Суспендиран претседателот на Судот на БиХ, кој беше уапсен поради злоупотреба на положба

Првостепената дисциплинска комисија на Високиот судски и обвинителски совет (ВССК) денеска го суспендираше претседателот на Судот на Босна и Херцеговина, Ранко Дебевац, кој пред два дена беше уапсен поради злоупотреба на службената положба.

Главниот државен обвинител Миланко Кајганиќ вчера соопшти дека Дебевец и уапсениот поранешен директор на Агенцијата за разузнавање и безбедност на Босна и Херцеговина (ОБА) се обвинети за незаконско прислушување на судии од Судот на Босна и Херцеговина и службеници на Обвинителството на Босна и Херцеговина во 2020 година.

Тој најави дека Обвинителството ќе бара едномесечен притвор.

До утрово ниту Дебевец, ниту Мехмедагиќ не беа сослушани во Обвинителството на БиХ.

Дебевец и Мехмедагиќ во понеделникот беа уапсени од членови на Агенцијата за истрага и заштита на БиХ (СИПА), како и Васвија Видовиќ, адвокатка на донеодамнешниот претседател на Судот на Босна и Херцеговина, која се товари за попречување на истрагата.

Во Србија продолжува парламентарна расправа, се чека гласање за новата влада

Српскиот парламент претпладнево ќе ја продолжи првата вонредна седница на која единствена точка на дневен ред е избор на Влада и давање заклетва на претседателот и членовите. 

Се очекува дискусијата да продолжи, по што пратениците треба да гласаат, јавија српските медиуми.

Продолжението на првата вонредна седница на Националното собрание во актуелното свикување е закажано за девет часот. На седницата, која почна вчера, излагање поднесе претставникот за состав на новата Влада Милош Вучевиќ.

Во тричасовното обраќање пред пратениците, меѓу другото, тој истакна дека владата што ја предлага ќе биде влада на континуитет во најголема мера, како и дека полноправното членство во ЕУ останува стратешки приоритет на Србија. Тој наведе и дека најголемиот предизвик на новиот кабинет ќе биде одбраната на суверенитетот, ќе се предложи задолжителен воен рок од четири месеци. Вучевиќ порача дека членовите на Владата мора да бидат тим, дека секогаш мора да бидат подготвени да ги штитат националните и виталните интереси на Србија, а неговото прво и единствено барање е несомнената лојалност кон татковината. На Собранието му предложи 31 член на кабинетот, меѓу кои има осум нови личности. /МИА

Земјотрес од четири степени во поширокото подрачје на Лос Анџелес

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер синоќа го погоди поширокото подрачје на Лос Анџелес, соопшти Сеизмолошкиот институт на САД.

Земјотресот се случил во областа Корона, во близина на Лос Анџелес, објави Фокс.

Земјотресот бил почувствуван во пошироката област, западно до Лос Анџелес, Лонг Бич, округот Оринџ и Санта Кларита./МИА

Колумбија најави прекин на дипломатските односи со Израел поради војната во Газа

Колумбискиот претседател Густаво Петро изјави синоќа дека ќе ги прекине дипломатските односи со Израел поради војната во Појасот Газа. 

Петро претходно го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и повика Колумбија да се приклучи на тужбата за геноцид на Јужна Африка против Израел пред Меѓународниот суд на правдата.

„Овде пред вас, владата на промени, претседателот на републиката, најавува дека утре ќе ги прекине дипломатските односи со државата Израел, затоа што има влада, затоа што има геноциден претседател“, нагласи синоќа Петро во Богота на собир по повод Меѓународниот ден на трудот. Светот не може да биде слеп пред настаните во Газа, нагласи тој. /МИА

притисни ентер