништо со западното оружје на нивните вооружени системи лоцирани на руска територија. Немаме право, наведе Зеленски.

Според него, Западот се плаши и од руски и од украински пораз и оваа ситуација ја нарече апсурдна.

Ние сме во апсурдна ситуација кога Западот се плаши дека Русија ќе ја изгуби војната. А во исто време тие не сакаат Украина да ја изгуби. Затоа што конечната победа на Украина ќе доведе до пораз на Русија и конечна победата на Русија ќе доведе до пораз на Украина, истакна Зеленски.

Украинскиот претседател во интервјуто се осврна и на тоа со колкава воена опрема располага Украина. Тој истакна дека Украина бара од 120 до 130 авиони ловци Ф-16 за да може да го одбрани небото од 300 руски авиони.

Ни треба толкав број на Ф-16 за да имаме рамнотежа на силите. Украина има само една четвртина од системите за противвоздушна одбрана што и се потребни и има потреба од 120 до 130 ловци Ф-16 за да се стави крај на доминацијата на Русија во воздухот, потенцира Зеленски. /МИА

Изложбата „Пикасо, можеби јас“ на Фидановски гостува во Вараждин

 Уметникот Филип Фидановски ќе ја претстави својата изложба „Пикасо, можеби јас“ во Вараждин, во организација на Друштвото на керамичари на Хрватска.

Оваа изложба на Фидановски досега беше поставена во Скопје, Кичево, Охрид, Битола и Куманово, а за гостувањето во Хрватска е надополнета со нови дела на авторот изработени во 2024 година.

-Хрватската јавност ќе има можност да погледне 13 керамички скулптури инспирирани од делата на големиот Пабло Пикасо, наведува Фидановски за изложбата во Вараждин каде што ќе биде отворена до 5 јуни 2024.

Изложбата се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија и ќе ја отвори македонскиот амбасадор во Хрватска, Милаим Фетаи. /МИА

Младите и пчеларството во фокусот на одбележувањето на Светскиот ден на пчелата

Светскиот ден на пчелата - 20 Мај годинава ќе биде одбележан под темата „Младите ангажирани во заштита на пчелите“. 

Одбележувањето на Светскиот ден на пчелата ќе се одржи на плоштадот „Филип Втори“ во населба Автокоманда и на платото пред Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, во чиј круг се наоѓа и „Паркот на пчелата“, кој е во фаза на изградба.

Организатори се хуманитарната и развојна организација АДРА Македонија, со финансиска подршка од Амбасадата на Република Словенија и со поддршка од општината Гази Баба и Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, заедно со децата од градинките на територија на општината и студентите од факултетот.

- „Младите ангажирани во заштита на пчелите“ ја истакнува важноста од вклучување на младите во активности за промовирање на пчелите и пчеларството, и воопшто, во зачувување на опрашувачите, препознавајќи ги како идни чувари на нашата животна средина. Истовремено, ја нагласува глобалната потреба од соработка за ангажирање на младите во заштитата на овие инсекти од витално значење. Со тоа ја штитиме безбедноста на храната и овозможуваме стабилен земјоделскиот сектор и се бориме за зачувување на биолошката разновидност, се вели во соопштението од АДРА Македонија.

Предвидена е богата програма во која акцент е ставен на учеството на младите, ќе биде проверено нивното знаење за пчелите и пчелните производи, ќе биде одржана ликовна колонија на теми посветени на пчелите, ќе бидат засадени медоносни растенија во „Паркот на пчелата“. Ќе бидат поставени богати штандови со пчелни производи, сѐ со цел пошироката јавност да се запознае со огромната улога што ја имаат медоносните пчели во опрашувањето на растенијата, како и во производството на пчелните производи.

Меѓународниот ден на пчелата се слави на 20 мај, роденденот на Словенецот Антон Јанша, основоположникот на модерното пчеларство (1734-1773). Предлогот на Словенија за воведување на Меѓународен ден на пчелата бил едногласно прифатен на Генералното собрание на ООН на 20 декември 2017 година.

Со одбележувањето на Светскиот ден на пчелата, АДРА Македонија со своите партнери се приклучуваат кон кампањата за заштита на автохтоната македонска медоносна пчела (Apis mellifera macedonica), која здружението Македонска пчела (MacBee) ја започна пред неколку години под слоганот „Одгледувам македоника, одгледувам наше“. /МИА

притисни ентер