Доколку во Влада влезе коалицијата „Вреди“, тоа ќе ги разгневи сите Албанци кои ценат дека нивните гласови ќе бидат ништовни и потоа ќе бараат дополнителен механизам за заштита- ова е ставот на потпретседателот на ДУИ Бујар Османи за владина коалиција без нив. Во „Само интервју“ на Канал 5 рече дека Европскиот фронт ја претставувал мнозинската волја на Албанците, а другиот блок кој добил помалку гласови на изборите биле нелегитимни и тоа било еднакво како Албанците воопшто да не се во Влада, па затоа нема да се помират со намерата на Мицкоски да коалицира со Вреди. Сепак, Османи, не кажа кои ќе бидат нивните следни чекори.
-ДУИ е во постојано заседание, емоциите кај албанскиот народ се веќе вжештени и ние повеќе се обидуваме да менаџираме и да контролираме…
.... Ќе сметаат дека Охридскиот рамковен договор не ги заштитува, не го заштитува нивниот глас, нивниот глас се игнорира, е ништовен за државата и дека ќе бараат дополнителен механизам за заштита. Таквото лицитирање ќе биде од еден во друг екстрем.- Бујар Османи – потпретседател на ДУИ
ДУИ коалицираа со партии од другите заедници и заедно со нив добија 50 илјади гласови повеќе, а „Вреди“ го забетонира легитимитетот на Албанците и затоа треба да се помират дека одат во опозиција, одговорија од спротивниот табор. Според коалицијата на Меџити, Касами, Гаши и Таравари, реториката на Османи за етничките прашања нема да им помогне на ДУИ.
-Знаеме дека им е тешко и се плашат па затоа почнаа „да плачат“ предвреме ама тоа е тоа, треба да се помират со судбината дека после 22 години на власт треба да одат во опозиција. Срушија се што имаа пред себе за овие 22 години и затоа на сите им стана доста од нив. Со тоа што се закануваат по стабилноста на државата, алудирајќи на меѓуетнички конфликти, тоа може да им донесе лошо само на самите нив. Затоа ги советуваме како луѓе кои се долго во опозиција, да внимаваат која реторика ја употребуваат, затоа што никој веќе не им се плаши. - Коалиција „Вреди“
Во меѓувреме продолжуваат преговорите на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ на ниво на работни групи, а очекувањата се договор за влада да има уште на почетокот на јуни. Шпекулациите дека едно од главните барања на албанската коалиција е позицијата претседател на Собранието, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, не ги коментираше..
-Со нашите потенцијални коалициони партнери сакаме да имаме партнерски однос, никој не треба од овој процес да излезе понижен. Никој во животот не треба да е понижен од другиот. Асиметрични договори не се добри, очекуваме договорите да бидат на задоволство на двете страни коишто преговараат и договараат и ценам дека во тој дух досега се одвиваат разговорите. - Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ
Мицкоски вчера соопшти дека неговата коалиција „Твоја Македонија“ без другите партии самостојно веќе стигнала до 61 пратеник, но не откри кои се тројцата пратеници кои се приклучиле во нивниот табор. Тој најскоро очекува да биде консолидирана цела владина коалиција, со која верува дека ќе го надмине бројот од 80 пратеници кои формираат двотретинско мнозинство во Собрание.