Скандал без преседан: Индијците им покажале на Американците руска подморница?

Москва се сомнева дека индиските власти им одобриле на претставниците на морнарицата на САД пристап до руската нуклеарна подморница која е во составот на индиската морнарица.

Танјуг наведува дека станува збор за “скандал без преседан“.

Инцидентот според наводите на „Комерсант“, се заканува сериозно да ги закомплицира преговорите за втората нуклеарна подморница и останатите проекти во областа на воено-техничката соработка меѓу двете земји.

Тоа за рускиот весник го потврдиле неколку извори во руските државни структури наведувајќи дека индиските партнери неодамна направиле неколку “непријателски акти спрема Русија“, пренесува „Тасс“.

Првиот таков потег, како што се наведува, се случил кога делегација на морнарицата на САД го посетила носачот на авиони Викрамадитија (во сопственост на индиската морнарица) поради што руските официјални претставници упатиле протесна нота.

После некое време, како што изјавил висок воен извор за „Комерсант“, американска делегација ја посетила подморницата „Чакра“.

Според извори на весникот, специјализирани руски структури им подготвуваат одговор на своите индиски партнери.

„Во тек се многу тешки разговори, имаме многу прашања“ – навел еден извор.

Весникот пишува и дека во текот на претстојната посета на заменикот на рускиот премиер Дмитри Рогозин на Индија во декември, покрај претходно најавените договори за руското оружје, тема ќе бидат и овие инциденти.

Нуклеарната подморница INS Чакра (Проект 971) во составот на индиската подморница е од 2011 година.

Кливленд го оствари најголемиот камбек во „мајсторка“ од НБА плејофот по 1997 година

 Екипата на Кливленд кавалирс имаше негатива од 18 поени во првото полувреме од седмиот натпревар од нивната плејоф серија со Орландо меџик.

Кливленд губеше 31:49 на 4 минути до крајот на втората четвртина, но успеа да ја надмине негативата и да го добие натпреварот со резултат 106:94.

Кавалирс го направија најголемото враќање во седми натпревар од плејоф серија на најсилната кошаркарска лига на светот по 1997 година.

Тимот предводен од тренерот Џеј Би Бикерстаф се пласираше во второто коло од плејофот за прв пат од 2019 година.

Во четвртфиналето од разигрувањето за шампионскиот трофеј, ривал на Кливленд ќе биде тимот на Бостон селтикс.

Битиќи: Во среда да гласаме и да избереме заедништво и соживот!

Ви се обраќам со длабоко чувство за важноста на двојните избори во среда. Државата ни е на крстопат, одлуката која ќе ја донесеме ќе ја обликува судбината на Македонија во годините што доаѓаат. 

„Ви се обраќам со длабоко чувство за важноста на двојните избори во среда. Државата ни е на крстопат, одлуката која ќе ја донесеме ќе ја обликува судбината на Македонија во годините што доаѓаат. Вашиот глас нема да биде само исполнување на граѓанска должност, туку и влог во наследството кое ќе го оставиме“, вели во видео обраќање Фатмир Битиќи потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во изборна единица 2.

Тој истакнува дека секој глас е скапоцен, притоа посочувајќи дека избори може да се добијат или изгубат со мали разлики, но со големи последици.

„Затоа секој од вас е важен за да продолжиме по нашиот пат кон Европската унија.

Да не дозволиме да отстапиме од тоа што седум години го градиме заедно и внимателно. Вашата желба за европски стандард и квалитет на живот е најважна, а тоа може да го исполниме со заокружување на бројот 1“, вели Битиќи.

Потпретседателот на СДСМ и кандидат за пратеник, Битиќи потсетува дека пред седум години излеговме од сенките на поделеноста и заробената држава, притоа предупредувајќи дека национализмот и изолацијата повторно демнат, како што тој вели, на нашиот праг.

„Тоа не треба да не' плаши бидејќи ние ја имаме моќта да одлучуваме за нашата судбина.

Секој од нас сноси одговорност, никој не е изоставен. Без разлика дали сте земјоделци, учители, доктори или студенти - вашиот глас е важен. Затоа на 8-ми мај излезете на гласачките места и дадете го својот глас за СДСМ и Коалицијата за европска иднина, изберете го напредокот, оставете зад себе наследство на напредок, единство во различностите и просперитет“, порачува Фатмир Битиќи, ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во изборна единица 2.

Пахор: Се подготвувам многу за функцијата специјален пратеник за дијалог Белград - Приштина

 Се подготвувам многу внимателно за функцијата специјален пратеник за дијалог меѓу Белград и Приштина.

-Поранешниот претседател на Словенија, Борут Пахор, најави дека неговиот кабинет и Министерството за надворешни работи во Брисел најверојатно следната недела ќе ја достават неговата кандидатура за специјален пратеник за дијалог меѓу Белград и Приштина, јави дописникот на МИА од Белград.

Во интервју за РТВ Словенија, Пахор изјави дека има голем број идеи како да се освежи или заживее дијалогот меѓу Белград и Приштина, кој моментално е во застој. Смета дека Словенија, како и тој, имаат статус на „еден чесен посредник“.

Пахор рече дека за можната функција се подготвува „многу внимателно и одговорно“ и додаде дека многу му значи поддршката што ја ужива во Словенија.

За време на меѓународната конференција за Западен Балкан минатиот месец, поранешниот претседател на Словенија повторно изрази желба да ја преземе оваа позиција, а беше поддржан и од премиерот Роберт Голоб.

Пахор неодамна објави дека работи на нацртот за продолжување на дијалогот и координацијата со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, земјите-членки на ЕУ и земјите од Квинта, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Франција, Италија и Германија.

Специјалниот пратеник за дијалог меѓу Белград и Приштина го именува високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, но конечната одлука ја носат лидерите на ЕУ.

Специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, по завршувањето на неговиот мандат на крајот на август ќе биде именуван за амбасадор на ЕУ во Швајцарија.

притисни ентер