Столтенберг ненајавено пристигна во Украина: Не го исполнивме ветувањето, оружјето ќе пристигне

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска за време на ненајавената посета на Украина изјави дека земјите членки на таа алијанса не ги исполниле ветувањата за воена помош за Киев во последните месеци.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска за време на ненајавената посета на Украина изјави дека земјите членки на таа алијанса не ги исполниле ветувањата за воена помош за Киев во последните месеци, но вети дека сега ќе се зголемат испораките на оружје и муниција.

„Ќе бидам многу искрен со претседателот Зеленски и во парламентот и ќе кажам дека сојузниците во НАТО не го исполнија она што го ветивме во последните месеци. САД потрошија шест месеци за да се договорат за пакетот, а европските сојузници не ја доставија муницијата што ја ветивме Но, сега сум убеден дека тие ќе ги променат работите“, рече тој во возот со кој отиде во Киев.

Тој рече дека очекува други „нови обврски“.

„Тоа ќе направи разлика - исто како што недостатокот на поддршка направи разлика“, рече тој, алудирајќи на неуспесите на Украина на бојното поле, според Ројтерс.

Тој исто така изјави дека „Русите платиле висока цена за маргинална територијална придобивка“ и оцени дека Украина сепак може да ги „сврти работите“.

„Не е доцна Украина да надвладее и затоа е толку итно сојузниците од НАТО да го сторат она што го ветивме и да ги претворат тие обврски во вистински испораки на оружје и муниција“, рече тој.

Столтенберг се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а треба да се обрати и во парламентот.

Ова е негова трета посета на Украина од почетокот на војната.

Фестивалот „Прво па женско“ почнува со претставата „Свет без жени“

Со претставата „Свет без жени“, на Академската сцена на Факултетот за драмски уметности вечер почнува дванаесеттото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“.

Како што информираат од Тиииит! Инк., по изведбата на претставата, во рамки на дискурзивната платформа на Локомотива и Тиииит! Инк. - „Дијалогот што недостасува“, ќе следува разговор со авторките модериран од Калиа Димитрова од феминистичката платформа „Медуза“.

Претставата „Свет без жени“ на авторките Олга Димитријевиќ и Маја Пелевиќ ја освои наградата од публиката на Фестивалот „Битеф“ во 2022 година.

-Жените и работата - тоа е главниот мотив на проектот „Свет без жени“. Авторките тргнуваат од истражувањето за структурните нееднаквости во театарот во Србија: родова нееднаквост, нееднаквост во плати, нормализирано насилство, репродукција на патријархални капиталистички матрици. Истражувањето ги отвора прашањата: кој има право на работа, под кои услови и колку треба да биде/ат платен/а/и? Претставата ги пропрашува размерите на ангажираната уметност денес и љубовта (кон уметноста) како најподмолен извор на социјална репресија, соопштија организаторите на фестивалот.

Претставата ќе биде изведена како соработка меѓу Центарот за иновација во уметноста и културата „Локомотива“ и организацијата за промоција на женската активност „Тиииит! Инк.“ и нивните фестивали Перформанс платформа фестивал и „Прво па женско #12“.

Сиљановска Давкова ќе ги прими поглаварите и претставниците на верските заедници

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ќе ги прими поглаварите и претставниците на верските заедници наведени во Уставот.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ќе ги прими поглаварите и претставниците на верските заедници наведени во Уставот: поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија г.г. Стефан, поглаварот на Исламската Верска Заедница, Реис ул Улема Хаџи Шаќир ефенди Фетаи, поглаварот на Католичката црква, Скопски бискуп и епарх струмичко – скопски, Киро Стојанов, претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев, претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, како и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.

Сиљановска Давкова беше инаугурирана на 12 мај во македонското Собрание, каде даде свечена изјава пред Собранието по што започна да тече нејзиниот петгодишен мандат како шеф на државата. Сиљановска Давкова е шести претседател од осамостојувањето на државата и прва жена избрана на оваа позиција.

Администрацијата на Бајден ангажирана е на евакуација на американските лекари од Појасот Газа

Администрацијата на претседателот на САД, Џо Бајден е ангажирана во евакуацијата на американски лекари од Појасот Газа, изјави синоќа портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.

Група американски лекари од Палестинската американска медицинска асоцијација претходно за „Вашингтон пост“ потврдија дека се блокирани во Газа откако Израел го затвори граничниот премин Рафа.

Внимателно ја следиме ситуацијата и работиме да ги извлечеме американските граѓани од Газа, истакна Жан-Пјер, додавајќи оти за тоа се разговара со Израел.

притисни ентер