Сончево и релативно топло

 Времето денеска ќе биде сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец. 

Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени Целзиусови.

Во Скопје ќе биде сончево и релативно топло со мала облачност и со слаб североисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 26 степени.

Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), следува период на сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Локална појава на попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи се очекува кон средината на следната седмица.

Џоана: НАТО не планира да испраќа трупи во Украина

Заменик генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана, изјави дека Алијансата не планира да испрати војници во Украина.

„На ниво на НАТО, каде што одлуките се носат со консензус, во моментов немаме ниту планови, ниту политичка намера да распоредиме сили на НАТО во Украина“, рече тој на презентација на книга, пренесува Диги24.

Според него, НАТО се уште е заинтересиран да ја поддржи Украина, како и да обезбеди конфликтот да не прерасне во конфронтација со Русија.

Запрашан за „сопствените црвени линии“, по преминувањето на кои НАТО треба да интервенира во конфликтот, тој одговори дека „не се работи за кршење на црвените линии, туку за еволуција на динамиката на оваа војна“.

Тој изјави дека не знае колку долго ќе трае конфликтот, но, вели, „едно е јасно, оваа војна ќе продолжи“.

„Од двете страни има мобилизација на човечки, материјални, економски и логистички ресурси и во овој момент сите укажуваат дека војната ќе се пролонгира“, рече Џоана.

Заменик генералниот секретар на НАТО заклучи дека Западот учи од овој конфликт и ја сфаќа потребата да инвестира во одбранбениот сектор.

Претходно, францускиот претседател Емануел Макрон, во видео, одговарајќи на прашања на корисниците на социјалните мрежи, рече дека Европа мора да биде подготвена да ја ограничи Русија доколку Москва „претера“ во конфликтот во Украина.

Тој исто така нагласи дека „со сите сили се надева“ дека Париз нема да мора да се впушта во непријателства.

Британците им доделија „кафеави знамиња“ на најнечистите плажи во земјата

Објавена е листа на највалкани плажи во Велика Британија, а меѓу нив се и неколку популарни крајбрежни места.

Овие плажи ја добија наградата „кафеаво знаме“, што значи дека на брегот ќе има знамиња со емотикон со фекалии за да ги предупредат туристите, пренесува британски Мирор.

Тие плажи се оценети како „лоши“ од британската агенција за животна средина поради бактериите како ешерихија коли од отпадните води и другиот отпад.

Плажата Портлуни во Корнвол е прогласена за една од највалканите во Англија, и покрај тоа што Корнвол е четвртата најчиста област во Англија за летно пливање.

Дорсет, Девон и Сафолк имаат најголем процент на плажи со одличен рејтинг кога станува збор за чистотата на водата.

Ланкашир во северозападниот дел на Англија е на дното на листата бидејќи ниту едно од 10-те места за капење не постигнале три ѕвезди за чистота.

Катастрофа во Авганистан: Во поплавите загинаа над 300 луѓе, прогласена вонредна состојба

Повеќе од 300 луѓе загинаа во поројните поплави кои зафатија неколку провинции во Авганистан, а многумина се уште се водат како исчезнати, соопшти Светската програма за храна на ОН.

Властите прогласија вонредна состојба откако обилните дождови во петокот предизвикаа поројни поплави кои зафатија села и обработливо земјиште во неколку провинции.

Во тек е операција за пребарување и спасување, а некои области се целосно отсечени, пишува Гардијан.

Северната провинција Баглан е една од најтешко погодените, со повеќе од 300 загинати и илјадници куќи уништени или оштетени, според Светската програма за храна.

Околу 20 лица загинале во северната провинција Тахар, а две во соседен Бадакшан.

Портпаролот на талибанската влада Забихула Муџахид на мрежата Х напиша дека стотици луѓе загинале во поплавите, а многу станбени згради се оштетени.

Воздухопловните сили соопштија дека евакуацијата започнала по подобрувањето на временските услови, додавајќи дека повеќе од 100 повредени лица се пренесени во болници.

Започнала и дистрибуцијата на храна и лекови за населението во подрачјата погодени од поплавите.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ја изразува својата солидарност со народот на Авганистан и изразува сочувство до семејствата на жртвите, изјави неговиот портпарол Стефан Дужарик.

Тој изјави дека ОН соработуваат со локалните власти за давање помош.

Од средината на април, поплавите ги однесоа животите на околу 100 луѓе во 10 авганистански провинции.

притисни ентер